Во март, кога ковид-19 ја зарази светската економија, многу набљудувачи стравуваа дека најмногу ќе настрадаат пазарите и земјите во развој, како финансиски така и на други начини. Од економски аспект, тие се потпираа на извозот на стоки, девизните плаќања и туризмот, сите што беа најтешко погодени во пандемијата. Комплетно беше очекувано да се случи цунами од финансиски кризи и наплата на долгови. Но не се оствари тоа. Само шест земји, меѓу кои Аргентина, Еквадор, Белизе, Либан, Суринам и Замбија, не ги исполнија своите обврски кон суверениот долг, а само првите две ги преструктурираа своите долгови.
Но очекуваното сценарио не се оствари, па, така, тешко е да се одреди дали треба да се плашиме или не од тишината. Утешува тоа што влијанието на ковид-19 врз земјите во развој, конкретно во Африка, беше помало отколку што се стравуваше. Нивното младо население е релативно отпорно на коронавирусот. Нивните здравствени системи, во одговорот на претходните епидемии, ја стекнаа довербата на јавноста. Брзото закрепнување на Кина ја зголеми побарувачката за извоз на нејзините производи. Од финансиски аспект, исто така, сегашните услови се изненадувачки стабилни. Во март, кога избувна кризата, новите пазари забележаа неконтролирана загуба на капиталот. Во април, ваквиот одлив се намали, а оттогаш нето-протокот кон економиите во развој е позитивен и расте.
Не е тешко да се разбере зошто. Приносите на десетгодишните државни обврзници на САД се под еден отсто, а широко се очекува да се намали вредноста на доларот. Приносите на европските државни обврзници се негативни. Во оваа средина, тајландската државна обврзница со принос од 1,35 отсто е многу атрактивна, иако Тајланд покажува класични знаци на финансиски проблеми, со тоа што економијата силно зависи од туризмот и годинава се очекува таа да се намали за седум отсто, а, меѓу другото, владата не ја добива поддршката од народот.
Доколку светскиот раст се врати во 2021 година, со помош на вакцините и на одлуката на американските Федерални резерви за ултраниски каматни стапки, некои земји во развој може да го избегнат најлошото сценарио. Инвеститорите желни за добивка ќе продолжат да покажуваат апетит кон нивните обврзници. Но другите земји, кои беа погодени повеќе од намалувањето на заработката на извозот и падот на девизните плаќања, ќе мора да ги исполнат своите обврски. Институтот за меѓународни финансии проценува дека речиси седум илјади милијарди долари долг на новите пазари ќе паднат во 2021 година, што е тројно повеќе од оваа година. Ова не е криза што ќе се оствари некој ден во иднина. Напротив, последиците ќе се почувствуваат веќе идната година.
Онаму каде што владите издадоа домашни долгови, нивните централни банки ќе можат да ги откупат, но само ако ја урнат валутата и ги исплашат приватните инвеститори. Покрај тоа, во 2021 година ќе има двојно поголем надворешен долг во споредба со оваа година.
Г20 реагираше со Иницијатива за суспензија на услугите за долг (ДССИ), што им овозможува на 73 земји со ниски примања да ги одложуваат исплатите на нивните меѓувладини долгови за една и пол година. Единствениот најголем билатерален доверител, Кина, сега веќе се вклучи во сето ова, по првичните двоумења. Но ДССИ има свои мани. Ограничувањето на времетраењето на суспензијата и одложувањето наместо простувањето на долгот се малку несоодветни. Земјите не сакаат да аплицираат поради страв од намалување на рејтингот, како што се случи со Камерун. Изземени се земјите со среден приход што се соочиле со економски проблеми, но нешто е подобро од ништо.
Проблемот е да се принудат приватните доверители да ги намалат своите побарувања. Минатиот април, Г20 ги „повика“ приватните доверители да се согласат на значителни отстапки. Изненади тоа што нивните повици поминаа незабележано. Очекувано, инвеститорите беа позагрижени за своите инвестиции отколку за маките на земјите со ниски примања.
Следствено на тоа, владите на Г20 јасно ставија до знаење дека немаат намера да ги одложуваат своите побарувања доколку парите што се ослободија едноставно завршат кај приватните доверители. Но приватниот сектор еднакво појасни дека не е заинтересиран за отстапки. Историјата ни кажува дека приватните долгови се преструктурираат само кога доверителите ќе се уверат дека половина е подобро од ништо. Инвеститорите сè уште се надеваат на сè, а државниот сектор да им помогне во намерата.
Што може да се направи повеќе? Советот за безбедност на Обединетите нации би можел да донесе резолуција со која ќе им наложи на своите членови да ги заштитат средствата на земјите со ниски примања од спорни доверители, исто како што ги заштити ирачките финансии по смената на Садам Хусеин. Американскиот Конгрес може да ја озакони оваа мерка. Или претседателот Џо Бајден по неговата инаугурација може да издаде извршна наредба со која ќе им се наложи на судовите да постапат соодветно, како што направи претседателот Џорџ Буш Помладиот во случајот со Ирак во 2003 година.
Дали има шанси да се случи тоа? Тешко е да се постигне консензус во рамките на Советот за безбедност на ООН, а уште потешко е да се одржи. Новата администрација на Бајден ќе има ограничен политички капитал, ограничен опсег и изобилство други проблеми. Останува да видиме дали ќе биде подготвена да се соочи со големите институционални инвеститори. Јас сум оптимист во врска со економското закрепнување во 2021 година, но помалку верувам во политичките средства. Би бил многу среќен да не сум во право.
Авторот е професор по економија на калифорнискиот универзитет „Беркли“ и поранешен висок политички советник во ММФ.