Мојата книга „Свет во хаос“ беше објавена точно пред пет години. Тезата на оваа книга беше дека крајот на Студената војна нѐ доведе до ера на поголема стабилност, безбедност и мир, како што многумина очекуваа. Наместо тоа, се појави свет во кој конфликтот беше многу позастапен од соработката. Во тоа време, некои ја критикуваа книгата како неоправдано негативна и песимистичка. Гледано од оваа перспектива, книгата можело да биде критикувана поради својот релативен оптимизам. Денес светот е позамрсен одошто беше пред пет години, а повеќето трендови се движат во погрешна насока.
На глобално ниво, јазот помеѓу предизвиците и одгласите е голем и постојано расте. Пандемијата на ковид-19 ја разоткри недораснатоста на меѓународната здравствена машинерија. Влегуваме во третата година од пандемијата, но сè уште не знаеме од каде потекнува таа, благодарение на кинеското попречување.
Она што го знаеме е дека починаа повеќе од пет, а потенцијално дури 15 милиони луѓе. Исто така знаеме дека околу три милијарди луѓе (голем дел од нив во Африка) допрва треба да ја примат првата доза од вакцината против ковид-19. А знаеме и дека актуелната пандемија за трилиони долари го намали светското економско производство.
Климатските промени напреднаа. Светот е веќе за повеќе од 1 Целзиусов степен потопол одошто беше на почетокот на индустриската револуција и е на пат да стане уште потопол. Екстремните временски инциденти стануваат сè позачестени. Зголемена е и употребата на фосилни горива.
Светските влади се обврзаа дека ќе работат подобро. Нивните резултати останува да се видат; во некои случаи, вклучувајќи во Кина и во Индија, двете најнаселени држави во светот, ваквите ветувања се значајни, поради недостигот од амбиција и ургентност.
Сајбер-просторот и понатаму личи на Дивиот Запад, без присуство на шериф, кој има волја или способност да постави граници во однос на прифатливото однесување.
Не постои дури ни преправање за некаква глобална соработка. Наместо тоа, гледаме дека технологијата ја надминува дипломатијата, при што авторитарните влади вложуваат огромни напори да ги изолираат своите општества додека го нарушуваат туѓиот сајбер-простор, со цел сеење политички раздори или крадење технологија.
Продолжува нуклеарното ширење. Северна Кореја ги зголеми количеството и квалитетот на сопствениот нуклеарен потенцијал, како и дострелот и прецизноста на своите ракети. А како последица од едностраната американска одлука (2018) за излез од договорот со кој беа поставени привремени граници за иранските нуклеарни капацитети, Исламската република, наместо една година оддалеченост од поседување нуклеарно оружје, сега е на само неколку месеци или дури недели далеку од ваквата реалност.
Ривалството меѓу големите сили сега е поизразено од кој било период по завршувањето на Студената војна. Односите Кина – САД рапидно се влошија, најмногу поради засилената кинеска репресија на домашен терен, трговските и економските судири, зголемената воена сила на Кина и нејзината сè понаметлива надворешна политика. Во заднината на растечката економска конкуренција и потенцијалниот конфликт околу Тајван, нејасно е дали двете земји ќе можат да соработуваат во однос на глобалните предизвици, како што се јавното здравје и климатските промени.
Русија е веројатно дури и уште понезадоволна од актуелниот светски поредок. Три декади по крајот на Студената војна, претседателот Владимир Путин, кој изгледа ќе остане на власт уште неопределено време, цврсто е подготвен да го запре или, ако е можно, да го „стави во рикверц“ дострелот на НАТО. Путин докажа дека нема проблем со користење воена сила, енергетски резерви и сајбер-напади тогаш кога сака да дестабилизира држави и влади што ги смета за непријателски. Моментално стратегискиот предизвик што го поставува неговата Русија е многу поголем.
Некои други развои на случувања исто така нудат причина за загриженост. Повеќе од 80 милиони лица, едно на секои сто се раселени. Многу поголем број луѓе претрпуваат нешто што може да се опише само како хуманитарна криза. Блискиот Исток е дом на неколку актуелни војни, кои се истовремено граѓански и регионални.
Демократијата е во пад во голем дел од светот, не само во драматичните случаи како Мјанмар и Судан туку и во делови на Латинска Америка, па дури и Европа. Хаити и Венецуела во суштина се пропаднати држави, како и Либија, Сирија и Јемен. Се чини дека Авганистан е на добар пат повторно да стане светски лидер во тероризам, производство на опиум и немаштија.
Има уште еден критичен фактор: САД се соочуваат со внатрешен хаос, кој е поголем од оној пред пет години. Политичката поларизација е на највисокото ниво досега, а политичкото насилство исплива на површината како сериозна закана. Мирниот трансфер на власта по избори веќе не може да се зема здраво за готово. Ваквата внатрешна реалност го забрза повлекувањето на Америка од позицијата на глобален лидер, по 75-годишно опстојување на светскиот врв. Ниту една друга држава не е способна ниту, пак, сака да ја преземе оваа улога.
Сепак, мора да се признае дека некои позитивни развои заслужуваат да бидат спомнати: брзото пронаоѓање вакцини драматично ја намали ранливоста на ковид-19, новите зелени технологии ја намалија зависноста од фосилни горива во спротивставувањето на жестокиот подем на Кина, порасна соработката меѓу САД и неколку нивни партнери, секако, тука е едноставно и фактот што ривалството помеѓу големите сили досега нема прераснато во војна.
Што би било потребно за да се избегне иднина што би била дефинирана како хаотична? Потесниот список би содржел широка вакцинација против ковид-19 и нови вакцини, кои би биле ефикасни против идните варијанти, технолошки или дипломатски напредок, кој драматично би ја намалил употребата на фосилни горива и би ги забавил климатските промени, политичко решение за Украина, кое би ја промовирало европската безбедност, и исход во Иран, кој би спречил тој да стане нуклеарна или приближно нуклеарна сила, американско-кинески релации кадарни за управување со конкуренцијата и избегнување конфликти, и конечно кога САД доволно би успеале да ја поправат својата демократија, така што би имале капацитет да се фокусираат на светските случувања.
Како и секогаш, за добро или за лошо, она што е малку е неминовно. Сепак, јасно е дека трендовите нема сами од себе да се подобрат. За подобрување на работите се потребни иновации, дипломатија и колективна волја. За жал, последниве две се дефицитарни.
Авторот е претседател на американскиот Совет за надворешни односи