Европската солидарност има корист од комерцијалното единство исто колку што има корист и од заедничките демократски вредности. Една придобивка од проширувањето на ЕУ беше отворањето на многу нови работни места во Источна Европа, како резултат на странските директни инвестиции од западноевропските компании. Покрај подобрувањето на економските услови во новите членки на ЕУ, инвестициите доведоа и до создавање на наднационални индустрии, од кои денес зависат и Западот и Истокот
Големото проширување на Европската Унија во 2004 година беше момент за надеж и оптимизам. Но по 15 години, Источна и Западна Европа се културно и политички поделени како и досега.
И покрај тоа што земјите од Источна Европа уживаат поголем просперитет откако влегоа во ЕУ, тие постојано заостануваат зад земјите од Западна Европа, во нормативна и во материјална смисла. Тие доживеаја масовни иселувања, особено меѓу младите луѓе. Паричните дознаки од оние што работат во Западна Европа придонесоа за зголемување на животниот стандард во регионот, но депопулацијата создаде свои проблеми.
Денешниот раскол меѓу Истокот и Западот беше предвидлив. Кога земјите-членки на ЕУ почнаа да разговараат за експанзија кон Истокот – прво на самитот во Амстердам во 1997 година, а потоа на состанокот во Ница во 2000 година, на повеќето им беше многу тешко да ја поддржат идејата. Поточно, многу делегати одбиваа да ја прифатат потребата да се приспособат заедничките институции и да се зголемат финансиските трансфери за новите членки да можат да се интегрираат и да се одржи кохезијата во рамките на блокот.
Слична форма на скептицизам постои и денес, само сега таа влијае и врз старите и врз новите земји-членки на ЕУ. Сепак, пред 2004 година, ЕУ сѐ уште беше поддржана од заедничката надеж за заедничка европска иднина. Во деценијата по крајот на Студената војна, и Истокот и Западот беа желни да продолжат со обединувањето, уверени дека тоа ќе донесе мир и просперитет.
Тоа цврсто убедување е еродирано од сомнежот што произлегува од фундаменталните несогласувања околу вредностите и погледите кон светот. Денешните Источноевропејци се чувствуваат како граѓани од втор ред и тие ги сметаат Западноевропејците за арогантни, самобендисани чувари на своите тесни интереси. Во исто време, Западноевропејците сметаат дека нивните колеги во Источна Европа треба да бидат поблагодарни и да покажат поголема солидарност, особено кога станува збор за прифаќање мигранти и бегалци.
Уште повеќе, Западноевропејците стравуваат дека нивните колеги сѐ повеќе ги третираат владеењето на правото и поделбата на власта, не како основни столбови на европскиот проект, туку како западни институционални навики. На крајот на краиштата, унгарскиот премиер Виктор Орбан отворено сонува да воспостави „нелиберална демократија“ во која мнозинството може да се спротивстави на правата на малцинствата. Уште полошо, тој изгледа верува дека автократското владеење на мнозинството би можело да послужи како основа за солидарност на ЕУ. Тој тука длабоко греши.
Во срцето на новиот раздор меѓу Истокот и Западот се перверзните идеи за демократија на Орбан и на неговите популистички колеги, а да не ги спомнуваме и нивните обиди за поткопување на независноста на судството и слободата на медиумите. Не станува збор за една конкретна политика, туку за подлабок конфликт во однос на основните вредности. Решавањето на овој нормативен судир ќе трае многу долго. Предизвикот на ЕУ е да развие ново меѓусебно разбирање, без да отстапи ниту милиметар кога станува збор за почитување на нејзините основни принципи.
ЕУ не може да преживее како националистички проект, со оглед на тоа што национализмот беше токму причината поради која беше создаден европскиот проект. Оние кои инсистираат на поинакво толкување на европскиот проект само го сеат семето на неговото уништување. Светот во моментот е сведок на процес на геополитичко и економско поместување кон азиско-пацифичкиот регион, па распаѓањето на европското единство на идните генерации ќе им го остави Стариот континент на маргините на светската сцена.
За среќа, европската солидарност има корист од комерцијалното единство исто како што има корист и од заедничкото почитување на демократските вредности. Еден резултат од проширувањето на ЕУ по Студената војна беше создавање на многу нови работни места во Источна Европа, како резултат на странските директни инвестиции од западноевропските компании, особено во автомобилската индустрија. Покрај зајакнувањето на економските услови во новите земји-членки на ЕУ, овие инвестиции доведоа до создавање на една наднационална европска автомобилска индустрија, од која еднакво зависат и Западот и Истокот.
Оваа индустрија сега минува низ значително структурно приспособување, бидејќи се ослободува од моторите со внатрешно согорување и се врти кон електричните возила. Набљудувачите грешат кога велат дека реконструкцијата е само западноевропска и дека иницијативата доаѓа само од Германија. Во практика, наредните промени ќе влијаат врз работните места во цела Европа, особено во источните членки на ЕУ. Тоа е заеднички предизвик кој бара заедничко решение. Ако актуелните лидери на Источна Европа не го признаат тоа, нивните земји ќе плаќаат висока цена.
Предизвикот со кој се соочува европската автомобилска индустрија е исто така можност за затворање на јазот меѓу Истокот и Западот. Колективните напори потребни за да се одржи конкурентната предност на Европа во електричните автомобили, дигитализацијата и во другите комерцијални сфери може да ги надминат и да ги направат ирелевантни незадоволствата и сомнежите од изминатите 15 години. Тоа би можело да ја врати Европа на патот на заеднички просперитет. Дури и некој кој е слеп за придобивките на ЕУ, како Орбан, би требало да биде способен да го види тоа.
Авторот е бивш вицеканцелар и шеф на дипломатијата на Германија