Францускиот претседател Емануел Макрон е убеден дека сега е вистинското време да се ресетираат односите со Русија. Затоа тој го постави како дипломатски приоритет враќањето на климата на доверба помеѓу Париз и Москва. Три причини го поткрепуваат овој потег.
Прво и најважно, меѓународниот стратегиски контекст е драматично променет. Кина расте, додека САД, кои сѐ уште се главна сила во светот, полека се дистанцираат од своите глобални одговорности. Русија, со стареењето и намалувањето на населението и со својата огромна и главно ненаселена територија, е природен плен за долгорочните амбиции на Кина. Европските лидери не треба да се повлекуваат и пасивно да гледаат како Русија, која нема какви било други алтернативи, гради сојуз со Кина. Наместо тоа, Европејците треба да се обидат да ги убедат Русите дека нивната иднина е со Европа, а не како помлад коалициски партнер на Кина во еден дисбалансиран однос.
Судбината на Русија лежи на Запад, а не на Исток. Иако Русија не може да се натпреварува со Кина, таа се врати на сцената како сериозен глобален актер. Многу актуелни конфликти, од Источна Европа до Блискиот Исток, едноставно не можат да се решат без вклучување на Русија. Ова претставува триумф на рускиот претседател Владимир Путин, кој кога дојде на власт пред околу 20 години, вети дека ќе ја врати геополитичката моќ на неговата земја. Поточно, Путин сакаше САД да ја третираат Русија не како обичен дел од историјата, како во времето на неговиот претходник Борис Елцин, туку како вистинска рамноправна суперсила. Иако можеби е невозможно да се врати биполарниот свет од времето на Студената војна, САД се принудени да ја признаат важноста на модернизирана и оперативна руска армија, која би можела да интервенира во поранешната советска сфера и пошироко. Со други зборови, Русија се врати на глобалната сцена. Европа не може да го негира тоа и не може едноставно да се обиде да ја ограничи Русија. Таквата позиција не може да има задоволителна основа за долгорочна стратегиска доктрина и реална дипломатија.
Втората причина за новата дипломатска иницијатива на Франција кон Русија е да се пополни лидерскиот вакуум во Европа. Британија, која во последно време беше најгласна во критикувањето на однесувањето на Русија, едноставно е надвор од играта. Опседната со трагикомедијата на брегзит што ја турна земјата во најтешката политичка криза по Втората светска војна, Британија бледнее на глобалната сцена како сериозен дипломатски актер.
Во меѓувреме Германија, европската сила со најблиски историски и културолошки односи со Русија, се наоѓа на крајот од еден политички циклус. Опасно е и неправедно да се потцени германската канцеларка Ангела Меркел, но таа повеќе нема моќ и енергија да ја води Европа во нејзините односи со надворешниот свет, ниту, пак, да ги обединува Европејците. Британија и Германија во моментов не се способни да играат голема дипломатска улога, а Италија, Шпанија и Полска не се во никаква позиција да бидат главни актери. Затоа, заклучокот е мошне едноставен: по правило и поради чистата енергија и имагинација на нејзиниот млад претседател, Франција едноставно ги има своите пет минути. Обидот на Макрон да ги обнови односите со Русија е совршено во согласност со Деголовата традиција на Франција. Посредувањето меѓу различните системи и гледањето подалеку од актуелните инкарнации на другите земји, беше природен инстинкт на Шарл де Гол. Зад Советскиот Сојуз или Кина на Мао Ѕетунг, првиот претседател на Петтата република на Франција виде вечна Русија или вечна Кина. Според тоа, кога некој развива односи со друга земја, не треба да се парализира од природата на нејзиниот сегашен режим. Повторното поврзување со таа традиција може да одговара и на домашните калкулации на Макрон. Приближувањето до Кремљ може да им се допадне на економските сектори, кои се најмногу погодени од западните санкции против Русија, истовремено предизвикувајќи ги традиционално проруските партии, како екстремната десница и левица во Франција.
Но едно е да се објаснат корените на една политика и нејзината рационалност, а друго е целосно да се оправда конкретната одлука. Владите на земјите од Централна и Северна Европа се особено скептични кон новата дипломатска иницијатива на Франција. Зошто зближување со Русија и зошто баш сега, прашуваат тие. Во секуларна Франција, таквото христијанско добротворно дејствување – да се даде пред да се добие нешто за возврат – изгледа или наивно или макијавелистичко. Освен тоа, се чини дека е спротивно на нагласокот на Франција на вредностите во контекст на Европската Унија. Критичарите на иницијативата на Макрон за Русија велат дека дихотомијата меѓу одбраната на политичките принципи во рамките на ЕУ и дипломатската практика надвор од неа не би требало да биде толку голема за да ја загрози кохезивноста на двете. Понатаму, тврдат тие, Макрон дејствува сам, без вистински да се консултира со своите европски партнери и сојузници. Тој тешко може да тврди дека зборува во името на Европа ако продолжи да работи на таков начин, претставувајќи им го приближувањето кон Русија на другите членки на ЕУ како завршена работа.
Иако ги разбирам овие критики (и се согласувам со некои од нив), сепак го поддржувам напорот на Макрон. Строгата западна политика за ограничување не успеа. Затоа, политиката на приближување може да биде оправдана, под услов да не се спроведува наивно или со целосен презир кон принципите. Уште повеќе, Макрон би бил последниот човек што би се забавувал со лажни илузии за Русија на Путин (за време на претседателските избори во Франција во 2017 година, Русија активно организираше кампања за поддршка на неговата ултрадесничарска ривалка, Марин Ле Пен, со систематско ширење лажни вести и дезинформации). Исто така, Макрон сигурно нема да сака Путин да прави што сака, особено зашто токму неговото однесување предизвика влошување на односите меѓу Русија и Европа. Франција направи храбар прв потег за обнова на врските со Русија. Топката сега е на половината на Путин.
Авторот е француски политички научник и аналитичар