Биолозите објаснуваат дека богомолките се типични жители што се застапени во градската средина и не се опасни. Исто така, истакнуваат дека не се знае како влијаат дезинсекциите врз богомолките затоа што нема истражувања поврзани со нив

Средството со кое беа извршени неколкуте аеросолни и теристични дезинсекции, кои ги направи градот Скопје, изгледа не ги уништува сите инсекти. Ако е отровно за комарците, тогаш не е убиствено за некои други, како на пример за богомолките. Граѓани тврдат дека сѐ почесто во своите домови забележуваат богомолки. А биолозите, пак, објаснуваат дека тие се типични жители што се застапени во градската средина и не се опасни. Исто така, не се знае како им влијаат на богомолките дезинсекциите затоа што нема истражувања поврзани со нив.

Според биолозите, овој инсект има впечатлив изглед. Начинот на движењето во комбинација со елипсовидните очи и долгите предни нозе, на богомолката ѝ дава вонземски изглед. За некои интересни за други страшни, богомолките, иако се предаторски вид инсекти, сепак се мошне пријателски расположени спрема луѓето.

– Богомолките се голем ред инсекти со над 2.000 вида и можат да се најдат секаде низ светот. Овие мали и најчесто зелени инсекти го имаат добиено своето име по нивниот став и позицијата на предните нозе, која ја имаат додека телото им е делумно исправено и дава приказ на молење – вели биологот Кирил Арсовски.

Тој додава дека богомолките влегуваат во групата на крупни инсекти во однос на европската фауна на инсекти. Тие се предатори и се хранат со ловење помали инсекти, а некои тропски видови и со мали влечуги, па дури и мали птици.

Богомолките не се отровни инсекти. Општата јавност има тривијално познавање околу богомолките, па често доаѓа до погрешно толкување на нивното присуство. Често луѓето не ги препознаваат и ги идентификуваат со скакулците или штурците.
Граѓани кажуваат дека богомолките ги забележуваат низ централното подрачје, општините Лисиче и Ѓорче. Ги забележуваат во своите домови, но и надвор во зеленилото.

– Живеам во Центар и чудно ми е што ги забележувам зачестено годинава богомолките. Во рок од една недела забележавме три богомолчиња. А знам и за други луѓе во Скопје, кои живеат во Лисиче и Ѓорче и периодов исто така зачестено гледаат богомолки. Јас моите ги најдов дома, а моите пријатели велат дека ги виделе и надвор – вели жителка од општината Центар.

Биологот Арсовски, пак, вели дека богомолките се космополитни видови, што значи се чести градски жители. Додава дека во Македонија не постои научна институција или служба што постојано ја следи состојбата на биодиверзитетот во градовите, па немаме извештај за состојбата на популацијата на богомолките. Затоа е тешко да се утврди дали се намалуваа или се зголемува нивниот број.

– Сѐ уште не постои истражување кај нас, кое би упатило како влијаат урбаните дезинсекции на другите видови инсекти, но сигурно ако не влијаат директно врз богомолките, тогаш сигурно ја намалуваат достапната храна за нив – појаснува Арсовски.

Богомолките се впечатливи по својот долг врат, предни нозе со кои го фаќаат пленот и двете големи елипсовидни очи. Биолозите велат дека овие инсекти никогаш не прават грешки и секогаш мислат пред да направат потег и да нападнат. Женката понекогаш го јаде својот партнер по парењето или можно е да му ја одгризе главата при чинот на парење. Во некои култури богомолките се сметаат за духовни животни. Доколку се забележи нивното присуство се сфаќа како знак за добра среќа.