Еден нов академски журнал им овозможува на авторите да користат псевдоним за да го избегнат ризикот од лична злоупотреба што вклучува закани по живот или трајно уништување на нивните кариери. Оваа опција стана неопходна дури и во држави што не се сметаа за строго авторитарни
Минатиот месец беше објавен првиот број на журналот за контроверзни идеи, каде што сум уредник. Списанието е одговор на намалената граница за прифатлив дискурс, дури и во либералните демократии. Посебно е наменет за да обезбеди форум во кој авторите можат, доколку сакаат, да користат псевдоним за да го избегнат ризикот од лична злоупотреба како што се смртни закани или трајно уништување на нивната кариера.
Порано заканата по академската слобода во демократските земји доаѓаше првенствено од десницата. Денес, сепак, најголемиот дел од спротивставувањето на слободата на размислување и изразување доаѓа од левицата. Еден таков пример се случи во 2017 година, кога Ребека Тувел ја објави статијата „Во одбрана на меѓурасниот идентитет“ во списанието за феминистичка филозофија „Хипатија“. Статијата на Тувел го постави прашањето зошто луѓето што силно го поддржуваат правото да изберат нечиј пол негираат слично право да изберат раса. Над 800 лица, главно академици, потпишаа писмо со барање со „Хипатија“ да ја повлече статијата.
Би било тешко да се замисли појасен контраст со класичната одбрана на слободата на мислата и изразувањето на Џон Стјуарт Мил во делото „За слободата“. Мил смета дека забелешката што ја овозможува слободата на говор ќе предизвика навреда. Тој вели дека „не е еднакво чувството на некоја личност за своето мислење и чувството на другиот што е навреден од него. Тоа е слично на паралелата на желбата на крадецот да украде чанта и желбата на вистинскиот сопственик да ја задржи“.
Без разлика дали ги прифаќаме или одбиваме паралелите на Мил, барем не е очигледно тоа што еден став што може да навреди некои луѓе е доволна причина за негово потиснување. Самото негово сериозно сфаќање драстично ќе го намали опсегот на слободата на изразување во однос на широк спектар на етички, политички и религиозни прашања.
„Журналот за контроверзни идеи“ е рецензирано интердисциплинарно академско списание. Поднесените статии мора да поминат првична проверка со која се исклучуваат оние за кои уредници оценуваат дека немаат шанса да добијат поволни препораки од рецензентите. Оние што не се веднаш отфрлени потоа се испраќаат на преглед кај експертите за темата на статијата. Потоа, рецензентите размислуваат дали во статијата се дискутира за контроверзна идеја, и ако тоа е така, тогаш ја разгледуваат силата на доказите или на аргументите. Се прифаќаат само добро аргументирани статии со силни заклучоци. Други критериуми за објавување се дека статиите не треба да имаат полемички карактер и треба да критикуваат само идеи и аргументи, наместо луѓето што се извори на тие идеи и аргументи.
Сево ова, освен посебниот фокус на контроверзните идеи, важи и за повеќето академски списанија. Она што е карактеристично за „Журналот за контроверзни идеи“ е опцијата на авторите да користат псевдоним, со што ќе се заштитат од различните форми на заплашување, од кои инаку стравуваат кога сакаат да зборуваат на контроверзни идеи. Ако понатаму сакаат да бидат признаени како автори на нивните статии, нивниот идентитет може да се потврди. Три од десетте статии во првиот број беа објавени под псевдоним.
Друг важен аспект на списанието е дека секој што има конекција на интернет може да го прочита, бесплатно и без платено рекламирање. Уредниците се обврзаа да не потпаѓаат на притисокот на јавноста за повлекување статија, освен ако подоцна не се покаже дека содржи лажни податоци или вклучува плагијат. Бидејќи списанието е само на интернет, уредниците не се поврзани со ниту една институција или издавач. Беше добиена финансиска поддршка од широк спектар на донатори што ја споделуваат нивната загриженост во врска со ограничувањата на слободата на говорот, така што не се фаворизира користа на кој било донатор или група на донатори.
Настојувајќи да се заштитат авторите од пречките за слободата на говор што беа наведени, не треба да се заборави дека во голем дел од светот уште поголема цена носи изразувањето контроверзни идеи, особено оние критички настроени кон владите или доминантната религија. Проектот за следење на академската слобода на мрежата на научници во ризик известува дека во светот за 12 месеци пред 10 мај 2021 година, се случиле 259 напади врз научници, студенти и универзитети, вклучувајќи 66 убиства, чинови на насилство или исчезнувања и дури 92 случаи на затворање. Најголем дел од случаите е регистриран во Кина, Русија, Турција, Иран и во Мјанмар по пучот.
Сепак, слободното изразување на ставовите може да доведе до долги затворски казни дури и во земји за кои не се смета дека се авторитарни. На Тајланд на почетокот на оваа година, жена позната само како Анчан беше осудена на 43 години затвор за објавување аудиозаписи од поткасти на социјалните мрежи, во кои се критикува монархијата.
Затоа ги охрабруваме луѓето што се соочуваат со затвор, закани, малтретирање, заплашување или наштетување на нивната кариера да ги објават нивните ставови под нивно име, а да ги испратат кај нас под псевдоним. Добро аргументираните идеи можат да бидат споделени и самите да бидат изложени на критика, без да биде објавено вистинското име на авторот.
Авторот е професор по биоетика на универзитетот „Принстон“ и основач на непрофитната организација „Животот што можете да го спасите“