проф. д-р Митко Б. Панов
Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања ја заокружи четвртата средба на 20 февруари, со постигнување договор за заедничко одбележување на избрани историски личности од средновековието. Министерството за надворешни работи на Бугарија официјално информира дека комисијата ги усогласила текстовите со предлози до двете влади „заеднички да се чествуваат Климент Охридски и Наум Преславски, како и цар Самуил, како значајни личности во нашата заедничка историја од времето на средновековната бугарска држава“. Одговор на тоа што седумтемина македонски колеги конкретно се согласиле даде министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, која истакна дека првпат по 80 години, историчари од Македонија конечно признаваат дека државата на Самуил била „средновековна бугарска држава, а не Самуилова или каква било друга држава“, а Самуил бугарски владетел. Како, всушност, во практика била постигната согласноста ни откри членoт на бугарската комисија, проф. Иван Илчев, кој констатирајќи го отсуството на посериозни научни контрааргументи од страна на македонските колеги, истакна дека „Грците ги лишија од античката историја, а ние со Самуил практично ги лишуваме од основниот темел на средновековната историја…“
Ваквиот епилог беше очекуван, особено поради отсуството на историчари експерти за средновековна историја во македонскиот дел од комисијата. Оттаму, станува разбирливо зошто македонските членови на комисијата, пред да се согласат, не иницирале дискусија за мноштво прашања, вклучувајќи и за непостоењето на пишани или литерарни традиции во османлиска Бугарија за Самуил. Зошто не го поставиле прашањето зошто бугарските преродбеници, почнувајќи од Пајсиј, па до 70-тите години на 19 век, при реоткривањето на „заборавената историја“, го исклучиле Самуил од пантеонот на бугарските средновековни владетели, претставувајќи го како божји грешник што бил сурово казнет лично од бога со испраќањето на византиските војски? Зошто во популарните театарски претстави Самуил ја добил улогата на грд и омразен Ерменец? Зошто во експресиите на бугарските уметници од 19 век Самуил не го зазел местото меѓу средновековни бугарски национални владетели, како Аспарух, Крум, Борис, Симеон, Асен? Или зошто Марин Дринов дури во 1875/1876 г. се зафатил со разјаснување на „темните прашања“ поврзани со Самуиловата држава?
Научно аргументираниот одговор на овие истражувачки прашања го дава историскиот контекст, тесно поврзан со рускиот проект за голема Бугарија. Русија била таа што на средината на 19 век го иницирала реактуализирањето на Самуил за потребите на својата пансловенска политика во Македонија и директно влијаела врз конструирањето на бугарскиот национален наратив, кој бил адаптиран за потребите на бугарската држава формирана во 1878 г. Неостварените територијални амбиции во однос на османлиска Македонија, а не потребата за поврзувањето на предмодерниот етнос со Самуиловата држава, биле факторот што ја иницирал тенденцијата за присвојување на Самуил и на неговата држава по 1878 г. Преку присвојувањето на реоткриениот Самуил, во екот на пропагандите во Македонија, балканските националисти всушност настојувале да обезбедат легитимитет на историското право на македонската територија, со претензии да ја проектираат и етничката „припадност“ на населението. Заеднички именител за сите нив бил фактот што Самуил бил восприеман и третиран како нераздвоен историски синоним за Македонија, што, пак, за грчките националисти нашло погодна почва за реактуелизација на легендата за Василиј Втори и проектирањето на средновековниот судир во современите територијални аспирации кон Македонија.
Историографскиот судир за Самуил, а преку тоа за територијата на Македонија, кулминирал за време на Балканските војни, а продолжил и во Првата и Втората светска војна. Самуил станал инспирација и непосреден израз на стремежите за ослободување на Македонија, што нашло непосредна рефлексија и во Манифестот на АСНОМ до македонскиот народ од 1944 г., каде што биле вградени историските фундаменти на „првата по Самуила македонска држава“. Се сомневам дека комисијата се осврнала и на посведочениот факт дека историскиот контекст на државноста на НР Македонија, како дел од Југословенската Федерација, бил признаен од самата бугарска влада, која oд 1946 г. официјално се откажала од „бугаризацијата“ на Самуил, квалификувајќи ја како политика на поранешниот „големобугарски шовинизам“. Притоа, бугарската влада наложила промена на учебниците во пиринска Македонија, со насоки Самуиловата држава да се изучува како дел од македонската историја. Дали актуелната комисија го отворила и прашањето за стенограмите од ЦК н БКП од 60-тите години од минатиот век, за фактот што бугарското раководство ja разгледало можноста „да им го дадеме Самуил“, за сметка на политичките отстапки за други личности од историјата на Македонија? Дали бил земен предвид и фактот што историографскиот судир за Самуил што следувал, бил директно поврзан со „македонското прашање“ и детерминиран од политичките релации на Советскиот Сојуз со Бугарија и со Југославија, исто како и ревизијата на Југословенскиот историографски консензус за „Самуиловата македонска држава“, која настапила по распадот на СФРЈ.
Дали членовите на комисијата се запрашале зошто византиските автори современици на Самуил не ја идентификувале Самуиловата држава како бугарска, туку ги користеле термините Скити, Мизи или варвари и притоа воопшто не го евидентирале Самуиловото име? Зошто на епитафот на Василиј Втори, кој требало да ги овековечи императорските триумфи на Балканот, непријателите од Самуиловата држава биле означени како Скити? Дали се запрашале дали воопшто постои изворен податок што ќе посведочи како Самуил се идентификувал себеси или неговата држава, што важи и за поданиците како историски субјекти? Зошто не истапиле со аргумент дека тоа претставува подоцнежен проектиран историографски конструкт, исто како и наводното Самуилово повикување на царските традиции на бугарското царство за сопствено легитимирање, за што нема директна изворна потврда. Зошто не ја зеле предвид можноста дека термините „Бугарија“ и „Бугари“ како проектирано означување за Самуиловата држава биле византиски терминолошки конструкт од Василиј Втори по ликвидирањето на државата во 1018/1019 г., а во функција на креирање фиктивна претстава за континуитетот на идеолошката супремација на Византија, која во реалноста не постоела? Дали, пред да го „определат“ етничкиот идентитет на Самуил, се запрашале зошто единствениот изворен податок за неговото ерменско потекло, критички се третира во современата историографија како субјективна националистичка перспектива на Степан Таронски? Во тој контекст, дали може да се третира Битолскиот натпис, како што тоа го прават бугарските колеги, како своевиден Curriculum Vitae на Јован Владислав, со далекосежни претензии за докажувањето на етничкиот идентитет на Самуил, на Самуиловата држава, како и на луѓето што ја населувале Македонија? Дали треба безрезервно да се прифати веродостојноста на Битолскиот натпис и датирањето од почетокот на 11 век или, како модерни истражувачи, треба критички да се однесуваме кон интерпретацијата на натписот, со оглед дека значителната оштетеност на текстот го сведува неговото читање во сферата на модерната имагинација!
Ова се само мал дел од многубројните истражувачки прашања за Самуиловата држава што ги рефлектираат спротивставените интерпретации во византиската и балканската историографија, а кои се адресирани во мојата монографија The Blinded State.
Historiographic debates about Samuel Cometopoulos and His State (10th-11th Century), која кон крајот на март треба да биде публикувана во академската издавачка куќа „Брил“. Поставените прашања во монографијата неминовно ќе испровоцираат и иницираат научна дебата за променливоста во интерпретирањето на Самуил и неговата држава во балканските наративи од 10 век па до денес. Ако не во комисијата, тогаш сигурно меѓу научните кругови на Балканот, во Западна Европа и светот. Само со научно фундирани аргументи и пошироки историографски дебати, а не со догматизирање на историската вистина, можеме да градиме научни мостови, пријателски и добрососедски односи на Балканот. Моите пријателски и професионални релации со бугарските и балкански колеги само го потврдуваат тоа. Самуил може да стане споделена историска фигура за македонската и за бугарската нација, единствено доколку разбереме и признаеме дека националните наративи и митови за овој средновековен владетел се конструирани по 1878 г. и се директно и нераздвојно поврзани со Македонија и со решавањето на македонското прашање! Исто така и доколку констатираме дека легендите и традициите за Самуил изворно настанати и негувани во државното јадро околу Преспа и Охрид се споделуваат и од други балкански држави, независно од наративната интерпретација. Погледнато од современата перспектива на 21 век, кога слободната научна мисла претставува основен двигател на севкупниот прогрес, никој, а најмалку научниците, не смее да остане нем на тенденциите за затворање на дискусијата околу историските теми за Самуил и за средновековието, со едноставно некритичко прифаќање на историографските конструкти од 19 век!
Авторот е редовен професор во Институтот за национална историја – Скопје