Кемал Дервиш
Повиците Европа да го зајакне својот „стратегиски суверенитет“ често имплицираат дека поинтегрираната Европска Унија би требало да стане третиот столб на Г3-светот, заедно со САД и Кина. Но доколку ЕУ се обиде да стане само моќен играч во транснационалната игра на реалната политика, тогаш европската мека моќ ќе ослабне
Додека главните институции на Европската Унија се подготвуваат за смената на лидерството претстојната есен, сега е добро време да им се посвети внимание на приоритетите на ЕУ во наредните години. Највисоките функционери на ЕУ се речиси потврдени. Урсула фон дер Лејен, бившата германска министерка за одбрана, ќе биде новата шефица на Еврокомисијата, додека, пак, Кристина Лагард, досегашната директорка на ММФ, ќе го преземе раководството со Европската централна банка. Белгискиот премиер Шарл Мишел ќе биде наредниот претседател на Европскиот совет, а шпанскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел ќе биде новиот шеф на европската дипломатија.
Некои од експертите сметаат дека новите лидери на ЕУ би требало да пробаат да го зајакнат стратегискиот суверенитет на Европа преку поголемо искористување на ресурсите на земјите-членки и преку многу поголема политичка координација. Тоа навистина е многу потребно, особено за прашањата од еврозоната. Но повиците за зголемен стратегиски суверенитет често имплицираат дека поинтегрираната ЕУ би требало да стане третиот столб на Г3-светот, заедно со САД и Кина. Но тоа е недоволно.
Структурата на глобалната моќ во 2019 година е многу различна од тоа што беше пред неколку години. Сега живееме во Г2-свет, во кој Кина забрзано ги стигнува САТ кога станува збор за моќта и влијанието. Иако Кина и натаму е многу зад САД во воена смисла, нејзиниот БДП сега е поголем од американскиот. Уште повеќе, Кина има првокласни вооружени сили, произведува многу повеќе експерти за наука, инженерство и медицина отколку САД, ги поседува четирите најголеми банки во светот и стана водечки глобален технолошки играч.
Јасно е дека ниту една земја не е ниту блиску да им парира на Кина и САД. Но, колективно, членките на ЕУ – со или без Британија – би сочинувале сила од слични размери. Со засилувањето на својот стратегиски суверенитет, Европа би можела да го направи реалност таквиот Г3-свет. Посилна и пообединета Европа би можела да се натпреварува со САД и Кина во повеќето области – особено преку „вооружувањето“ на своите економски ресурси за исполнување на своите геостратегиски цели.
И покрај тоа, европските лидери, во искушение од изгледите за Г3-свет, мора да одговорат на два поврзани проблеми. Прво, не е јасно како ЕУ ќе го постигне неопходното ниво на интеграција, кога за најважните одлуки во блокот и понатаму е потребна едногласност помеѓу земјите-членки. Во согласност со правилата од Лисабонскиот договор на ЕУ, за значителна понатамошна интеграција ќе биде потребен едногласен договор за деталите или, пак, нивно одобрување со квалификувано мнозинство. Но користењето на квалификуваното гласање за такви важни прашање и понатаму ќе бара едногласност или промена на договорот, што изгледа невозможно во блиска иднина.
Единствен начин за надминување на овој проблем би можело да биде желбата на јадро земји-членки да сакаат да го заобиколат Лисабонскиот договор и да користат меѓувладини договори во областите каде што националното вето ја спречува едногласноста. Оваа постапка би требало да се искористи како последно средство, но, сепак, треба да биде оставена како отворена опција, како што беше во текот на кризата во еврозоната и Договорот за фискална стабилност, кој беше потпишан од сите членки на ЕУ, освен од Чешка и од Британија.
Второ, ЕУ не би требало да цели кон свет на постојано геостратегиско ривалство во Г3, туку светот што ги поддржува вредностите од Универзалната декларација за човекови права и целите за одржлив развој. Европа би требало да ја искористи својата тврда и мека моќ за да соработува со сите актери и да бара промовирање глобален поредок заснован врз правила, во областите како што се трговија и конкуренција, климата, управувањето со дигиталните технологии, контролата на оружјето и слично. Кога и да биде можно, ЕУ би требало да ги засили своите политики преку мултилатералните институции.
Повеќето глобални сојузници на Европа се надеваат и очекуваат дека новите лидери на ЕУ ќе заговараат таков курс, а уште повеќе Европа ќе има корист од меката моќ што ја генерираат таквите чувства. Ако, од друга страна, новата стратегија на ЕУ само нагласува дека сака да стане како Кина или Америка на Трамп, тогаш европската мека моќ ќе ослаби.
Оваа поента е поврзана со можната потреба за мнозинско гласање, па дури и меѓувладини договори, за да се зајакне соработката во самата ЕУ. Ако блокот не може да ги оствари своите вредности во рамките на сопствените граници – како што е актуелниот случај со Унгарија – тогаш нема да може убедливо да ги промовира истите тие на глобалната сцена.
Новите лидери на ЕУ мора да претстават амбициозен и кредибилен пат напред за блокот. Тие би требало да се обидат да изградат посилна и поинтегрирана Европа, која може да постапува во свое име додека работи кон мирољубив мултилатерален глобален поредок. Таквата глобална улога би можела да ја направи Европа нова и многу поинаква суперсила.
Кемал Дервиш е бивш турски министер за економија и е дел од институтот „Брокингс“.