Ако во култниот српски филм „Ко то тамо пева“, дотраениот автобус на фирмата „Крстиќ и син“ е симбол на распаѓањето на еден систем и начин на живеење, на почетокот на Втората светска војна во Белград, прашањето што се наметнува е што би можел да симболизира јавниот превоз во Скопје
Тешко на оние што во Скопје мораат да користат јавен градски превоз. Ниту е брз и ефикасен, уште помалку удобен и пријатен. Тешко им е на скопјани и поради низа други причини што постојано ги одвраќаат од помислата да влезат во автобус. Најпрво поради нехигиенските услови во голем дел од возилата што учествуваат во јавниот градски превоз. Речиси им стана навика на патниците најпрвин добро да погледнат дали седиштето е замастено или е чисто за да одлучат дали да седнат. А какво и да биде, кога многумина наутро токму на тие седишта веќе го изеле својот бурек. Не се среќни ниту оние што веќе избрале чисто седиште да седнат, бидејќи внимаваат да не се допрат до извалканите ѕидови на возилото и прозорски стакла. Најголем број приватни автобуси се валкани како однатре така и однадвор само затоа што приватниците што учествуваат во јавниот градски превоз не сакаат да трошат пари за одржувањето на хигиената на возилата. Што до некаде е и разбирливо, бидејќи иако се ангажирани од градот немаат право да ги користат мијачниците на јавното сообраќајно претпријатие. Сопствениците на автобусите не ги интересираат ниту ширењето зарази ниту опасноста по здравјето на патниците. Така е и во зимски и во летен период. Неважно им е дали грипот масовно се шири или, пак, од неисчистените држачи ќе се пренесат кожни заболувања меѓу граѓаните.
И уште сега, при релативно ниски надворешни температури, кога уште не пристигнале добропознатите тропски горештини, патниците во автобусите на јавниот градски превоз се капат во сопствената пот. Нема клими, нема ниту прозорци што можат да се отворат за да влезе воздух, па ако се патува на подолга релација, колапсот често е неизбежен. Секој ден патниците коментираат дека градот не прави ништо за им го подобри јавниот градски превоз на скопјани, а прокламира што помасовно негово користење заради намалување на сообраќајниот метеж и на загадувањето на воздухот. Како да се возат во застарени, несигурни, неклиматизирани и валкани автобуси? Не се стари само автобусите на приватните компании, кои имаат еуро 2 мотори, бидејќи во сообраќајот сѐ уште се старите „саноси 115“, произведени во фабриката „11 Октомври“ во далечната 1989 година, на ЈСП. Неодамна стар автобус во Шуто Оризари ќе прегазеше дете, а сѐ уште се истражува дали откажале кочниците на автобусот или причината е нешто друго. Новите, пак, се расипувале, па наместо нив, пуштале стари возила за да не се наруши редот на линијата.
Од друга страна, и во старите и неклиматизирани и во поновите украински и кинески автобуси, граѓаните плаќаат иста цена и покрај огромната разлика во квалитетот на услугата. Нека не се чудат градските власти што и сега, кога веќе почнаа годишните одмори, булеварите се преполни со автомобили, иако во нив се забележува само по еден човек. Сите тие граѓани не сакаат да помислат да користат јавен градски превоз, кој, покрај сето претходно, е бавен и нередовен за време на викендите. Скопје нема брзи трамваи и навистина е мачно кога мора да се патува на подолга релација, а уште полошо е кога мора да се променат два автобуса. Со години ништо не е променето, исти линии, кои сообраќаат по населбите, иако Скопје урбанистички порасна многу и со тоа го зголеми и бројот на жители. Не се воведуваат нови автобуски линии за да ги растоварат другите, на кои постојано возат преполни автобуси. Дали тоа значи дека сите процени се прават само врз основа на рентабилност и заработка, а не во полза на граѓаните?
Освен тоа, речиси и не се променети навиките на возачите, кои често знаат и да си поигруваат со патниците, прво им даваат знак дека ги чекаат да се качат, а потоа пред нос им ги затвораат вратите и ги оставаат на станиците, уживајќи во гестот.
Сѐ на сѐ, маките на патниците се големи. Тие неретко и по еден час висат по станиците, чекајќи автобус, како да не живеат во метропола, туку во некое заборавено село. Се сеќавате на култниот српски филм „Ко то тамо пева“, кога дотраениот автобус на фирмата „Крстиќ и син“ тргнува за Белград. Така некако личи и патувањето на скопјани со автобусите на јавниот градски превоз, особено на некои линии каде што во континуитет сообраќаат стари и распаднати возила, кои често патем и се расипуваат. Ако во култниот српски филм, стариот и растурен автобус е симбол на распаѓањето на еден систем и начин на живеење, на почетокот на Втората светска војна во Белград, прашањето што се наметнува е што би можел да симболизира јавниот превоз во Скопје. Веројатно градските власти би требало да си го постават прашањето. Јасно дека за алтернативи во јавниот градски превоз се потребни и време и пари. За долговетуваното метро рекоа дека е речиси невозможно поради појавата на подземните води, а се разбира, тука се и финансиите.
Трамвајот одамна остана само пуста желба. Не се офајдивме ниту од набавката на новите украински и кинески автобуси. Всушност, страшно е што работата дошла дотаму, па морало од новите панорамски автобуси да се извадат деловите за да се оспособи дел од расипаните новонабавени автобуси. Останува да видиме дали идејата да се набават нови електрични и автобуси на гас ќе се реализира и дали со тоа дефинитивно ќе се реши проблемот. Но, и во меѓувреме, за надлежните има работа што не трае долго и за која не се потребни многу пари. Иако сите засегнати посакуваат модерен градски превоз, до конечно остварување на оваа желба сепак би можело и да се направи нешто во однос на подобрување на мрежата на линиите и на нивната точност, безбедноста и хигиената на возилата и во однесувањето на возачите, што веројатно би било добар поттик и за промени во однесувањето на патниците.