Доаѓа зелена водородна револуција

Светот може да остане затворен во скапа, неефикасна и загадувачка иднина, која им дава моќ само на неколку земји богати со фосилни горива, како што е Русија. Или можеме да избереме зелена револуција на евтина енергија за сето она што ја чува нашата иднина безбедна од загадување, глобално затоплување и од диктатори

Климатските промени предизвикани од човекот предизвикуваат опасно и широко распространето нарушување на животната средина и влијаат на животите на милијарди луѓе низ светот. Според Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПЦЦ), светот се соочува со неизбежни климатски опасности во следните две децении. Но со просечните годишни глобални емисии на стакленички гасови, кои ги достигнаа своите највисоки нивоа во човечката историја помеѓу 2010 и 2019 година, едноставно не правиме доволно за да го ограничиме глобалното затоплување на 1,5 Целзиусов степен.
Извештајот на ИПЦЦ објавен во април препорача светот брзо да ги намали понудата и побарувачката на фосилни горива од сега до 2050 година: за 95 отсто во случајот на јагленот, 60 отсто за нафтата и 45 отсто за природниот гас. Но како можеме да постигнеме такви амбициозни цели?
Одговорот е со префрлање на зелен водород, кој може да се произведува од сите форми на обновлива енергија, вклучувајќи соларна, од ветер, хидро и геотермална. Зелениот водород е гориво со нула емисии; кога се произведува преку електролиза, единствената „емисија“ е водата. Тоа е практично и применливо решение, кое со демократизација на енергијата, декарбонизација на тешката индустрија и создавање работни места на глобално ниво, ќе помогне да се револуционизира начинот на кој ја напојуваме нашата планета.
Наглото забрзување на транзицијата со зелена енергија, исто така, може суштински да го промени геополитичкиот пејзаж, бидејќи земјите повеќе нема да бидат моќни само поради фосилните горива што ги произведуваат. Во 2021 година, Русија обезбеди 34 отсто од германската сурова нафта и 53 отсто од тврдиот јаглен што го користат германските генератори на електрична енергија и производителите на челик. Природниот гас од руските цевки беше најголемиот извор на увоз на гас во Германија во декември 2021 година, со 32 отсто од понудата.

Откако рускиот претседател Владимир Путин ја започна војната во Украина во февруари, извозот на фосилни горива во Европа ѝ обезбедува на Русија приближно една милијарда долари дневно.
Но од почетокот на инвазијата во февруари, особено земјите од Европската Унија се придвижија брзо за да ја намалат нивната енергетска зависност од Русија, а неодамна се согласија да го забранат целиот увоз на руска нафта преку море. Овие нови санкции против воената машина на Путин би можеле да го намалат количеството нафта што ЕУ го купува од Русија за 90 отсто оваа година. Соединетите Американски Држави прогласија целосна забрана за увоз на руска нафта, гас и јаглен, додека Обединетото Кралство постепено го укинува увозот на руска нафта до крајот на 2022 година.
Овие политики ги зголемија цените на горивото. Но нагло повисоките цени, исто така, ја истакнаа можноста за намалување на трошоците за енергија со инвестирање во обновливи извори на енергија и производство на зелен водород.
Новото истражување сугерира дека зелениот водород ќе биде конкурентен на фосилните горива во следната деценија. Цената на зелениот водород се очекува значително да се намали до 2025 година и да падне на еден долар за килограм до 2030 година на поволни локации како Австралија. За споредба, сивиот водород, кој се прави со користење загадувачки течен природен гас, моментално чини околу два долара за килограм.
Некои се залагаат за користење ЛНГ за „решавање“ на сегашната енергетско-безбедносна криза, но „природниот гас“ содржи метан, а ИПЦЦ вели дека мора да ја намалиме употребата на природен гас за речиси 45 отсто до 2050 година; додавањето повеќе во енергетската мешавина сега би било катастрофална грешка.
Значи, сега постои глобална трка за зелена енергија и конкретно за зелен водород. Десетици земји што имаат изобилство на обновливи извори на енергија можат да развијат енергетска независност со производство на зелен водород во обем. И увозниците на енергија нема да мора да се потпираат само на неколкуте земји (како Русија) што имаат природен дар со фосилни горива.

Во неодамнешниот извештај, Меѓународната агенција за обновлива енергија рече дека (зелениот) водород може да ја зајакне енергетската безбедност на три главни начини: со намалување на зависноста од увоз, ублажување на нестабилноста на цените и зајакнување на флексибилноста и еластичноста на енергетските системи преку диверзификација. Како што се подобруваат технологиите, цената на зелениот водород ќе се намалува. Мораме да направиме сѐ што можеме за да го забрзаме овој процес.
Компаниите како „Фортескју“, каде што јас сум директор на одборот, инвестираат значително во зелен водород и ќе помогнат да се заменат руските фосилни горива со зелена енергија. „Фортескју“ неодамна објави договор со најголемиот германски енергетски дистрибутер, Е.ОН, за снабдување на Европа со пет милиони тони зелен водород годишно до 2030 година – што е еквивалент на една третина од калориската вредност на енергијата што Германија моментално ја увезува од Русија.
Но иако брзите промени во енергетскиот и во геополитичкиот пејзаж претставуваат јасна можност за истовремено решавање на енергетските и на климатските кризи со инвестирање во зелена енергија, постои јасна перцепција за неправедност кога развиените земји тврдат дека економиите во развој со релативно ниска емисија треба да ја прекинат употребата на фосилни горива. Зошто треба да ризикуваат да го забават нивниот развој за да го решат проблемот во кој не играле никаква улога во предизвикувањето?

Тоа е валидно прашање. Креаторите на политиката ќе треба да ги земат предвид интересите на земјите во развој за време на зелената транзиција и да ги подобрат финансирањето и поттикот за нив да се префрлат на чиста енергија како основа на индустријализацијата.
Светот очигледно е на крстосница. Можеме да останеме затворени во скапа, загадувачка иднина, која е страшно неефикасна и која им дава моќ само на неколку земји богати со фосилни горива. Алтернативно, можеме да избереме зелена револуција на евтина енергија за сето она што ја чува нашата иднина безбедна од загадување, глобално затоплување и од диктатори. Имајќи предвид дека зелената енергија има моќ да го демократизира глобалното снабдување бидејќи повеќе земји постигнуваат енергетска независност, изборот не е тежок.

Џин Бадершнајдер е независна директорка на „Фортескју метал груп“