Терминот „лажни вести“ стана епитет што американскиот претседател Доналд Трамп го користи за секоја непосакувана приказна. Но исто така станува збор за аналитички термин, со кој се опишуваат сите намерни дезинформации презентирани во форма на стандарден новинарски текст.
Проблемот не е нов. Во 1925 година, списанието „Харперс“ објави статија за опасноста од лажните вести. Но денес, две третини од возрасните Американци ги добиваат вестите преку социјалните медиуми, кои користат бизнис-модел што е подложен на манипулации и чии алгоритми лесно можат да се искористат за профитирање или за наштетување.
Без разлика дали станува збор за аматерски, криминални или владини, многу организации, еднакво домашни и странски, вешто знаат да ги злоупотребат технолошките платформи за манипулација со информациите. Русија како најзаслужна беше прва од земјите, кои сфатија како можат социјалните медиуми да се користат како оружје и притоа да ги свртат самите американски компании против нив.
Поради преголемото количество информации достапни на Интернет, луѓето не знаат на што точно да се фокусираат. Вниманието сега многу тешко се задржува. Големите податоци и вештачката интелигенција овозможуваат микроцелење на комуникацијата, така што информацијата што луѓето ја добиваат се ограничува на „интелектуална изолација“ на истомислениците.
„Слободните“ услуги што ги нудат социјалните медиуми се базираат на модел за профит во кој информациите и вниманието на корисниците практично се производот што им се продава на огласувачите. Алгоритмите се прават намерно за да дознаат зошто корисниците ги користат социјалните медиуми за потоа тие да бидат бомбардирани со реклами и да се генерираат повеќе приходи.
Гневот како емоција поттикнува честа употреба на социјалните медиуми, а се покажа дека вестите што се скандалозни, но лажни, привлекуваат многу повеќе читатели отколку точните вести. Едно истражување откри дека лажните информации на Твитер се пренесувале 70 отсто почесто отколку точните вести. Исто така, едно истражување за протестите во Германија на почетокот од годинава откри дека алгоритмот на Јутјуб систематично ги насочувал корисниците кон екстремистички содржини затоа што таму имало најмногу „кликови“ и приходи. Брзото проверување преку стандардните медиуми честопати е бавно, а понекогаш дури е и контрапродуктивно со тоа што лажните информации добиваат поголемо внимание.
Според природата, моделот за профит на социјалните медиуми може да се искористи како оружје од страна на државни и недржавни актери. Неодамна, Фејсбук се најде на силен удар на критики поради недоволната заштита на приватноста на корисниците. Извршниот директор, Марк Закерберг, призна дека во 2016 година, Фејсбук не бил „подготвен за координирани информациски операции со кои постојано се соочуваме“. Сепак, компанијата „многу научи оттогаш и разви софистицирани системи што ја комбинираат технологијата и луѓето за да се спречи мешање во изборите преку нивните мрежи“.
Таквите напори вклучуваат автоматизирани програми за да откриваат и да отстрануваат лажни профили, наедно и страници на Фејсбук, што шират дезинформации посуптилно од претходно, потоа поднесување извештаи за транспарентност за бројот на отстранети лажни профили, потврдување на националноста на сите оние што поставуваат политички реклами, вработување на 10.000 дополнителни лица што ќе работат на безбедноста и подобрување на координацијата со службите за спроведување на законот и други компании за решавање на сомнителните активности. Но, сепак, проблемот сè уште не е решен.
Трката за вооружување ќе продолжи меѓу компаниите што стојат зад социјалните медиуми и државните и недржавните актери, кои инвестираат на разни начини за да ги искористат нивните системи. Поради тоа што честопати се сензационални и шокантни, лажните вести многу побрзо се шират од вистинските. Лажните информации на Твитер се пренесуваат преку многу повеќе луѓе и многу побрзо од вистинските, а со повторувањето, дури и во контекст на проверување на фактите, можат да се зголемат шансите тие да се прифатат како точни.
Во подготовките за американските претседателски избори од 2016 година, Агенцијата за истражување на Интернет во Санкт Петербург во Русија, повеќе од една година работела на креирање десетици профили на социјалните медиуми како паравани за локалните американски медиуми. Понекогаш во статиите бил фаворизиран одреден кандидат, но честопати имале цел само да остават впечаток на хаос и одбивност кон демократијата, како и да го намалат гласачкиот одзив.
Кога Конгресот го усвои Законот за комуникации од 1996 година, тогашните компании на социјалните медиуми што беа во зародок, беа третирани како неутрални провајдери на телекомуникации што им овозможуваа на корисниците да контактираат меѓу себе. Но ваквиот модел очигледно е застарен. Под политички притисок, водечките компании почнаа многу повнимателно да ги следат нивните мрежи и да ги отстрануваат очигледните лажни информации, вклучувајќи ги оние што ги пропагираа роботските мрежи (ботнет).
Со ограничувањето на слободата на говорот, заштитен со првиот амандман од американскиот устав, настануваат тешки практични проблеми. Иако машините и недржавните американски актери немаат права според првиот амандман (а во секој случај, приватните компании не се обврзани со првиот амандман), омразените домашни групи и поединци сепак ги уживаат и тие можат да послужат како посредници за странско влијание. Во секој случај, штетата што ја нанесуваат странските актери можеби е помала од онаа што самите си ја нанесуваме. Тешко е да се реши проблемот со лажните вести и странското имитирање на вистинските медиуми, затоа што вклучува трговија со нашите најважни вредности. Компаниите зад социјалните медиуми, кои внимаваат да не се најдат на удар на цензура, сакаат да ги избегнат регулативите на законодавството, кое ги критикува затоа што се виновни што реагирале или што не реагирале.
Искуството од европските избори покажува дека истражувачкото новинарство и предупредувањето на јавноста однапред можат да помогнат во освестувањето на гласачите од дезинформациските кампањи. Но борбата со лажните вести, најверојатно, ќе остане да биде игра меѓу мачка и глушец, меѓу нарачателите и компаниите чии платформи ги искористуваат. Тие ќе станат дел од заднината на сите избори во светот. Постојаната будност ќе стане цената за штитењето на нашите демократии.
Авторот е професор на универзитетот Харвард