Предизвиците со кои денес се соочува човештвото се навистина глобални по обем и по влијание, а решенијата повеќе не зависат исклучиво од компетентноста на националните економски власти. Ако актуелните климатски, здравствени и прехранбени предизвици не успеат да ја поттикнат меѓународната соработка што е потребна за да се спречат таквите закани, тогаш треба да се запрашаме што да се направи
Исто како што една генерација ѝ го отстапува местото на следната, така глобалните предизвици добиваат свои наследници. Пандемијата на ковид-19, која се случува еднаш во сто години, и ризикот дека други опасни нови вируси може да се појават во секое време се далеку од единствениот пример. Екстремните временски услови како резултат на климатските промени имаат катастрофални последици. Информатичката технологија и дигиталните податоци понекогаш се користат злонамерно или за сајбер-војување. Дури и денешниот раст на цените на храната и зголемениот глад во светот може да потекнуваат од неуспехот да се шират технологиите на отворен извор.
Навидум живееме во постојана состојба на опасност. Кризите повеќе не се изолирани ризични настани што влијаат на неколкумина. Тие се многу почести, повеќедимензионални и меѓусебно зависни, а бидејќи ги надминуваат националните граници, имаат потенцијал да влијаат на сите истовремено. Покрај тоа, тие вклучуваат толку многу надворешни фактори што и пазарите и националните влади немаат доволен поттик да ги решат.
Решенијата за овие проблеми зависат од достапноста на глобалните јавни добра, но сегашниот меѓународен систем не е во состојба да обезбеди доволно снабдување. Потребни ни се големи координирани инвестиции во подготвеноста и одговорот, бидејќи ниту една поединечна земја нема да ги реши денешните кризи, а уште помалку да спречи нови. Преиспитувањето на начинот на кој функционира мултилатерализмот треба да биде приоритет. Повоената меѓународна финансиска архитектура беше дизајнирана да ги поддржи националните влади за да можат да обезбедат национални јавни добра. Сега најпрво треба да се размислува за нови институции што ќе обезбедуваат јавни добра што ги надминуваат националните граници.
Совпаѓачката природа на тековните кризи уште повеќе ги истакнува причините за формирање нова рамка. Поголемата зачестеност на екстремните временски услови, како што се поплавите и сушите, го зголемува ризикот од заразни и болести што се пренесуваат преку вода. Зголемените просечни температури и променетите дождовни сезони го намалуваат потенцијалниот принос на основните култури (на пример, пченката за шест отсто) што се клучни за безбедноста на храната и се суштинска компонента за добро здравје.
Претходните вонредни состојби, како глобалната финансиска криза од 2008-2009 година (која навистина беше феномен во развиениот свет) или финансиската криза во Азија и Латинска Америка од доцните 1990-ти години, беа суштински од економска природа, што резултира од прекумерната акумулација на финансиски ризици. Решенијата беа во рацете на централните банкари и министрите за финансии. Тие вклучија нови финансиски регулативи и фискални и монетарни политики за враќање на изгубените работни места и производство.
Спротивно на тоа, денешните кризи се меѓусебно зависни и навистина глобални по обем, со потенцијално многу поголемо влијание. Карактеристично е што решенијата веќе не зависат исклучиво од надлежноста на националните економски власти. Нивното ефективно решавање бара лидерство и акција меѓу владите во светот. Еден пример за овој пристап е предложениот Глобален совет за здравствени закани. Но на даночните обврзници во одделни земји им недостигаат иницијативи да обезбедат добра чии придобивки се уживаат на глобално ниво. Освен тоа, не можеме да очекуваме официјалната развојна помош или филантропијата да ја заврши работата. Официјалната развојна помош изнесуваше вкупно 180 милијарди долари минатата година, а приватните донатори додадоа уште неколку милијарди. Но за глобалните јавни добра се потребни илјадници милијарди долари. Покрај тоа, буџетите за помош се премногу циклични, а приоритетите се менуваат. Но она што изгледа итно и политички привлечно не секогаш се совпаѓа со она што е важно, кое треба да биде во фокусот на глобалните јавни добра.
Затоа треба да воведеме нов мултилатерален систем. Идеално, неговите главни елементи треба да ги пресликуваат алатките што се користат за обезбедување национални јавни добра: оданочување, иницијативи и одговорност. Бидејќи глобалните јавни добра бараат значително и стабилно финансирање, треба да се фокусираме на градење глобален фискален капацитет, универзално финансиран врз основа на способност за плаќање. Секако, потребно е и лидерство на национално ниво за да се обезбеди соодветен меѓувладин и меѓусекторски одговор. Нема да биде лесно да им се обезбедат на даночните обврзници и на владите соодветни иницијативи за дејствување. Но повеќето влади многу сериозно ги сфаќаат периодичните консултации со Меѓународниот монетарен фонд. Исто така, агенциите за кредитен рејтинг треба да ги прошират методологиите што ги користат за да ги проценат ризиците за владите и корпорациите.
Светот не е подготвен да се справи со новата генерација на кризи. Наместо да се фокусираме само на недостатоците во одредена област кога ќе се појави криза, треба да разбереме зошто систематски грешиме во производството на глобалните јавни добра што ги бараат сите овие нови кризи. Доколку не го решиме ова прашање, ќе продолжат да се појавуваат специфични празнини. Сегашните климатски, здравствени и прехранбени кризи треба да ја поттикнат глобалната соработка потребна за справување со таквите закани. Ако не се случи тоа, треба да го поставиме прашањето што би ја поттикнало.
Маурисио Карденас е поранешен министер за финансии на Колумбија, а актуелно е гостин научен истражувач во Центарот за глобална енергетска политика на универзитетот „Колумбија“