Стратегијата што е стара половина век и е предводена од корпорациите, Волстрит, владите и централните банки, сега полека пропаѓа. Како резултат на тоа, западните власти се соочуваат со невозможен избор, а тоа е дали да ги втурнат конгломератите и државите во постепен банкрот или да дозволат инфлацијата да биде неконтролирана
Долга е листата за барање на виновникот за растот на цените. Дали премногу долго се испумпуваа пари од централните банки што предизвика раст на инфлацијата? Дали Кина има удел, каде што се пресели најголем дел од физичкото производство, пред пандемијата да ја заклучи земјата и да ги наруши глобалните синџири на снабдување? Дали е Русија, чиј конфликт со Украина наруши голем дел од глобалното снабдување со гас, нафта, жито и ѓубрива? Дали станува збор за некаква прикриена промена од строгите мерки за штедење што беа актуелни пред пандемијата на неограничена фискална дарежливост?
Одговорот опфаќа сè и ништо од горенаведеното. Големите економски кризи често поттикнуваат повеќе објаснувања што се точни, но ја промашуваат поентата. Кога се случи крахот на Волстрит во 2008 година, што доведе до голема светска рецесија, беа понудени различни објаснувања. Сите беа валидни, но никој не навлезе во суштината на проблемот. Истото важи и денес. Поборниците за монетарни политики, кои предвидуваа висока инфлација уште откако централните банки масовно ги проширија своите биланси во 2008 година, ме потсетуваат на радоста што таа година ја почувствуваа левичарите, кои постојано ја „предвидуваат“ блиската смрт на капитализмот. Со создавање огромни пречекорувања за банкарите во лажна надеж дека парите ќе вратат во реалната економија, централните банки предизвикаа епска инфлација на цената на средствата.
Но приказната на монетаристите не може да објасни зошто главните централни банки не успеаја од 2009 до 2020 година да го зголемат количеството пари што циркулира во реалната економија, а камоли да ја поттикнат инфлацијата на потрошувачките цени до нивната цел од два отсто. Нешто друго сигурно ја предизвика инфлација. Нарушувањето во синџирите на снабдување каде што Кина има централно место, очигледно одигра значајна улога, како и конфликтот во Украина. Но ниту еден фактор не ја објаснува брзата „режимска промена“ на западниот капитализам од распространета дефлација кон нејзината спротивност, а тоа е истовремено зголемување на цените. Ова наложуваше инфлацијата на платите да ја надмине ценовната инфлација, предизвикувајќи на тој начин долгорочна спирала, при што растот на платите се претопува во понатамошни зголемувања на цените, кои, пак, предизвикуваат платите повторно да растат до бесконечност. Само тогаш би било разумно централните банкари да бараат работниците да се воздржат од барање повисоки плати.
Но денес е апсурдно да се бара работниците да се откажат од зголемувањето на платите. Сите докази сугерираат дека сега платите растат многу побавно од цените, а сепак порастот на цените не само што продолжува туку и се забрзува. Што навистина се случува? Полека пропаѓа полувековната стратегија, предводена од корпорациите, Волстрит, владите и централните банки. Како резултат на тоа, западните власти сега се соочуваат со невозможен избор: да ги туркаат конгломератите, па дури и државите во постепен банкрот или да дозволат инфлацијата да остане неконтролирана.
Веќе 50 години, американската економија го одржуваше нето-извозот на Европа, Јапонија, Јужна Кореја, потоа Кина и другите економии во развој, додека најголемиот дел од странскиот профит се насочи кон Волстрит во потрага по повисоки добивки. Врз основа на овој капитал наменет за САД, финансиерите градеа пирамиди од приватни пари за да ги финансираат корпорациите што градат глобален лавиринт од пристаништа, бродови, магацини, складишта, патен и железнички транспорт. Кога финансиската криза во 2008 година ги изгоре овие пирамиди, целиот финансиски лавиринт на глобалните синџири на снабдување беше загрозен. За да ги спасат не само банкарите туку и самиот лавиринт, централните банки ги заменија пирамидите на финансиерите со јавни пари. Во меѓувреме, владите ги намалуваа јавните расходи, работните места и услугите. Платите се намалија, а цените и профитот стагнираа, но цената на имотот купен од богатите (а со тоа и нивното богатство) вртоглаво порасна. Така, инвестициите паднаа на историски минимум, капацитетот се намали, пазарната моќ порасна, а капиталистите станаа и побогати и позависни од парите на централната банка од кога било.
По 2008 година, универзалното штедење донесе ниски инвестиции (побарувачка на пари), кои, во комбинација со обилната ликвидност на централната банка (понуда на пари), ја задржаа цената на парите (каматните стапки) блиску до нула. Со опаѓањето на производствените капацитети, малкуте добри работни места и стагнацијата на платите, богатството триумфираше на пазарите на капитал и недвижности, кои беа одвоени од реалната економија.
Потоа се случи пандемијата во која западните влади беа принудени да насочат некои од новите реки пари од централните банки кај народните маси што беа ставени во карантин во рамки на економиите кои низ годините го исцрпуваа нивниот капацитет за производство и сега беа соочени со нарушени синџири на снабдување кои повторно требаше да профункционираат. Бидејќи за време на карантините беа потрошени дел од парите на оскуден увоз, цените почнаа да растат. Корпорациите со високи вредности на акции ја искористија нивната огромна пазарна моќ за драстично да ги зголемат цените.
По дведецениска поддршка од централните банки за искористување на зголемени цени на активата и растот на корпоративниот долг, мала инфлација на цените беше сè што беше потребно за да се стави крај на играта на моќ што го обликуваше светот по 2008 година по теркот на оживеаната владејачка класа. Па, што се случува сега? Веројатно ништо добро. За да ја стабилизираат економијата, властите прво треба да стават крај на преголемата моќ што им е дадена на малкумина со политичкиот процес во кој се вреднува богатство на хартија и се создаваат евтини долгови. Но токму тие малкумина нема да ја предадат власта без борба, дури и ако им се случи неславен крај во оптовареното општество.
Јанис Варуфакис е поранешен грчки министер за финансии, а актуелно е професор по економија на Универзитетот во Атина