Изборот на Џо Бајден за следен претседател на САД ги зголеми надежите во Европа за враќање на трансатлантските односи на старите патеки, но не може да има едноставно враќање во минатото. Соочени со толку многу домашни и меѓународни предизвици, САД ќе ги ценат трансатлантските односи само доколку тие односи даваат вистинска вредност. Посилна Европа што носи поголем удел во глобалните одговорности може да гарантира дека ќе се случи тоа.
Многу се зборуваше за постигнување „европска стратегиска автономија“, но што значи тоа во практиката? Автономијата не треба да подразбира целосна независност или изолација од остатокот од светот. Наместо тоа, се однесува на способноста да се размислува за себе и да се дејствува според сопствените вредности и интереси. Европската Унија (ЕУ) треба да постигне ваков вид автономија, истовремено зајакнувајќи ги своите сојузи и зачувувајќи ги своите заложби за мултилатерализам и отвореност.
ЕУ се соочува со сериозни стратегиски предизвици во денешното антагонистичко меѓународно опкружување, каде што растат геополитичките ривалства и конкуренцијата на големите сили. Затоа, како што еднаш отворено рече германската канцеларка Ангела Меркел, „ние, Европејците, навистина мора да ја земеме судбината во свои раце“. Затоа, мора да застанеме на свои нозе.
Долго време дебатата за стратегиската автономија се фокусираше главно на безбедноста и на одбраната. Некои сметаа дека дискусијата е обид да се создадат алтернативи за соработка во одбраната во рамките на Северноатлантскиот сојуз, а некои дури сфатија дека американската посветеност кон Европа е доведена во прашање и дека може да следува поголемо раздвојување. Неспорно е дека НАТО одигра неопходна улога во европската безбедност. Секоја консолидација на безбедносниот капацитет на Европа треба да се спроведува во рамките на Алијансата. Како што нагласуваа последователните американски лидери, Европа треба да го зголеми сопствениот придонес во одбраната, да се бори против перцепцијата дека само Америка плаќа за трансатлантската безбедност. Иако администрацијата на Бајден ќе донесе промена во тонот и ќе има помалку конфронтациски пристап, на прашањето за одбранбените трошоци, од Европа ќе се очекува истото нешто како и од неговите претходници. Суштинските геополитички интереси на Америка нема да се променат.
За среќа, ЕУ веќе работи на неколку патеки за зајакнување на трансатлантското партнерство. Според напорите на Постојаната структурирана соработка (ПЕСКО), европските членки на НАТО помагаат да се решат празнините во можностите на Алијансата и работат на исполнување на нивната заложба за трошење на два отсто од БДП за одбраната до 2024 година. Еднакво важно, создавањето нов европски фонд за одбрана (ЕДФ) претставува важен чекор кон подобрување на можностите на воената индустрија на Европа. Но безбедносните предизвици на Европа ги надминуваат традиционалните надлежности на НАТО.
Од Сахел и Либија до источен Медитеран, постојано се јавуваат кризи што бараат силен европски одговор. Задачата на ЕУ е да дефинира заеднички став од кој може да дејствува во интерес на одржување на регионалната стабилност. За да успее, Европа мора да развие своја рамка за следење и анализа на заканите, за да може брзо да премине од процена на закана кон операционализација и одговор. Затоа сега развиваме стратегиски компас.
Од клучно значење е дискусијата за стратегиската автономија да се прошири надвор од прашањата на одбраната и на безбедноста. Како што покажа корона-кризата, прашањата како што се јавното здравство и економската меѓузависност не се помалку важни. Стратегиската автономија е идејната рамка што ѝ е потребна на Европа за да ги разбере овие прашања и како тие се однесуваат едни на други. Гледано во изолација, маските за лице и лековите не се стратегиски производи. Но стратегиските пресметки се менуваат кога производството на такви производи е концентрирано само во неколку земји. Истото тоа важи и за изворите на ретки метали, социјални медиуми и други дигитални платформи и технологии како што е 5Г.
За да им помогне на членките да се справат со овие и многу други прашања, Европската комисија предложи низа нови инструменти, како што е механизмот што стапи во сила минатиот месец за проверка на странски инвестиции во ЕУ.
Но постигнувањето стратегиска автономија ќе бара и интензивно искористување на моќта на единствениот пазар во Европа. Со својата огромна големина и обем, единствениот пазар нуди многу инструменти за заштита на европските интереси во однос на критичната инфраструктура, странските инвестиции, државните субвенции (од кои имаат корист одредени странски инвеститори) или извозот со двојна употреба (воен и комерцијален).
На пример, станавме сè посвесни за ранливостите воведени од сè понерамномерниот економски однос со Кина, така што реципроцитетот го претворивме во основна цел во нашите преговори за инвестициски договор. Европа нема проблем со економскиот развој на Кина и придобивките што им ги донесе на нејзините граѓани. Но не можеме да дозволиме меѓународна експанзија на Кина да се случи за сметка на нашите сопствени интереси и вредности. Затоа се решивме на двоен пристап, третирајќи ја Кина како важен партнер, но исто така и како конкурент и системски ривал.
Генерално, главната цел на ЕУ мора да биде зајакнување на нејзината улога и влијание во светот, така што таа ќе биде партнер по избор за секоја друга земја и светска сила. Концептот на стратегиска автономија е од суштинско значење за оваа амбиција, затоа нема простор за стратегиска удобност.
Авторот е висок европски претставник за надворешни работи и безбедносна политика, како и потпретседател на Европската комисија