Книгата „Идентитетот е приказна“ на Иван Антоновски (издание на Конгресен сервисен центар) фрла јасна светлина врз еден навидум маргинален, второстепен дел од импозантното творештво на Горан Стефановски

Последниве години во современата македонска литература се случува вистински наплив на млади автори што се одликуваат со завидна ерудиција, настапуваат со креативна енергија и со евидентен пробив надвор од Македонија. Сè почесто добиваме убави вести дека нивните преведени книги на странски јазици освојуваат значајни награди и дека стануваат предмет на аналитичен пристап од страна на книжевната критика. Особено радува фактот што истовремено се и длабоко свесни за сопствената книжевна традиција, дека сè повеќе покажуваат творечки интерес за домашното книжевно наследство, дека има најави и знаци тие да започнат да се осврнуваат на квалитетите на претходниците преку најразлични пристапи: магистерски и докторски трудови, книжевни критички осврти во периодиката, преку разговори на книжевни трибини. Со други зборови, како што нагласува Иван Антоновски во својата книга „Идентитетот е приказна“, на која се осврнуваме во овој приказ, „прочитот мора да започне“. Антоновски укажува конкретно на нужното внимание што треба да му се посвети на есејот, но тоа се однесува и на нашиот третман на сите книжевни родови и жанрови, области во кои македонската литература веќе со децении бележи исклучителни резултати.
Притоа Антоновски апелира: „Нашата книжевна наука повеќе не треба да си дозволи есејот да го смета за спореден, секундарен жанр во рамките на творечките опуси на македонските автори.“
Овој темелно образован и енергичен автор на својата аналитична приказна ѝ пристапува откако претходно со голема акрибија и со стратегиска обмисленост ја поставува широката теориска рамка во која ги разгледува претходните согледби, позиции и коментари за природата и основните својства на есејот воопшто. Тргнувајќи од сознанието дека забележителниот есеистички дел од целокупниот книжевен опус на нашиот незаобиколив Горан Стефановски сепак може да остане во сенка на неговиот импозантен драмски опус, Антоновски студиозно ја исчитува неговата есеистика, со цел да досегне до суштината на поетиката на овој автор.

Од ваквата интелектуална и концентрирана посветеност на овој дел од богатото и разновидно творештво на Стефановски, неговите есеи се откриваат како текстови со голема скала пристапи, па Антоновски може да констатира дека станува збор за вистинско разнообразие од форми: мини или нацрт-есеј, ренесансно-постмодернистички, есеј-беседа, есеј-расказ, есеј-колумна, епистоларен есеј, есеј-драмски дијалог… Значи, од увидот на Антоновски читателот дознава едно клучно својство на есејот на Стефановски, имено дека е тешко податлив на прецизно ситуирање во рамките на востановените типологии „бидејќи тој едновремено е и наративен, и дескриптивен, и аргументативен“, од што недвосмислено се покажува неговата и семантичка и формално структурална слоевитост. Антоновски посебно внимание посветува на семантичката основа, на суштинските делови на есејот-приказна, каде што се прави обид да се досегне вистинската природа на приказната како еманација на нашата ориентација во поширокото озрачје на социјалниот, националниот, идеолошкиот, интелектуалниот и духовниот амбиент. Оттука, централно место во есеите на Стефановски е обидот да ја ситуира својата лична, а истовремено и национална припадност во поширокиот меѓународен контекст, во социјалната непрекината динамика на личности, класи, родови и народи, во тој вител на една несогледлива комуникација и размена на обичаи и својства, при што допирите речиси никогаш не се без внатрешни долготрајни потреси.
Во таа смисла, Антоновски заклучува дека „есејот на Стефановски упатува и на тезата дека супериорниот Друг, мошне често, најпрво ја инхибира мојата приказна – во целост ја поистоветува со нашата приказна, која ја вреднува исклучиво преку неговиот прочит.“ Сета оваа, би рекол драматична есеистичка исповед на Стефановски, кој во својот богат интелектуален и творечки живот лично ја олицетворува и ја посведочува нашата приказна, преку аналитичниот и задлабочен прочит на Антоновски се открива како неразлачив, еднакво вреден дел од неговото севкупно книжевно творештво. Од особено значење е согледбата на Антоновски за првичноста на есејот кај Стефановски, кој со овој жанр се зафаќа уште на својот старт во литературата, што значи истовремено со создавањето на неговите први драмски текстови, како што се „Јане Задрогаз“ и ТВ-играта „Клинч“. Ваквата констатација на Антоновски недвосмислено сугерира дека есеистичкиот дел од опусот на Стефановски во никој случај нема второстепена, дополнителна улога, туку е истовредна, високопоставена негова составка.

Читателот на оваа значајна книга на Иван Антоновски има ретка повластица анализите, сознанијата и констатациите на авторот да ги провери најнепосредно преку додатокот на основниот текст, всушност, еден од најубавите есеи на Стефановски, „Искрата што се измолкнува“, со поднаслов
„Наративи помеѓу чеканот и наковалната“, изговорен на Светскиот конгрес на Меѓународната федерација за театарски истражувања во 2018 година, во Белград. Накратко, оваа умна, честита и над сè високопрофесионално напишана книга на Иван Антоновски фрла јасна светлина врз еден навидум маргинален, второстепен дел од импозантното творештво на Горан Стефановски, претставувајќи ни го во неговата севкупност и творечка полнотија. Антоновски укажува на фактот дека и во драмите и во есеите се открива врховното книжевно мајсторство на Стефановски, кој во двата типа текст ги поставува клучните егзистенцијални прашања на единствен, уметнички начин од највисок ранг.

Санде Стојчевски