Доналд Трамп ја напушти Белата куќа, но трампизмот не ја напушти американската политика. Со Џо Бајден како претседател на Америка, светот се надева дека САД ќе се оддалечат од штетниот конфронтациски пристап на Трамп кон односите со Кина и ќе тргнат по патот на прагматизмот. Во прашање е дали овој клучен билатерален однос служи за зајакнување или за рушење на глобалниот поредок.
Трамп и ковид-19 заедно дадоа болен, но суштински тест за националната благосостојба и за концептот на меѓусебно поврзан глобален поредок. Трамп на глобализацијата гледаше како на пречка за националните аспирации на Америка. Но пандемијата докажа дека живееме во меѓусебно поврзано глобално општество. Системските закани, како пандемијата, се над моќта на која било земја да ги реши. Ако ги занемариме здравјето и егзистенцијата на најсиромашните во светот, коронавирусот ќе мутира и ќе се врати да нè прогонува, дури и во најбогатата и добро заштитена заедница.
Трампизмот беше целосно против оваа реалност, прифаќајќи го ставот дека само националните држави или елитите, кои ги контролираат, можат да се справат со глобалните проблеми. Таквата „пристрасна“ претпоставка ја делат и конвенционалните одбранбени и безбедносни стратези, кои обично ја земаат здраво за готово националната супериорност што резултира со исход на нулта сума.
Но сите закани по човечката безбедност произлегуваат ендогено од интеракцијата на деловите во светот.
За среќа, Трамп покажа дека пристрасните решенија не функционираат. Стратегијата „Америка на прво место“ покажа дека Америка беше оставена сама на себе. Ниту една земја, дури и да е моќна како САД, не може да управува со домашните кризи без ресурси што можат да произлезат само од глобалното економско закрепнување.
Кинеските политичари научија од горкото искуство дека нивната земја не може сама да ги решава глобалните проблеми. На пример, рефлацијата на Кина во 2009 година, која му помогна на светот да закрепне од глобалната финансиска криза во 2008 година, резултира со огромни домашни трошоци.
Додека пристрасните го делат светот на земји, класи и вери, глобалистите сфаќаат дека човекот и природата се едно. Човештвото е повеќе од една класа, раса или вера и можеби нема совршено решение за делумен проблем, туку само континуирана напорна работа на она што е важно за сите. Дали препознавањето и обидот за надминување на овој ментален јаз може да бидат клучот за меѓусебно разбирање меѓу Западот и Кина?
Ставот за единство на два спротивни концепта, како во случајот со Кина, сугерира дека делумните, линеарните, монистичките перспективи и исходот на нулта сума погрешно го толкуваат денешното меѓусебно поврзано глобално општество.
Америка се грижи дека Кина може да го узурпира глобалното лидерство, додека Кина е загрижена дека САД ја блокираат нејзината модернизација. Оваа динамика ја поттикна зголемената несигурност во двете најголеми економии во светот што создаде потенцијално плодна почва за понатамошно соочување, па дури и воен конфликт.
Вистинското прашање не е она што Кинезите го нарекуваат „надеж на проектот“, односно список со желби што не може да се реализира, туку како најдобро да се справат со тешките компромиси потребни за да се постигнат мирот и просперитетот што ги посакуваат сите луѓе во светот. Пандемијата ги убеди Кинезите дека еднопартискиот систем на нивната земја, колку и да е несовршен, побрзо учеше и се приспособуваше во борбата против болеста отколку што го направи тоа Америка под лошото раководство на Трамп.
Всушност, Комунистичката партија на Кина (КПК) сега ги третира глобалната конкуренција и критика како форма на повратна информација за политиката. На некој начин, ова го прави остатокот од светот де факто „опозициска партија“ што ја насочува КПК да ги задржи своите перформанси и легитимитет. Овој стратегиски реализам ѝ овозможи на Кина да продолжи напред со низа нови форми на меѓународно ангажирање, вклучувајќи ги и новиот пакет за Регионално сеопфатно економско партнерство, Сеопфатниот договор за инвестиции со Европската Унија и ветувањето на Кина да постигне јаглеродна неутралност до 2060 година.
Кинеската таканаречена „стратегија за двојна циркулација“ е сигнал до Бајден дека кинеските лидери се отворени за стратегиска соработка во справувањето со климатските промени, решавање на пандемијата и враќање на глобалната трговија и инвестиции, така што секоја земја ќе има повеќе ресурси за да ги реши домашните нееднаквости и нерамнотежата. Во реалниот свет, соработката и конкуренцијата можат да коегзистираат.
Владите на САД и на Кина мора да почнат да сфаќаат дека ваквиот пристап е единствениот начин да се поттикнат одржливост и отпорност. Како и во сите разговори, првиот чекор може да го постави тонот. Претседателите Џо Бајден и Си Џинпинг, обајцата казнети со штетите од четиригодишниот мандат на Трамп, имаат вистинска шанса да го променат курсот.
Авторот е истакнат соработник на Азискиот глобален институт на универзитетот во Хонгконг и член на советот за одржливи финансии на УНЕП и поранешен претседавач на Комисијата за безбедност и фјучерси од Хонгконг.