Повеќе војни значат и поголема инфлација

Инфлацијата нагло се зголеми во текот на 2022 година и кај напредните економии и кај пазарите во развој. Структурните трендови сугерираат дека проблемот ќе биде секуларен наместо минлив. Поточно, многу земји сега се вклучени во различни „војни“, некои се реални, а некои метафорични, што ќе доведат до уште поголеми фискални дефицити, поголема монетизација на долгот и повисока инфлација во иднина.
Светот минува низ форма на „геополитичка депресија“ на врвот од ескалацијата на ривалството меѓу Западот и усогласените (ако не и сојузнички) ревизионистички сили како Кина, Русија, Иран, Северна Кореја и Пакистан. Руската инвазија на Украина сепак може да се прошири и да го вклучи НАТО. Израел, а со тоа и САД се на раб на судир со Иран, кој е на прагот да стане држава со нуклеарно оружје. Поширокиот Блиски Исток е буре барут. САД и Кина се соочуваат со прашањата кој ќе доминира во Азија и дали Тајван насилно ќе се обедини со копното. Според тоа, САД, Европа и НАТО повторно се вооружуваат, како и речиси сите земји на Блискиот Исток и Азија, вклучувајќи ја и Јапонија, која го започна своето најголемо воено засилување по многу децении. Повисоките нивоа на трошење за конвенционално и неконвенционално оружје (вклучувајќи нуклеарно, сајбер, био и хемиско) се сигурни, а овие трошоци ќе се одразат по џебот на народот.
Глобалната војна против климатските промени исто така ќе биде скапа и за јавниот и за приватниот сектор. Ублажувањето и адаптацијата со климатските промени би можеле да чинат илјади милијарди долари годишно во следните децении, а глупаво е да се мисли дека сите овие инвестиции ќе го поттикнат растот. По вистинска војна што уништува голем дел од физичкиот капитал на земјата, напливот на инвестиции секако може да предизвика економска експанзија. Сепак, земјата ќе биде посиромашна затоа што изгубила голем дел од своето богатство. Истото важи и за климатските инвестиции. Значителен дел од постојниот капитал ќе треба да се замени, или затоа што е застарен или затоа што е уништен од природни катастрофи како резултат на климатските промени.

Исто така, сега се води скапа војна против идните пандемии. Од различни причини, некои од нив поврзани со климатските промени, почести ќе станат епидемиите на болести со потенцијал да станат пандемии. Без разлика дали земјите ќе инвестираат во превенција или ќе се справат со идните здравствени кризи, тие ќе носат повисоки трошоци на постојана основа, а тоа ќе го дополни растечкиот товар поврзан со општественото стареење и здравствениот и пензискиот систем што се плаќа од народни пари. Овој имплицитен нефинансиран долг веќе се проценува дека е блиску до нивото на експлицитен јавен долг за повеќето напредни економии.
Згора на тоа, сè повеќе ќе се наоѓаме во војна против нарушувачките ефекти на „глоботиката“: комбинацијата на глобализацијата и автоматизацијата (вклучувајќи вештачка интелигенција и роботиката), која се заканува да им стави крај на голем број занимања. Владите ќе бидат под притисок да им помогнат на маргинализираните, без разлика дали преку шеми со основен приход, големи фискални трансфери или проширени јавни услуги. Овие трошоци ќе останат големи дури и ако автоматизацијата доведе до поголем економски раст.
Конечно, ќе мора да се води итна војна против зголемената нееднаквост во приходите и богатството. Во спротивно, тешкотиите што ги погодуваат младите луѓе и многу домаќинства од средната и работничката класа ќе продолжат да предизвикуваат реакција против либералната демократија и капитализмот на слободниот пазар. За да се спречат популистичките режими да дојдат на власт и да спроведуваат непромислени, неодржливи економски политики, либералните демократии ќе треба да потрошат богатство за да ги зајакнат своите мрежи за социјална заштита, како што многумина веќе прават.
Борбата со овие пет „војни“ ќе биде скапа, а економските и политичките фактори ќе ја ограничат способноста на владите да ги финансираат со повисоки даноци. Соодносите на данокот и БДП се веќе високи во повеќето напредни економии, особено во Европа, а даночното затајување, избегнувањето и арбитражата дополнително ќе ги комплицираат напорите за зголемување на даноците на високите приходи и капиталот. Така, водењето на овие неопходни војни ќе ги зголеми владините трошоци и трансферите како дел од БДП, без пропорционално зголемување на даночните приходи. Структурните буџетски дефицити ќе се зголемат од постојните нивоа, што може да доведе до неодржливи должнички стапки што ќе ги зголемат трошоците за задолжување и ќе кулминираат со должнички кризи, со очигледни негативни ефекти врз економскиот раст.

За земјите што позајмуваат во свои валути, целисходната опција ќе биде да се дозволи повисока инфлација за да се намали реалната вредност на долгорочниот номинален долг со фиксна стапка. Овој пристап функционира како капитална такса против штедачите и доверителите во корист на должниците и може да се комбинира со дополнителни, драконски мерки, како што се финансиска репресија, даноци на капитал и целосно неисполнување на обврските (за земји што позајмуваат во странска валута или чиј долг е во голема мера краткорочен или врзан со инфлацијата). Бидејќи „данокот на инфлација“ е суптилна и подла форма на оданочување за која не е потребно законодавно или извршно одобрение, тој е стандардниот пат на најмал отпор кога дефицитите и долговите се сè понеодржливи.
Се фокусирав првенствено на факторите од страната на побарувачката што ќе доведат до повисоки трошоци, дефицити, монетизација на долгот и инфлација. Но има и многу среднорочни негативни шокови во агрегатната понуда што би можеле да придонесат за денешните стагфлациски притисоци, зголемувајќи го ризикот од рецесија и бран на должнички кризи. Затоа сметам дека пред нас е голема стагфлациска должничка криза.

Нуриел Рубини е почесен професор по економија на школата за бизнис „Стерн“ на Универзитетот во Њујорк