Францускиот претседател Емануел Макрон со право е загрижен за распадот на глобалниот систем за контрола на оружјето и за сојузот меѓу Русија и Кина. Но ако се земат предвид поделбите меѓу Русија и ЕУ за основните вредности, нема причина да се верува дека нивните односи може наскоро да се подобрат
Иако Европската Унија и Русија се дел од ист континент, тие немаат многу заеднички работи. Всушност, Русите допрва треба да одлучат каде е нивната земја во светот. Најголемиот дел од руската територија е во Азија, но над 70 отсто од Русите живеат западно од Урал. Русите немаат интерес да се здружат со Источна Азија или со исламскиот југ, па нивниот единствен избор е да продолжат самостојно или да се ориентираат кон Европа.
Но индивидуалниот пат е ризичен. Русија е нуклеарна сила, но сепак опаѓа демографски, економски и технолошки. Земјата сè уште најмногу заработува од извозот на нафта, гас и други производи, со што тешко може да го одржи статусот на суперсила во 21 век. Сѐ поголем е ризикот таа да стане помал коалициски партнер на Кина.
Единствената алтернатива е Европа. Но двете страни се заробеници на историјата. Спомените за угнетувачката власт во времето на царевите и Советскиот Сојуз остануваат свежи во Централна и во Источна Европа, а особено во Полска и во балтичките земји. Анексијата на Крим и воената операција на рускиот претседател Владимир Путин само ја зајакнаа недовербата кон Русија во целиот регион.
Односите на Русија со остатокот на Европа се утврдени и од нејзината историја. Осврнувајќи се на распадот на Советскиот Сојуз во 1990-тите, Русија усвои менталитет од 19 век од моментот кога Путин дојде на власт во 2000 година. Руската елита, враќајќи се во царскиот период пред болшевичката револуција, ја смета својата земја за голема европска сила, па дури и за хегемон во случајот со Источна Европа, што директно ја конфронтира со ЕУ.
Идејата на ЕУ е да ги надмине зоните на влијание во Европа, бидејќи тоа е единствениот начин да се спречи враќањето на борбите за превласт и катастрофалните војни што кулминираа во првата половина од 20 век. Сепак, Русија едноставно е преголема за да биде интегрирана во ЕУ (всушност, не е јасно кој со кого би се интегрирал).
Дури и да не е така, Русија, или барем нејзиното раководство, не ги дели вредностите на ЕУ. Освен промовирање на демократијата, судската независност и владеењето на правото, ЕУ се откажа од секаква насилна промена на границите. Географската близина подразбира Русија и ЕУ да ги уредат своите односи на заемно поволен начин, но актуелната војна на Кремљ во украинскиот регион Донбас го прави сето тоа практично невозможно.
Сепак, францускиот претседател Емануел Макрон ги обнови напорите за подобрување на односите меѓу ЕУ и Русија, особено за време на средбата со Путин пред последниот самит на Г7 во Бијариц. Според Макрон, не е во интерес на Европа да ја турне Русија уште повеќе во рацете на Кина или ЕУ да стои настрана и само да гледа како континуирано се распаѓаат американско-руските договори за контрола на оружјето. Во однос на контролата на оружјето, американските и европските интереси не се исти, а актуелната администрација на САД малку се грижи за Европа или нејзините ставови за кое било прашање.
Но напорите на Макрон отвораат многу други прашања. На пример, нејасно е каква улога може да игра Европа во обновувањето на глобалниот режим за контрола на оружјето. Без САД, Европа малку може да ѝ понуди на Русија во однос на прашањето за ракетите со среден дострел. Таа би била заглавена во позиција да се обидува да разубеди две страни што не се многу расположени за постигнување нов договор. Во целата ситуација не се ни спомнува Кина, која исто така разви ракети со среден дострел.
Европа има што да ѝ понуди на Русија економски. Но подобрувањето на економските односи едноставно е невозможно без да се направи напредок во спроведувањето на протоколот од Минск за завршување на конфликтот во Донбас. Не е јасно дали Путин би бил подготвен за такво нешто.
Но вистинскиот проблем меѓу Русија и ЕУ е прашањето за демократијата. Најголемите стравувања на Путин и руската олигархија се дека Мајданската револуцијата од Украина во 2014 година би можела да се повтори на Црвениот плоштад во Москва. Кремљ не го обвинува НАТО за таа можност, туку ЕУ. Реториката против НАТО е испробана и е вистинска пропагандна тактика што ги користи вкоренетите стравови за Студената војна на многу Руси. Но реалната закана пред очите на руската олигархија се ЕУ и нејзиното промовирање на демократијата и владеењето на правото.
Рускиот и европскиот систем се фундаментално некомпатибилни, што претставува контрадикторни вредности и многу различни пристапи кон надворешната и домашната политика. Во 19 век, царска Русија беше водач на Светата алијанса против буржоаските револуции во Европа. Оваа динамика се смени под болшевиците по 1917 година, кога Русија стана колепка на револуцијата. Но под власта на Сталин, таа во суштина се врати на истите цели како царевите, особено во однос на задушувањето на движењата за независност во Централна и во Источна Европа.
Режимот на Путин следи слична патека, враќајќи се во 19 век, градејќи сојуз со Православната црква и поведувајќи напади против „декадентниот Запад“, со тиради против хомосексуалноста и либерализмот. Активната поддршка на Кремљ за нелибералните, националистички сили во Европа и во САД е само еден дел од оваа поголема слика.
Колку и да е пожелно подобрувањето на односите меѓу ЕУ и Русија, тоа нема да биде брзо или лесно. За главните прашања како Украина и демократијата, Европа не смее да отстапи ниту милиметар.
Авторот е бивш вицеканцелар и шеф на дипломатијата на Германија