Кризата од ковид-19 ги нагласи ризиците од нездравата исхрана и екстремните слабости на светскиот систем на исхрана. Но економското закрепнување, кое ќе следува по пандемијата, претставува совршена можност за да се обезбедат подобра исхрана и здравје за сите
Пандемијата на ковид-19 треба да нè поттикне да го преиспитаме начинот на кој се храниме. Светот сега има единствена можност да донесе долгорочни мерки за промовирање поздрава исхрана, да ги охрабри земјоделците да произведат поширок спектар на храна и да ја зајакнат соработката меѓу јавниот здравствен, прехранбен и земјоделски сектор. Земјоделското истражување може да игра клучна улога во трансформацијата на системите за храна и да ги направи поодржливи и поотпорни.
Потребата за промена е јасна. Нездравата исхрана е една од главните причини за ризик од смртност од ковид-19. Новиот коронавирус непропорционално влијае на луѓе што имаат прекумерна тежина, што се дијабетичари или страдаат од кардиоваскуларни заболувања, што е резултат на лошата исхрана.
Оваа криза ги откри и екстремните слабости на светскиот систем на исхрана.
Мерките за физичко дистанцирање и ограничување на движењето, за да се спречи ширењето на вирусот, значително ги намалија приходите на луѓето, а со тоа и светската побарувачка за храна. Падот на цените на храната помеѓу јануари и мај годинава силно ја погоди егзистенцијата на стотици илјади земјоделци во светот.
Покрај тоа, затворањето на рестораните и на училиштата, логистичките нарушувања и недостигот од сезонски работници за жетва на земјоделските култури резултира со огромни количества земјоделски загуби. Многу земјоделци се двоумат за започнување нов циклус на сеидба, иако некои висококонкурентни производители остварија профит, како што извозот на бразилска соја во Кина достигна рекордно високо ниво во првите пет месеци од годинава.
Со оглед на слабостите на системот за исхрана, сите дополнителни ограничувања на снабдувањето или на извозот може брзо да ги променат скорашните ценовни трендови. Цените на храната може да се зголемат значително што дополнително би ја нарушила светската безбедност на храната. Организацијата за храна и земјоделство на ООН проценува дека за најмалку 14,4 милиони луѓе во 101 земја-увозничка на храна може да се јави недостиг како резултат на економската криза предизвикана од ковид-19, што може да доведе до пад од 10 отсто во реалниот светски раст на БДП за 2020 година.
Затоа, на краток рок, владите треба да обезбедат финансиска поддршка на поединци и фирми погодени од пандемијата и да дејствуваат за да спречат криза со храна. Наместо да ја прекинуваат трговијата, политичарите треба да ги олеснат и да ги подобрат координацијата и размената на информации помеѓу производителите на храна и купувачите, особено на локално ниво.
Долгорочните мерки мора да вклучуваат промовирање поздрава исхрана. Во последните 60 години, светската исхрана станаа поеднолична, богата со енергија, но со мал удел на хранливост. Оризот, пченката и пченицата обезбедуваат повеќе од 50 отсто од калориите. Луѓето во целина, но главно најсиромашните, не консумираат доволно храна богата со хранливи материи, како овошје, ореви, семиња и цели зрна. И околу 11 милиони луѓе умираат секоја година како резултат на нездрава исхрана.
Главен приоритет треба да им се даде на разни хранливи култури како киноата, фониото и африканската бамбара, кои содржат висококвалитетни протеини и можат да растат во неповолни средини. Понатамошното истражување може да вклучува повисоки приноси и пониски цени што ќе им овозможи поголема достапност. Истражувачите можат да користат конвенционални методи за одгледување растенија за да им се подобри хранливоста на земјоделските култури, особено во најсиромашните земји.
Земјоделските истражувања долго време се фокусираа на зајакнување на продуктивноста отколку на одржливоста. Владите го поттикнаа овој тренд со финансиска поддршка, регулаторни стандарди и трговски договори. Но трката за производство и испорака на евтини калории предизвика колатерална штета, главно во однос на исхраната и локалниот развој. Бидејќи „трката за калории“ се потпира на синџири на вредности што се фокусираат на неколку основни производи од ограничен број на земји, многу други земји станаа нето-увозници на храна. Пандемијата го истакна токму овој проблем.
Сегашниот модел на производство на храна се потпира на околу 600 милијарди американски долари годишни субвенции за земјоделците, главно во напредните економии. Ваквите стратегии даваат вишок на понуда и пониски цени, со што се ограничува производството на храна во земјите што немаат фискален капацитет за поддршка на своите земјоделци.
Пресекувањето на Гордиевиот јазол бара одлучни чекори на неколку фронта. Потребни се дополнителни истражувања за прехранбени производи за поразновидна и поздрава исхрана, а економиите во развој можат да придонесат во овој аспект. Политичарите, исто така, мора да ги поттикнат системите за регенеративно земјоделство, кое промовира биодиверзитет и го подобрува квалитетот на почвата и водата, што би придонело за приспособување кон климатските промени. Владите, меѓународните и невладините организации мора да го преземат иницијатива за формирање институционално опкружување. Пандемијата ја истакна итната потреба за трансформација на земјоделството. Економското закрепнување што ќе следува претставува совршена можност да се обезбедат подобра исхрана и здравје за сите.
Авторот Карденас е поранешен министер за финансии на Колумбија и висок соработник во Центарот за светска енергетска политика на универзитетот „Колумбија“. Рестрепо е генерален директор на Сојузот за меѓународен биодиверзитет и на Меѓународниот центар за тропско земјоделство.