Веќе подолго време се анализира, пишува, констатира, укажува и се даваат одредени мерки и насоки во однос на демографските состојби во нашата земја, но ефекти не се постигнати. Да напоменам дека покрај низа донесени документи и препораки како што се двете стратегии ,,Резолуција за миграциската политика на РМ, 2009-2014 и 2015-2020“, иако поминаа веќе девет години, констатацијата е дека истите тие не го постигнале предвиденото. Покрај наведените две стратегии што се објавени и во „Службен весник на РМ“, постојат и низа други документи и закони што имаат допирни точки со демографските појави во земјава. Да не говорам пак и колку финансиски средства се потрошени. Но во овој момент не ми е целта да ги коментирам истите тие туку врз основа на претходните податоци за природното движење на населението во 2017 година по направената анализа да ја прикажам состојбата во земјата и тоа на ниво на држава, региони и на општини.
Познато е дека во земјава постојат осум региони во кои се распоредени 80 општини и 1.767 населени места. Каква е состојбата со истите тие во однос на природното движење на населението преку наталитетот или бројот на живородени деца како и на умрени лица во 2017 година ќе проанализирам во натамошниов текст.
За разлика од повеќето земји, а посебно соседните, кои веќе со години имаат негативен природен прираст на населението (Бугарија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина) ние сѐ уште имаме позитивен природен прираст на населението и во 2017 година изнесува 1.420. Меѓутоа во 2016 година истиот тој изнесуваше 2.581 или значи дека тој е намален за 1.161. Анализираните податоци говорат дека од година на година природниот прираст на населението се намалува и тоа како резултат на намалениот наталитет или бројот на живородени деца и зголемениот број на умрени лица. Така што бројот на живородени деца во 2017 година изнесува, според претходните податоци, 21.767 и тој е помал за 1.235 во однос на 2016 година. Бројот на умрените лица во 2017 година изнесува 20.347 и е помал за 74 од 2016 година што придонесе да имаме и повисок природен прираст или зголемување на бројот на населението по природен пат. Претходно веќе напоменав дека во Република Македонија, за разлика од многу други земји, сѐ уште имаме позитивен природен прираст на населението, но сме на прагот за кратко време бидеме во групата со нив.
За разлика на состојбата со оваа појава на ниво на држава, состојбата на ниво на региони не е еднаква што има силно влијание на рамномерниот развој на државата. Тоа значи дека сите активности од која било сфера (образование, детска заштита, инфраструктура, култура, здравство итн.) на ниво на региони е актуелна за што се бараат и посебна анализа и расправа. Значи, да напоменам дека првпат во 2017 година имаме појава во пет региони да има негативен природен прираст на населението. Тоа значи дека повеќе лица умреле отколку што се живородени деца. За разлика од 2017 година во 2016 година ваква негативна појава имаше само во три региони. Заради добивање целосна претстава каде се и кои се тие региони би ги навел истите тие, а тоа се: вардарскиот, источниот, пелагонискиот, југоисточниот и југозападниот. Најголем негативен природен прираст има во пелагонискиот регион 909, потоа следуваат источниот со 470, југоисточниот со 135, вардарскиот со 107 и југозападниот со 19. За разлика од нив, во скопскиот регион имаме зголемување од 2.011, полошкиот 867 и североисточниот за 182. Во однос на бројот на живородени деца за одбележување е дека само во два региона, скопскиот и полошкиот, имаме повеќе од 51 отсто живородени деца односно во скопскиот има 7.804 и во полошкиот 3.293 или реков само во овие два региона вкупно се 11.097 од вкупно 21.767 лица.
Што се однесува на бројот на умрените лица најмногу ги има во скопскиот регион 5.790, пелагонискиот 3.090 и полошкиот 2.426 или вкупно 11.300 од вкупно 20.347 или тоа е повеќе од 50 отсто само во три региони.
Доколку сакаме, пак, да знаеме каква е состојбата по општини добро е прво да знаеме колку општини има во секој регион и какви се демографските движења во истите тие. Вардарскиот регион има 9 општини од кои во 6 има негативен природен прираст на населението, пелагонискиот од 9 во 8 општини, североисточниот од 6 во 4, источниот од 11 во 10, југоисточниот од 10 во 6, југозападниот од 9 во 6, полошкиот од 9 во 2 и во скопскиот од 17 во 2 општини. Сето ова собрано на куп значи дека во 44 општини во Република Македонија има негативен природен прираст на населението или тоа се 55 отсто од општините. Но доколку се погледнат податоците за другите општини, во околу десетина бројот на позитивниот природен прираст е доста низок и затоа тие од година на година се позитивни или негативни. Со овие општини околу 63 отсто од општините во земјава се со негативен прираст. Наведената појава по општини е индикативна и за посебно набљудување затоа што во околу 30 општини анализирани по квартали, континуирано имаат или покажуваат негативен природен прираст на населението односно во текот на целата година. Кај истите општини со години да не речам со децении е присутен негативниот природен прираст на населението. За разлика од нив во општините: Тетово, Чаир, Сарај, Студеничани, Арачиново, Липково, Куманово, Желино имаме висок прираст на населението.
Наведените состојби по направените анализи со претходните резултати за природното движење на населението во 2017 година само го потврдуваат сето она што го имам констатирано и многу поодамна со години. Од тие причини како и досега и сега само апелирам и укажувам на тоа што поитно да се преземат нови мерки во однос на демографските движења на населението во државава. Тоа значи дека во поединечни региони и општини демографските анализи покажуваат дека се соочуваме со драматично намалување на населението. Но бидејќи веќе 16 години немаме спроведено попис на населението, а за надворешните миграции односно за актуелната и позната појава за иселувањето од земјава и се нема официјални податоци, тешко може да се работи. Во тој контекст жалосно е што во државава немаме процени за населението, кои се целосни и квалитетни, а особено за седум скопски општини за кои се нема податоци за изминатиот период, освен оние од пописот на населението од 2002 година. Значи изминуваат веќе 16 години, а за тие седум општини немаме процени колку население имаат. Ова го посочувам исто така со намера да кажам дека многу активности се вршат во државава, а податоци за сето тоа нема. Како се решаваат активностите без податоци или со застарени податоци треба друг да каже.
Скоро во сите земји постојат и проекции на населението како тоа ќе се движи во подолг временски период. За жал, во нашата земја и ако тоа се предвидуваше и стоеше во програмите за работа на надлежната институција, тоа не се направи. Направени се проекции на населението до 2020 година, кои секако се со податоци од претходен попис и кои веќе губат вредност и веродостојност. Истите тие се направени во периодот кога бев директор со тим што го формирав од надворешни соработници и вработени во Заводот за статистика. Тоа беа и први изработени проекции на населението во и за Република Македонија и засега последни што самостојно ги изработи заводот. Претходно истите тие во поранешна Југославија ги правеше Сојузниот завод за статистика.
Познавајќи ги состојбите во Република Македонија од сферата на демографијата во подолг временски период целосно и тоа каде има демографска концентрација, а каде демографска депопулација, сметам дека добро е, а и сѐ уште не е доцна, надлежните институции и тоа Македонската академија на науките и уметностите, Владата на Република Македонија, граѓанските организации и други асоцијации да седнат и да се договорат и навремено иако малку задоцнето да направат нешто за доброто на нацијата. На крајот секако и поодамна предложив и сега предлагам под итно да се формира институција која тековно и активно ќе се занимава со оваа проблематика, ќе ги следи тековно состојбите и тековно предлага мерки и активности.
(Авторот е демограф и поранешен директор на Државниот завод за статистика)