Познатиот готвач Ентони Бордејн, кој се прослави известувајќи од разни делови на светот, постхумно беше награден со шест награди „еми“ за својата патеписно-кулинарска емисија „Непознати предели“.

Серијата беше наградена во четири категории, а самиот Бордејн доби две постхумни статуетки – за сценарио за документарна програма и за информативна емисија. Токму наградата за сценарио е особено значајна за екипата од серијата.

– Тони беше номиниран за оваа награда „еми“, но никогаш не ја доби. Многу ја посакуваше. Затоа ја примам со задоволство, измешано со горчина – истакна продуцентката Лидија Тенаљи.

Последните седум епизоди од шоуто ќе бидат емитувани на Си-ен-ен од 23 септември. Ентони Бордејн изврши самоубиство на 8 јуни годинава, на 61-годишна возраст, во Франција, каде што ја снимаше последната сезона од емисијата.