Светската економија се наоѓа во транзиција

ПРО ИЛИ КОНТРА

Прашања за економскиот раст, инфлацијата, иновацијата и влијанието на украинската криза врз транзицијата кон зелена енергија имаат централно место во дискусиите за состојбата и прогнозите во светската економија. Можните одговори за иднината не се мрачни, но не се ни сјајни

Мајкл Спенс

Неодамнешните дискусии за светската економија и пазарите беа дефинирани како збир на прашања што се повторуваат. Првото прашање беше директно, односно дали се наѕира рецесија? Со оглед на тоа што авторитативните прогнози за раст, како оние на Меѓународниот монетарен фонд, се значително намалени, постои добра причина за загриженост. Но, сепак, мали се шансите за светска рецесија, иако голем шок, како што е драматичното проширување на конфликтот или ненадејно и значително нарушување на клучниот пазар како енергијата, може да ја промени оваа перспектива. Некои економии сигурно ќе се намалат. Рускиот БДП сигурно ќе се намали, како резултат на строгите и најверојатно продолжени западни санкции. Европа, исто така, најверојатно ќе доживее рецесија, поради високите цени на енергијата, големата зависност од увозот на фосилни горива и (скапиот) императив за брзо одвикнување од руските резерви. Со тешкотии се соочуваат многу земји со пониски приходи, за кои зголемените цени на храната и енергијата ги засилуваат ефектите од пандемијата. Иако се чини дека САД ќе се соочат со големо економско забавување, рецесијата не е најверојатното сценарио. Слично на тоа, Кина, која важи за моќен мотор на светскиот раст, се очекува да искуси низок едноцифрен раст најмалку една година.

Второто клучно прашање се однесува на траекторијата на инфлацијата. Најблиската причина за неодамнешните зголемувања на цените се блокадите на синџирот на снабдување и нерамнотежата помеѓу понудата и побарувачката. Украинскиот конфликт го засили нагорниот притисок врз цените на енергијата, стоките и храната. Дел од ова ќе биде минливо, иако ќе трае подолго од првично очекуваното. Но инфлацијата е поттикната и од други трендови, кои нема да исчезнат наскоро. Населението, кое претставува околу 75 отсто од глобалната економија, старее, учеството во работната сила се намалува, а растот на продуктивноста се движи надолу. Згора на тоа, неискористениот производен капацитет во економиите во развој е помал отколку што беше порано, а она што го има, останува неискористено. Ако на тоа се додаде претстојната диверзификација на врските на понудата и побарувачката водена од политиката, како одговор на безброј шокови, од пандемијата и климатските промени до геополитичките тензии и конфликти, се чини веројатен подолг период на раст ограничен од понудата со вградени инфлациски притисоци.

Третото прашање што се повторува е што е следно за технолошкиот сектор и дигиталната трансформација? Карантините и другите мерки за заштита на јавното здравје поттикнаа забрзување на усвојувањето на дигиталните технологии за време на пандемијата. Но спротивно на очекувањата на пазарот, овој тренд, веројатно, ќе се забави бидејќи ќе се отстранат пандемските ограничувања.

Во време на зголемена инфлација, затегнувањето на монетарните политики и падот на проекциите за раст, пазарите почнаа да се коригираат. Не е изненадувачки што особено нагло паднаа акциите за раст, чија вредност е изведена од очекуваните идни парични текови и кои имаат тенденција да бидат концентрирани во технолошкиот сектор. Овие пазарни промени не значат дека дигиталните, енергетските и биомедицинските трансформации што се во тек немаат суштина или дека нема да имаат долготрајни економски ефекти. Пазарите природно имаат тенденција да бидат понестабилни од основната економска реалност што треба да ја пресликаат. Поголемата нестабилност на пазарот ќе има важни краткорочни последици, бидејќи не е изолирано финансирањето со ризичен и приватен капитал, кое игра клучна улога во поддршката на иновативните компании со потенцијално висок раст.

Последното прашање што се чини дека ги преокупира умовите во последно време е дали украинскиот конфликт, решеноста на Европа да ја намали зависноста од руски енергенти и вртоглаво високите цени на фосилните горива ќе ја попречат транзицијата кон ниски јаглеродни емисии. За среќа, постојат добри причини да се мисли дека можеби нема да се случи, барем не на траен начин. За почеток, високите цени на фосилните горива создаваат силен поттик за земјите и потрошувачите да ја зголемат енергетската ефикасност и да инвестираат во одржливи енергетски решенија. Во оваа смисла, тие одат на некој начин кон неутрализирање на неуспехот да се воспостави ефективна светска шема за цените на јаглеродот. Високите цени на фосилните горива ќе имаат негативни дистрибутивни ефекти во и низ земјите, слични на влијанието на регресивниот данок. Но овие ефекти може да се ублажат, идеално преку некаква форма на прераспределба на приходот. Она што владите не треба да го направат е да ги субвенционираат фосилните горива со регулирање на крајните цени под пазарните нивоа, бидејќи тоа би го ослабнало поттикот за следење поодржливи опции. Постои добар аргумент за стабилизирање на цените на енергијата за да се поттикнат инвестициите во алтернативни решенија.

Геополитиката, исто така, го зајакнува поттикот за чиста енергија. За разлика од фосилните горива, обновливите извори во голема мера не создаваат надворешни зависности. Според тоа, зелената транзиција е моќен механизам за зголемување на отпорноста и намалување на ранливоста од искористување на енергетските резерви како алатка. На крајот на краиштата, зелената транзиција е повеќедецениски процес, при кој енергетската мешавина постепено се префрла од фосилни горива кон чисти алтернативи. Во блиска иднина, економиите, особено Европа, може да прибегнуваат кон „нечиста“ енергија, вклучувајќи го јагленот, за да ги задоволат своите потреби. Но ова не мора да значи дека ќе биде погубно за енергетската транзиција, а камоли за светската агенда за одржливост.

Мајкл Спенс е Нобелов лауреат по економија, а актуелно е почесен професор по економија и поранешен декан на Факултетот за бизнис на универзитетот „Стенфорд“