Телевизиите и нивната програма, решенија и излези

Среќна Нова година. Да сме живи и здрави. Драги мои, убеден сум дека по сѐ што доживеавме, нема како да не сме разбрале дека здравјето не може и не смее да се сведе само на физичко здравје, а среќата само на некаква повремена и привремена урамнотежена лична духовна состојба. И едното и другото се во заемна, неделива врска со сѐ околу нас и со сите нас. Како да го постигнеме сето тоа како општа, заедничка вредност? Само со трпение, напорна и посветена работа. Ниту една нација и ниту една држава не ги решиле големите антагонизми едноставно и лесно. Нема ни ние. За жал, најверојатно скриени во печурката на Југославија живеевме во некакво лимбо што сега веќе го нема и сите оставени, скриени, потценети, потфрлени, а суштествени проблеми ни излегоа на виделина. Тоа е, на оваа генерација ѝ се паднало на глава. Дали ќе успееме да се износиме со целиот овој товар на времето? Не знам? Веројатно истите прашања биле поставувани и деветстотини и третата, и деветстотини и деветнаесеттата и деветстотини четириесет и првата и деветстотини деведесет и првата, како што се исти и во оваа две илјади дваесет и втора.

Не знам што ќе се прави в година или по десет години, но знам што треба да се прави во оваа година пред нас. Треба да се посветиме на решавање на проблемите, без страв од нивната суштинска тежина, а особено без комплекси и фрустрации за нивната привидна и реална опасност. Ништо не е важно колку што сме важни ние, нашето здравје и нашата среќа. Но ништо не е толку опасно за здравјето и среќата на еден народ како што е опасно несоочувањето со проблемите и нивното нерешавање. Затоа, да одиме понатаму.

Застанавме кај медиумите и нивното вмрежување, со цел создавање основни претпоставки за додадената општествена вредност, како суштинска духовна состојба во уметноста, образованието и севкупно во онаа сфера што ја нарекуваме култура, а подоцна во еден дел да развиеме и индустрија што ќе произведува и дополнителни економски вредности. Ние не можеме и не смееме да ги доживуваме медиумите како средство за информирање и забава. Да, во еден сегмент тие имаат функција да проследуваат информации и да ни го развлекуваат времето, но нивната крајна суштина е образованието, односно, да се подучиме за сето она што не го знаеме, а не постојат други поефикасни форми на образование. И тоа е оној суптилен, непосреден начин на корекција на општественото поведение или на општествените појави. Непосреден, но многу често, многу посилен и многу поефикасен од посредниот начин. Ако некој мисли дека сите оние филмови, серии, документарци и други филмски и особено телевизиски програми и формати по телевизиските ударни термини на европските јавни и приватни канали се производ на фантазијата на сценаристите и режисерите, кои немаат други сфери на творечки интерес, па пишуваат сценарија и режираат филмови и серии за проблемите на семејното насилство, половата дискриминација, расните и верските конфликти, социјалната нееднаквост, генерациската дискриминација, отуѓеноста и анксиозноста на современото човештво, тогаш навистина сме на погрешниот пат кон тоа како да го решиме проблемот со медиумите во Македонија. Сите тие програми, драги мои, се државни или владини нарачки, кај нас познати како „проекти“. Тоа е. Во земјите од Европската Унија, особено кај помалите стари членки, постојат државни и јавни тела, комисии, фондови, агенции што ги следат, анализираат и определуваат општествените потреби од определена филмска и особено телевизиска програма и, едноставно, одделуваат државни средства и прават државни нарачки на програми. Секако дека тука не се работи за некакви груби, наредбодавателни одлуки, туку за програми што имаат свои целни групи и категории што јавните и приватните национални телевизии се задолжени во определен процент да го произведат и емитуваат на своите програми, во строго определено време и со строго определена должина.

Во суштина, постојат два начина на реализација на државни нарачки, едниот е преку дополнително државно финансирање, а другиот е преку законско задолжување на телевизиите за определена содржина, која тие мора да ја произведат како сопствена продукција, но и како задолжителна нивна нарачка од надворешни продукции. Во принцип и двата начина се комбинираат или се одделуваат во зависност од содржината и од формата на нарачките. Дали сега тоа значи дека предлагам некаков централизиран систем, некаков телевизиски фонд што ќе прави нарачки на државни проекти? Не, секако, тоа што треба да се направи е вмрежувањето на системот на државни нарачки помеѓу јавната телевизија МРТ, приватните национални телевизии, Агенцијата за филм, која мора да се дооформи и со посебен оддел за финансирање на телевизиска продукција, и на крајот тука се независните продуценти, кои во суштина се мотор, движечка сила на системот.
Но предходно, да видиме што се случува сега на македонскиот етер? Како изгледаат програмите на националните телевизии? Можете да ги наречете очајни? Бесмислени? Најчесто дефинирате дека нема што да гледате? Дека повеќе никој не гледа македонски телевизии? Програмите се наменети за „баби“ што не гледаат туку слушаат турски серии? Не постои ништо што е рефлексија на реалноста, на општеството, на живиот живот? Сѐ што ќе речете е вистина. Јас, кој сум внатре во проблемот, може да ви кажам дека ситуацијата е многу полоша отколку што ви се чини. И отколку што реално знаете дека знаете. И дека ако тука и сега, ако веднаш не преземеме радикални и непоколебливи мерки, ќе стасаме до точка од која нема да имаме шанса да се вратиме назад. Нема сега да навлегувам во тоа како стасавме до тука? Многу нешта нѐ напикаа во овој медиумски агол. И сите се производ на сето она што се случуваше од другата страна на медиумите – во животната стварност, за жал, помножена со незнаење, некомпетентност, интереси на поединци, економски и други политички центри на моќ, вклучувајќи и разни ЕУ-меу комисии и комесаријати, и разни калиња-малиња што преку контролата на медиумите и нивното пасивизирање ја гледаа својата можност за влијанија врз и онака колебливото јавно мнение и разрушената идентификација на Македонците со сѐ, а на крајот и со самите себеси.

Како да се променат нештата? Што треба да се направи за почеток? Првото е враќање на националните телевизии во системот на финансирање на Агенцијата за филм (и телевизија), не преку определување определен процент од годишните приходи што треба да го враќаат во агенцијата. Се виде дека тоа не функционира од причина што парите одат во општиот фонд, кој потоа се разграбува од поединци за финансирање филмови, кои наводно вредат милиони, а во суштина се грабеж и корупција. Приватните телевизии треба да добијат законска обврска да учествуваат во сите фази на производство на телевизиска и филмска програма од сите жанрови. Тие треба да бидат инволвирани од самиот почеток, во изборот на сценарио, на автори, развој на проектот, содржината, формата, должината и на крајот во производството преку директно финансирање преку независна (надворешна) продукција или продукции со задолжително прикажување на таа програма во ударниот термин, кој на таа телевизија има најголема гледаност. Што ќе се постигне? Прво, телевизиите ќе добијат тоа што ним им е потребно, а државата, нацијата, јавноста тоа што таа го идентификува како потреба преку нарачката на определена содржина, рековме, до ниво на тема, целни групи и жанрови. И ништо повеќе од тоа. Второ, секој програмски директор на приватна телевизија многу добро ќе се размисли што ќе финансира за телевизиското време каде што има најмногу гледачи и најмногу реклами! И од својата каса! Нема друг начин на развој, не само на играната и документарната програма туку и на сите други формати и жанрови, од музички до забавни и натпреварувачки шоу.

Мора да се соочиме со фактот дека ако веднаш не се направи нешто, сегашниот сооднос 50 однос гледаност на националните телевизии, наспроти 50 отсто на странските, кој е актуелен баланс во Македонија, нема да се дебалансира на страната на македонските телевизии. Стануваме неважни. Никој нема да нѐ гледа. Ќе престане целосната идентификација со нас. Не е ова прашање на тоа дали и која телевизија ќе опстане на пазарот и од која политичка и економска провиниенција е таа? Ова е веќе прашање што јас го доживувам како проблем на националната безбедност. Ние сме во медиумска и информатичка војна. Сигурно дека не очекувате Западот и Истокот да се степаат со калашникови и топмпсони? Не мислите веројатно дека соседите со нас ќе се борат со ракети и тенкови? Гледате каде се одвиваат битките, секој ден. На медиумите. Војната ќе се случува на оние животни пространства што се нарекуваат паралелни, но со превртена важност и доминација на другата паралела наспроти реалноста и живиот живот. Не знам зошто не сакате да разберете дека сме нападнати од сите страни, но и дека сме во една разгорена интерграѓанска и интермакедонска медиумско-информативна војна, која доколку не ја застанеме, патот кон пропаста ќе ни биде неизбежен. Затоа, сѐ што ќе се прави, не е важно со колкав интензитет и со колкав опфат ќе биде на почетокот, најважното ќе биде да се опстои на тие мерки. Отпорот ќе биде жесток. Имаше обиди во Груевата влада за реформи во медиумите, но, за жал, интересот не беше државен, национален и јавен, туку насочен кон задоволување на барањата и на поединци и потребите на центри на моќ, а особено на децата на црвената буржоазија, кои медиумите ги перципираат како последна линија на одбраната на нивните интереси и нивниот животен простор. Рековме зошто. Овие реформи, овие промени, овој начин на работа, подразбира – работа, но и создавање реална конкуренција со можности за секого. А тие, ниту сакаат, ниту можат, а ниту знаат да работат што и да е. И, секако, не поднесуваат конкуренција. Во ништо и за ништо.

Авторот е режисер и универзитетски професор