Изминативе денови општината Бутел, во соработка со одделението за превенција на Секторот за внатрешни работи – Скопје, спроведе кампања за зголемување на свеста на граѓаните за опасноста од пожари. Градоначалникот на општината Бутел, Велимир Смилевски, ги информира учесниците во сообраќајот за опасноста од пожари. Како пример, на настанот е нагласено дека само едно фрлено догорче може да предизвика пожар. Големи се последиците што можат да настанат од невнимание или од секојдневните активности на граѓаните, затоа потребно е превентивно дејствување во насока на намалување на бројот на предизвикани пожари од страна на граѓаните.
Преку овие иницијативи се помага во издигнување на свеста кај граѓаните во однос на заштита и зачувување на зелените и шумските површини, како и подобрување на личната и севкупната безбедност на самите граѓани. По пожарите во Грција, каде што причина беше човечкиот фактор, покажувањето проактивни превентивни мерки е неопходно, особено во летниот период, кој е најризичен за појава на пожари во големи размери.