Трансатлантската алијанса уживаше период на обнова по штетата што ја нанесе поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Но како што јасно покажа хаотичното повлекување од Авганистан, САД и нивните европски сојузници мора да преземат одлучни напори за да се подготват за сериозните предизвици со кои се соочуваат сега
Трансатлантските односи повторно закрепнаа откако американскиот претседател Џо Бајден влезе во Белата куќа. Но брзото преземање на талибанците во Авганистан и хаотичната евакуација на странски државјани и загрозени Авганистанци го променија расположението. Вознемиреноста на Европа поради постапувањето на Бајден со повлекувањето на Авганистан, заедно со претстојните федерални избори во Германија на 26 септември, го прави овој момент погоден за анализа на Атлантската алијанса.
Четири фундаментални геополитички промени ги преобликуваат трансатлантските односи. Прво, иако трансатлантските врски ги преживеаја Доналд Трамп, неговото претседателство и нелибералниот популизам, кој исто така ја заразува Европа, ја разоткрија кревкоста на либералната демократија во нејзините историски бастиони. Второ, иако изборот на Бајден повторно го зајакна атлантизмот, домашните темели на американскиот интернационализам значително ослабеа. Сојузниците на НАТО го сфаќаат премногу брзото повлекување на САД од Авганистан како загрижувачки знак дека „надворешната политика на Бајден за средната класа“ значи фокус на домашниот фронт и намалување на присуството на Блискиот Исток. Покрај тоа, стратегиската преокупација на Америка со Кина може да значи помалку внимание и ресурси на САД за Европа и да подразбира очекување дека Европејците ќе треба повеќе да вложат во сопствената безбедност. Трето, внатрешната кохезија на Европската Унија (ЕУ) во последниве години беше ослабена од мигрантската криза, брегзит, пандемијата и тврдоглавото држење на нелибералните влади во Централна Европа.
Новото оптоварување на европската солидарност ја зајакнува потребата од германско лидерство, но и ја зголемува будноста на другите за огромното влијание на Берлин. Четвртата промена се стратегиската амбиција на Кина и нејзиниот зголемен глобален досег, благодарение на нејзината транснационална иницијатива „Појас и пат“.
За да ги зачува својата централност и кохезија среде овој променлив глобален пејзаж, атлантската заедница треба да следи неколку цели. Најпрво треба да го победи внатрешниот непријател, со решавање на главните извори на нелибералниот популизам. Условите не се идентични во САД и во Европа, но трансатлантскиот разговор за намалување на економската несигурност, мапирање на иднината на работата во дигиталната ера и закрепнување од пандемијата на ковид-19 се од суштинско значење. Друг висок приоритет е развивање доселенички политики што ги задоволуваат моралните обврски и економски потреби на САД и на Европа, но исто така ги обезбедуваат и нивните граници.
Што се однесува до НАТО и безбедносната врска помеѓу Северна Америка и Европа, разговорите за трансатлантски ребаланс конечно треба да станат реалност. Европските членки на НАТО, а особено Германија, мора да преземат значително поголем дел од одбранбениот товар и да ги надградат своите воени капацитети и подготвеност. Всушност, Германија треба да стане најсилната конвенционална воена сила во европскиот столб на НАТО. САД ќе останат егзистенцијален воен столб на Алијансата, но веќе нема да го водат шоуто. Во исто време, политичката важност на присуството на американските трупи во Европа ќе расте, уверувајќи ги европските сојузници дека поголема германска моќ значи поголема безбедност.
Додека САД продолжуваат да се повлекуваат од поширокиот Блиски Исток, Европејците треба да помогнат во промовирањето на стабилноста во проблематичните места како што се Либија, Сирија, Авганистан и Нагорно Карабах. Поспособна и поактивна Европа ќе добие поголема јавна поддршка и ќе стане поефективен партнер за САД, зајакнувајќи ги трансатлантските односи. Спротивно на тоа, колку повеќе Европа е на грбот на САД, толку побрзо Европејците ќе ја загубат довербата во блокот и побрзо ќе исчезне американското трпение, што ќе ги ослаби трансатлантските врски. Конечно, САД и нивните европски сојузници треба да создадат пообединет фронт наспроти Кина. Европејците треба да го охрабрат Бајден да ја ублажи реториката и да ја третира Кина како меродавен конкурент, а не како непомирлив непријател.
Но градењето трансатлантски консензус нема да биде лесно. Само минатата недела се отвори непријатен јаз меѓу Франција и администрацијата на Бајден за новото безбедносно партнерство меѓу САД, Велика Британија и Австралија, што подразбира стекнување на Австралија со американски подморници со нуклеарен погон и откажување на нарачката за набавка на француски подморници. Исто така, ЕУ издаде политички документ наречен „Стратегија на ЕУ за соработка во Индо-Пацификот“, што ја намалува конфронтацијата со Кина.
Сепак, ЕУ и САД треба заедно да се спротивстават на кинеските неправедни трговски практики и да ги усогласат нивните политики за контрола на извозот, враќање на синџирите на снабдување за чувствителни технологии и регулирање на кинеските инвестиции во странство. Освен тоа, за ефективна атлантска стратегија за справување со Кина се потребни заеднички американско-европски напори за подобрување на односите со Русија. Сегашното кинеско-руско партнерство значително го зголемува колективниот предизвик што тие го претставуваат за Америка и за Европа. Трансатлантската алијанса уживаше период на обнова по штетата што ја нанесе поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Но, како што јасно покажа хаотичното повлекување од Авганистан, САД и нивните европски сојузници мора да преземат одлучни напори за да се подготват за сериозните предизвици со кои се соочуваат сега.
Хелман е професор по политички науки на универзитетот „Гете“ во Франкфурт. додека Купчан е професор по меѓународни односи на универзитетот „Џорџтаун“.