Иако во изминативе 12 години се испечатени учебници за околу 300 предмети, сепак голем е бројот на стручни предмети по кои учениците воопшто немаат учебник, бидејќи воопшто не се напишани. Несериозниот однос кон ова прашање ја наметнува дилемата какви генерации завршуваат и какви знаења усвојуваат, кога целиот процес од четиригодишно образование го поминуваат без книги од кои треба да учат
Фактот дека македонските средни стручни училишта со децении немаат учебници по клучни стручни предмети, а завршуваат цел процес од четиригодишно стручно образование, не е оправдување за институциите да не почнат да го решаваат. Иако во изминативе 12 години се испечатени учебници за околу 300 предмети, сепак голем е бројот на стручни предмети по кои учениците воопшто немаат учебник, бидејќи воопшто не се напишани. Несериозниот однос кон ова прашање ја наметнува дилемата какви генерации завршуваат и какви знаења усвојуваат, кога целиот процес од четиригодишно образование го поминуваат без книги од кои треба да учат. На овој проблем нашиот весник му посвети серијал од неколку текста пред крајот на првото полугодие. Но бидејќи зимскиот распуст е и време кога надлежните имаат повеќе простор и за практични потези и мерки, за да се надмине проблемот или барем да се ублажи, се одлучивме повторно да го актуализираме прашањето.
Дотолку повеќе што сите досегашни анализи покажуваат дека на македонското стопанство и економија им требаат токму добро обучени и квалификувани кадри од средните стручни училишта, кои потоа брзо ќе можат да се вклопат во производствените и технолошките процеси. Но тоа не е можно без книги, како првичен и основен алат во нивната наобразба и насочување по завршувањето на основното образование. Од истражувањето на „Нова Македонија“ на оваа тема, по низата разговори со професори, директори, одговорни во институции, дојдовме до неколку опции што можат да бидат решение на проблемот, а за кои раководните лица во Министерството за образование и наука треба да размислат и кои треба да ги применат. Зимскиот распуст е совршено време за разгледување на можностите.
Во согласност со сегашниот закон, професорите не смеат да користат странски преводи, затоа што материјалот мора да соодветствува со наставната програма. За предметите за кои нема одобрено учебник, препораките на надлежните се наставниците да најдат начини како да го предадат материјалот, да бидат креативни. Но тоа не е оправдување за нивниот несериозен третман на проблемот со непостоењето на учебници за најосновни предмети во стручното образование
Едно од решенијата се измени на Законот за учебници, во насока на тоа авторските права да им се вратат на издавачките куќи. Исто како што беше во минатото, издавачите би се грижеле за целиот процес за изработка на учебник, а не Министерството, како што е сега. Издавачите би ги договарале и хонорарите за авторите, нешто што сега е проблем, бидејќи висината на сумата што ја нуди државата е демотивирачка (во просек околу 2.000 евра), што е причина речиси никој да не се пријавува на огласите за изработка на ракописи. За професорите-автори срамно низок е хонорарот што им е понуден за авторските права и вулгарен е целиот процес на набавка на учебници во Македонија. Со години многу малку се платени авторите за нивниот труд, што е голема демотивација тие воопшто да се пријават на конкурсите за изработка на учебник. Со парите што ги добиваат, околу 2000 евра, тие треба да платат лектор, техничка подготовка и илустратор и плус во истата сума се и парите за авторски хонорар. Исто така, голем проблем е што за некои струки воопшто нема потенцијални автори на учебници. Автори нема од текстилната струка, од здравствената, кожарската струка, медицинската, сообраќајната.
Измените што ги најавија во Педагошката служба се однесуваат на тоа Министерството за образование и наука да не ја игра повеќе улогата на издавач, да не ги има авторските права, туку идејата е да им се вратат авторските права на издавачките куќи, како што беше во минатото. Во таков случај тие би ја имале одговорноста за процесот, а Министерството за образование и наука би било филтер што мора да се помине.
Друго решение може да бидат прирачници, кои секако би се правеле со дозвола на Министерството за образование и наука. Бидејќи целиот процес на изработка на учебник е сложен и долготраен, исто така, една од можностите е државата еднократно да им плати за авторските права на професори-автори, кои би изработиле прирачници од кои учениците ќе можат да учат, за наставата да биде покриена со основна литература. Се разбира, при изработката ќе се внимава материјалот да биде во согласност со наставниот план и програма, а прирачниците – одобрени од Националната комисија за учебници и другите надлежни во Министерството. Ова веќе го направија образовните власти во Србија, односно тамошното министерство обезбеди за учениците прирачници за средните стручни училишта по вкупно 900 предмети за кои нема учебници.
Ова како привремено решение е добра мерка, бидејќи на тој начин учениците ги имаат потребните материјали од кои можат да учат. Тие прирачници што би ги пишувале професорите може дури и да не се печатат, за да се избегнат трошоци и за печатење. Може да ги има само во електронска верзија и тие едноставно да се постават на веб-страниците на училиштата. На овој начин генерации ученици би имале можност бесплатно од Интернет да користат материјал за учење, предвиден со наставниот план и програма.
Во согласност со сегашниот закон, професорите не смеат да користат странски преводи, затоа што материјалот мора да соодветствува со наставната програма. За предметите за кои нема одобрено учебник, препораките на надлежните се наставниците да најдат начини како да го предадат материјалот, да бидат креативни.
Но тоа не е оправдување за нивниот несериозен третман на проблемот со непостоењето на учебници за најосновни предмети во стручното образование. Конечно, проблемот може да се реши многу брзо и лесно, но само ако има малку повеќе добра волја и секако решителност меѓу професорите, надлежното министерство и раководствата на училиштата во кои недостигаат учебници. Има ли волја и решителност, ќе се види многу брзо.