Заканата од Г-минус-2

 

Џош Фелман

Г1-светот, доминиран од САД, одамна е минато, а системот Г2, во кој Америка и Кина споделуваа хегемонистички одговорности, сега бледнее во меморијата. Во денешниот свет Г-минус-2, американските и кинеските политики се закануваат да нанесат уништувачки последици врз глобалната економија

Во еден краток период помеѓу доцните 1980-ти и доцните 2000-ти, светот беше карактеризиран со конвергенција, како идеолошка така и економска. Западот и остатокот се согласија дека отворениот либерален поредок е најдобар начин за зголемување на напредокот. Сега, сепак, овој идеолошки поредок се заканува да се урне, со негативни последици за светската економија. Дводецениската златна ера беше исполнета со трговска хиперглобализација, рефлектирана во дотогаш невидено зголемување на размерот помеѓу светскиот извоз и БДП. Тоа исто така беше ера на економска конвергенција: првпат по повеќе векови, животните стандарди во голем дел од спектарот на земјите во развој почнаа да ги стигнуваат индикаторите на напредните економии. Уште повеќе, глобализацијата и конвергенцијата беа неразделни: отворените пазари им овозможија на земјите во развој да напредуваат преку изградбата на модерни, ефикасни и извозно ориентирани индустрии. Ниту една земја не профитира толку многу од хиперглобализацијата како Кина.

Либералниот поредок, што беше темел на оваа ера, во најголем дел беше креиран од САД. Точно пред 75 години, кога економските неволји од 1930-тите и Втората светска војна сѐ уште беа свежи во колективната свет, САД беа во можност и расположени да обезбедат три витални глобални јавни добра преку повоените институции креирани во Бретон Вудс. Вонредното финансирање ќе биде обезбедено од Меѓународниот монетарен фонд, а долгорочните заеми од Светската банка. Покрај тоа, отворените пазари ќе цветаат под Генералниот договор за тарифи и трговија (и неговиот наследник, Светската трговска организација). Тоа беше Г1-свет, а Америка беше несомнениот хегемон.

Денес немаме ниту Г1-свет ниту идеолошка конвергенција. Поради нејзиниот спектакуларен пораст по 1978 година, Кина стана втората доминантна економска сила, покрај САД (Европа сѐ уште е премногу децентрализирана и оптоварена со внатрешни проблеми за да има стратегиско влијание). Покрај тоа, повеќе го нема консензусот за тоа што сочинува добра економска политика.

На Западот, особено САД, со серијата негативни економски трендови – вклучувајќи побавен пораст, растечка нееднаквост, опаѓачка мобилност и поголема концентрација на економска моќ – ја доведе во прашање користа од глобализацијата. Дополнително, глобалната финансиска криза од 2008 година и нејзините последици ја поткопаа довербата во капитализмот од американски стил. Кинескиот подем и очекуваните последици за Америка исто така го разгореа американскиот скептицизам за глобализацијата. Голем дел од американската елита и јавноста верува дека Кина ја злоупотребила американската добрина, преку валутна манипулација, кражба на интелектуална сопственост, шпионирање и принуден технолошки трансфер.

Овој неусогласен Г2-свет и крајот на идеолошката конвергенција сега ѝ се закануваат на економската конвергенција, а на тој начин и на изгледите за напредок на земјите во развој. Златната ера на конвергенција, во секој случај, веќе почнува да ги покажува своите последици. Прво, климатските промени претставуваат ризик за земјоделството на земјите во развој. Проблемите во овој сектор ќе се повторуваат низ овие економии, бидејќи високото и растечко земјоделско производство беше клучот за успешната структурна трансформација од земјоделство кон производство. Дополнително, ширењето на технолошки овозможеното автоматско производство ги заменува необучените работници со машини, директно заканувајќи им се на можностите на сиромашните земји да ги зголемат приходите преку трудово-интензивно производство.

Но најголемата закана доаѓа од идеолошкото разидување помеѓу Западот и остатокот. Г2 на Кина и САД, наместо да ги снабдува клучните глобални јавни добра преку отворените пазари, сега обезбедува глобални јавни „лошотии“. И додека САД и Кина меѓусебно си воведуваат царини и трговски рестрикции, и додека Вашингтон ги поткопува мултилатералните трговски правила и институции, светската трговија значително забави, заканувајќи им се на извозните сектори на земјите во развој и на одржливоста на нивните генерални стратегии за развој. Истовремено, САД и другите западни влади се впуштија во борба со миграцијата. Како резултат на тоа, земјите во развој се втерани во ќош и сѐ потешко ќе им биде да ги извезуваат своите производи или својот вишок работна сила. Американското отфрлање на Парискиот климатски договор не е добар знак за посиромашните земји, кои ќе го носат товарот од последиците од глобалното затоплување.

Ваквата ситуација е доволно опасна. Но можеби најкритичните „лошотии“ обезбедени од САД и Кина се оние најсуптилните. Американските унилатерални мерки, кои ги извртеа глобалните правила, почнаа да им наштетуваат на институциите од Бретон Вудс и на системот на меѓународна соработка. Кина, во меѓувреме, е хегемон, кој стана доминантен, без притоа да усвои оригинален меѓународен апел. Недемократска и репресивна, на земјата ѝ недостига „мека моќ“, која би ѝ дала дополнителен легитимитет за да ја потврди својата доминација: на крајот на краиштата, за ефикасно лидерство се потребни согласни следбеници.

Уште повеќе, хегемоните мора да обезбедат отворени пазари. Сепак, Кина не нуди доволно извозни можности за посиромашните земји, и покрај тоа што таа претходно многу поентираше од длабоките трговски врски со понапредните економии. Неодамнешно вртење на кинеската влада кон самодоволност и промовирање на домашните шампиони само придонесува за брзо намалување на увозните можности на земјата.

Да биде јасно, Кина има право да спроведува развојна стратегија што ѝ помогна во нејзиниот извонреден економски пораст. Но земјата не може да биде добар хегемон доколку инсистира на одржувањето протекционистички став, што го осиромашува глобалниот систем – и другите земји во развој – од клучните јавни добра.
Г1-светот, доминиран од САД, одамна е минато, а системот Г2, во кој Америка и Кина споделуваа хегемонистички одговорности, сега бледнее во меморијата. Во денешниот свет Г-минус-2, американските и кинеските политики се закануваат да нанесат уништувачки последици врз глобалната економија.

Презафатени со својата караница, САД и Кина досега не одговорија на клучните прашања што почнаа да ги поставуваат земјите во развој. Што ќе се случи со глобалниот економски систем? Дали сегашниот систем ќе трае доволно долго за да ни овозможи да напредуваме? Како ќе се справиме со наредната рунда глобални турбуленции? И дали воопшто има смисла да се зборува за соработка, кога двајцата водечки глобални актери ги поткопуваат мултилатерализмот и институциите што го одржуваат?

Џош Фелман е директор на „Џеј-ејч консалтинг“