Еден од клучните аргументи како поддршка за повлекувањето на Велика Британија од ЕУ е дека државата ќе може да преговара за подобри трговски договори со другите држави, па дури и со Европа, ако е посебна. Според поддржувачите на брегзит, како што е британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон, поради тоа што меѓу членките на ЕУ владеат големи поделби и се премногу зафатени со сопствените проблеми за да го одбранат интегритетот на европскиот проект, „постои само еден начин за да се добие промената што ја посакуваат, а тоа е да гласаат за напуштање на ЕУ“.
Но со тоа што останува уште помалку од една година од датумот за брегзит, кога официјално завршува членството на Велика Британија во ЕУ, јасно е дека пропаднаа надежите на британската влада за поделба и освојување на европската економија. Членките на ЕУ останаа зачудувачки обединети во текот на преговорите за брегзит. Иако самиот брегзит не е причина за славење, процесот барем покажа дека Европа е најсилна кога е ставена пред предизвик.
Всушност за многу Европејци, ЕУ изгледа дека се врати од мртвите. Бавно но сигурно, францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел, двата најмоќни лидери во блокот, покажаа знаци на здружување за да се остварат долгоочекуваните реформи во ЕУ.
Покрај формирањето на евроскептичната коалициската влада во Италија и подемот на популистичките партии во Европа, анкетите покажуваат дека поддршката за ЕУ сега е на највисоко ниво од тоа што беше во изминатите децении. Според една скорашна анкета на „Евробарометар“, ако денес би се одржал референдум за членство во ЕУ, околу 83 отсто од Европејците би гласале за останување во блокот, а рекордни 60 отсто сметаат дека членството во ЕУ е „добро“ за нивната држава.
Со други зборови, иако популизмот дефинитивно може да направи политички поделби во рамките на ЕУ, сепак постојат малку докази дека самиот брегзит предизвика домино-ефект. Предводникот на брегзит, Најџел Фараж, можеби смета дека новата популистичка влада на Италија е успех за неговиот вид „самостоен национализам“, но реалноста е дека европските популисти се од поинаква сорта од оние во Велика Британија. Иако во финансиските пазари се јави една вознемиреност дека новите лидери на Италија би можеле да ја повлечат својата држава од еврозоната, сепак анкетите направени пред изборите во март покажаа дека 60-72 отсто од Италијанците никогаш не би направиле таков потег.
Сепак, скорашните анкети откриваат поголема неодлучност за актуелната насока по која се движи ЕУ. Само 32 отсто од граѓаните веруваат дека „нештата се движат во вистинската насока“ за ЕУ, додека 42 отсто сметаат дека блокот е на погрешен пат. Прашањето за повеќето Европејци не е дали да ја уништат ЕУ, туку како да ја подобрат.
Благодарение на долготрајните последици на финансиската криза од 2008 година и последователната криза во еврозоната, ЕУ не успеа да ги спроведе потребните реформи. Но сега има отворена можност да дејствува, затоа што вистината за опасната нова геополитичка реалност на Европа конечно почна да тропа на врата кај многумина во ЕУ.
Сепак, обединувачкиот предизвик што го постави брегзит пред блокот, не е ништо во споредба со Доналд Трамп. Неговиот презир кон НАТО и откритијата за контактите на неговата кампања со Русите поврзани со Кремљ пред претседателските избори од 2016 година јасно покажаа дека Европејците повеќе не можат целосно да се потпираат на САД за својата безбедност.
Покрај тоа, одлуката на Трамп да ѝ наметне на ЕУ (како и на другите американски сојузници, на пример Канада и Мексико) царински тарифи за челик и алуминиум предизвика гнев и незадоволство кај европските лидери, што беше причина тие да се обединат. Неговиот предлог да нема повеќе германски автомобили на американските улици, покрај фактот што многу „германски“ автомобили всушност се произведуваат во самите американски сојузни држави од кои тој ја добива поддршката, може да им помогне на Германците да сфатат дека им се потребни другите Европејци за да ја заштитат својата автомобилска индустрија.
Тарифите на Трамп создадоа одлична можност за широката коалициска влада на Германија да направи компромис со Макрон за неговите амбициозни предлози за реформи во ЕУ и еврозоната. Време е Германија да стане поотворена за потребите на јужноевропските држави.
Политиките на Трамп за „Америка на прво место“ претставуваат погрешно враќање кон чистиот национализам и протекционизмот од едно минато време. Тие претставуваат директна закана по повоениот меѓународен поредок што ги поддржуваше просперитетот и стабилноста 73 години. Но, од друга страна, тие можеби се токму она што му е потребно на стагнирачкиот процес на евроинтеграција.
Трамп ужива во хаосот што го сее. Тој верува дека меѓународните односи се антагонистичка игра на победници и губитници и наедно се транснационални до степен до кој неговите надворешни и трговски политики имаат смисла. За споредба, стратегијата на ЕУ е соработка и компромис. Сега кога двата светогледи се наоѓаат во судир, имаме ситуација во која секоја страна се поттикнува.
Покрај брегзит и Трамп, реваншизмот на рускиот претседател Владимир Путин и зголеменото влијание на Кина го менуваат од корен светскиот поредок. Но, како што добро знаеме ние Европејците, само кризата може да ги придвижи нештата напред. Со години ги избегнувавме тешките одлуки. Но сега мораме да одлучиме каква сакаме да биде Европа во 2050 година и понатаму.