Осврт кон „Љубените – сеќавање на еден заеднички живот“

Натали Рајчиновска Павлеска

Во рамките на десеттото издание на филмскиот фестивал „Македокс“, во „Чифте-амам“, беше отворена изложба на фотографии насловена „Љубените – сеќавање на еден заеднички живот“. Автори на изложбата се Билјана Гарванлиева, Мануел Цимер и Тим Дојсен.

Соочувањето со уметност, која непосредно и корозивно го допира оклопот на нашата засолнета удобност, може да биде навистина неочекувано и авторефлексивно искуство, да нѐ запраша дали сме доволно подготвени да ја прераскажеме и скицираме средбата со делото што колку пати и да го погледнеме, изгледа по малку нестварно. Во сета таа привидна нестварност, обидите да се задржиме на уметничкото и да го занемариме фактот дека контекстот во кој тоа е генерирано е всушност суровата вистина за која вообичаено сме неподготвени да ја осознаеме, „Љубените“ претставува преполно со содржина автобиографско уметничко патување од кое ние неминовно стануваме дел, согледувајќи ја неговата каузална присутност.

Во содржината на изложените фотографии – принт на форекс во речиси реални човекови пропорции (150 см х 100 см), Тим Дојсен ги документира последните часови од заедничкиот живот на двајцата документаристи, сопружниците Билјана Гарванлиева и Мануел Цимер. Нарацијата започнува со реконструкција на нивната прва средба и меѓусебно запознавање, пресретнувањето на авторката и нејзиниот неуморен уметнички дух со состојбата со која таа во тоа време се соочува (значењето на болеста во нејзиниот живот и уметничка дејност) дел од нив меморирани преку фотоапаратот на Јован Балов, додадени преку техника (АР) проширена реалност (Тим Дојсен) како второстепено раскажувачко дејство. Несомнено е дека фотографиите носат силна емотивна содржина, пред која секој гледач ќе ја почувствува сопствената треперлива природа, соочен со тивките воздишки и реминисцентни разделби пред она што значи живот во последните денови од постоењето на овој свет. Но она што може уште посилно да се почувствува е екстензија на животната енергија, пред сѐ творечка, која е врежана во оваа епитафна серија документарни записи.

Што откриваат навистина овие фотографии, освен содржината што експлицитно се наметнува, е прашањето што се одмотува зад визуелното, зад перцептивното. Билјана Гарванлиева е значаен уметник за македонската документарна кинематографија, чие творештво е обележено низ многубројна продукција на кратки филмови, во кои неуморно се преиспитуваат основните хумани вредности наспроти брзината со која се наметнува капиталистичкиот импакт врз секојдневните интимни („Тобако девојка“, 2014 г.) и колективни човекови судбини („Шивачките“, 2010 г.). Референцијалниот опсег во кој авторката во минатото се движи уредувајќи ги своите филмови (сценарио и режија) перпетуира околу прашањата за идентитетот, општествените промени и новонастанати транзициски состојби во кои поединецот е немоќен да се справи како дел од државните стратегии и методи за зајакнување на инфраструктурата врз грбот на социјалниот работник. Преку портретирање реални избрани ликови, авторката го допира прашањето за кохабитација во семејното опкружување и антагонистичкиот однос на поединци предодредени да живеат во традиционално омеѓени средини.

Последниот документарен филм („Тетовски самрак“, 2019 г.), прикажан на филмскиот фестивал „Македокс“ како колаборативно дело на двајцата автори, Б. Гарванлиева и М. Цимер, е проект што е завршен посмртно. Според Цимер, од исклучителна важност е мисијата за довршување и реализација на нивните неодамна започнати проекти. Меморирањето на неизбежните пресретнувања на човекот со неговата судбина е значаен дел од креативниот творечки процес во последните денови на Гарванлиева, како сведоштво за трансцедентната енергија што ги минува границите на можното искуство и останува да живее во нејзините дела. Таа се врежува како протагонист во сопствената документаристика, исклучително храбро и невообичаено патувачко искуство низ животот и неговите мемоари. Разголувањето на најинтимниот внатрешен непокор е последователно редуциран на кратки миговни средби, прегратки и неми дијалози, во кои е евидентен спокојот во погледот и лицата на двајцата портретирани, преку реконструкција на некои од најдобрите заеднички семејни моменти. Динамична по својата природа, Гарванлиева не потклекнува на извесното бреме што надоаѓа, таа ги интензивира умствената и духовната битка, наспроти физичката немоќ да се справи со она што надоаѓа. „Портретот бр.7“ ја прераскажува важноста за истрајност на духот да се справи преку „танц и придружба на други жени“ во таа борба. Во „Портретот бр.8“ е забележлива дисторзија на временскиот тек на кратките последователни наративи, со прекршување на реалната, рационална димензија на „замрзнатото“ време на фотографијата, заменетa со временскиот тек на еден „АР видеоклип“ што го оживува времето кога портретот бил направен.

Средбата со овие фотографии, истиснува кај набљудувачот чувство за соочување со бруталните вистини произлезени од човековиот живот, и би требало да служи за потсетување да не остане во заборав важноста на моментот што го живееме. И покрај тоа што целосната слика на одмотувањето на „време-слика“ тек на настаните во овој снимен процес говори за дедуктивен ликовен јазик, или кинематографско разложување на едно сценарио, сепак повпечатливи се колаж и асемблаж-техниката на темпорални траења (АР процедура) и замрзнатите слики (фотографски записи).

Преку внимателно избрани конјуктури на медиумски трансмитери, релацијата со гледачите е суптилно воспоставена, имајќи ја предвид директноста на содржината и нејзиното наметливо влијание, кое неизбежно ја интензивира имедијантната преносливост на пораката, авторскиот сензибилитет ја регулира истата таа, со потсетување дека уметникот е тој што стои зад ова автобиографско сценарио. Во последната серија „Портрети 9-11“, авторката ја продолжува играта на животот во која е експонирана женската кревка природа и немоќ за соочување со надојдените моменти, мигови и духовни состојби во кои сигурно се потпира на својот животен сопатник. Драматична е сликата што го доловува погледот во нејзините очи, наклонета врз својот партнер, метафорично присвојувајќи го концептот јинг-јанг, познат како дуализам во античката кинеска филозофија, опишувајќи како навидум спротивните сили (животот што продолжува и животот што замира), всушност, можат да бидат комплементарни, меѓусебно поврзани и меѓусебно зависни во природниот свет и како тие си позајмуваат енергија еден на друг бидејќи се во внатрешна меѓусебна интеррелација. И покрај тоа што овој албум на семејни фотографии ја документира интимната реална животна приказна на двајца луѓе, тој ги допира универзалните теми на љубовта, животот и смртта.

Портретот на Гарванлиева е повеќе од монументален, горката вистина сурово е фрлена пред нашите очи, без посредништво, без медијација, гледачите се соочени со она што значи неподнослива блискост со реалноста. Од она што е видливо знаеме дека таа спокојно се соочува со иронијата на животот, со минливото и со долготрајното, со недоволноста да се опишат само спојувањето и раздвојувањето, со заедничкото и автопоетичноста на посебното, наспроти нашата привремена блискост со она што значи тука и сега. Ова дело претставува животопис на една човекова вистина, изместување на секојдневните парадоксални потреби за битисување на овој свет, отчет и доследност пред културните вредности, стамено вградување во јазолот на постоењето и остатоците од животот. Оттука, највисоко може да се валоризираат авторскиот импетус и смелост за соочување со уметничкото во себе, со единственото чувство што овозможува незаборав, сродувањето со виталноста и вербата во творечката енергија.