Создавањето слика за секој државник денес е целосно во рацете на пиар-тимовите, кои ги (зло)употребуваат традиционалните и современите медиуми за да ги создадат општата слика, впечаток и мислење за нивниот клиент. Но вистинската харизма на кој било ВИП од светот на политиката, не може да ја создаде или измисли ниту една пропагандна машинерија
Во текот на современата светска историја и развојот на општествените политички системи низ вековите, вниманието и љубопитноста на пошироката јавност секогаш биле посебно насочени кон животот, делата, постапките и однесувањето на челните луѓе во сопственото опкружување, но и во средините на другите соседни, подалечни и туѓи средини, народи и земји, особено на големите и моќни држави во светот. Со развојот на техничко-технолошките можности и унапредувањето на информативно-комуникациските технологии и системи, неограничената и брза размена на информации и податоци, паралелно се создаваа услови за перманентно и непречено следење на порастот или падот на популарноста и харизмата на водечките и познати луѓе во јавноста на одделна земја, таканаречените лидери, кои на општествен или научнокултурен план со своето значење и улога имале или оставиле трага во конкретната средина или пошироко.
Со текот на времето, а особено во втората половина на минатиот и во почетокот на новиот 21 век, овој феномен доживува невидени размери и значење во животот и реалноста. Покрај примената на нови техничко-технолошки можности развиен е и усовршен цел еден научнометодолошки систем за следење, поддржување и унапредување на сликата и поимањето на животот, работата и однесувањето на одредени личности, политичари и државници, носители на власта и политичката моќ.
Во создавањето на општата слика или таканаречениот пиар, за одредена личност, мошне значајна, ако не и пресудна, улога имаат јавните масовни средства за информирање – медиумите, а во последно време и таканаречените социјални мрежи со помош на интернет-технологијата. Тоа во значителна мера ги видоизмени основната првобитна улога, значењето и влијанието на средствата за информирање и ја зголеми нивната економско-материјална, а со тоа и политичка моќ и влијание во општеството.
Денес создавањето слика или претстава за секој политичар или државник е целосно во рацете на пиар-тимовите. Тој тим сознава, просудува и донесува решенија кога и како ќе го претстави својот штитеник, во согласност со целите и намерите што сакаат да се остварат. Дури работата дојде дотаму што тимовите за логистика и пропаганда на голем број државници во светот, за да ја подобрат или, пак, да ја влошат претставата за одредена личност се служат со популистички методи, но и со конструкции за некои постапки и чекори на своите или конкурентските фаворити, попознати во јавноста како „лажни вести“.
Сето тоа е во функција и ги потполнува општата слика, впечаток и мислење за секој политичар и државник во светот. Ги зголемува или намалува неговиот рејтинг и популарност во јавноста и особено меѓу електоратот кога се во прашање парламентарни, претседателски или некој друг вид избори во општествено-политичката хиерархија. Медиумите, пак, се тука да го пренесат и популаризираат или да го анатемисаат впечатокот за таа личност, во согласност со идеолошко-политичките, партиските, државните или бизнис-интересите на нарачателот на таа кампања и, се разбира, со соодветен и богат материјален надоместок за себе. На медиумите тоа им овозможува остварување на речиси неограничена општествено-политичка моќ и влијание, но го става во прашање нивниот морално-професионален кредибилитет и одговорност.
Меѓутоа, вистинската харизма на кој било ВИП (особено значајна личност) од светот на политиката и државното лидерство, не може да ја создаде или измисли ниту една пропагандна машинерија. Таквите личности или се раѓаат или, пак, испливуваат на површина во одредени мошне важни и судбоносни историски услови и настани, како војни, револуции, преврати и друго. Така, на пример, по Втората светска војна кон средината на минатиот век светот имаше можност да слушне за личности – светски државници и лидери што со својот придонес во борбата против тогашното светско зло – фашизмот, испливаа на површината на светската популарност и историја. Имињата на Черчил, Рузвелт, Сталин, Де Гол, Јосип Броз Тито и други, се овековечија со светско значење. Подоцна, во времето на движењето на неврзаните светот слушна за Насер, Нехру, Сукарно, Макариос и други. Списокот на лидери од врвно значење и популарност до крајот на 20 век го исполнија уште Мао Ѕедунг, Фидел Кастро, Че Гевара, Франциско Франко и уште некои. Во времето на Студената војна и трката на нуклеарно вооружување светот ги запозна Џон Кенеди, Никита Хрушчов, Улоф Палме, а при крајот на 20 век, во ерата на детантот уште Роналд Реган, Михаил Горбачов, Хелмут Кол, Лех Валенса и други.
Токму на овие релации треба да се бара и одговорот и објаснувањето на прашањата што во својот текст „Проблемот на Путин со полуслободните медиуми во Русија“ ги поставува госпоѓата Нина Хрушчова, соработник на Институтот за висока светска политика, а се однесуваат на употребата или злоупотребата на користењето и потчинетоста на медиумите во градењето на личниот рејтинг и политичката моќ од страна на еден од последните светски лидери со ВИП-харизматичност (заедно со германската канцеларка Ангела Меркел), кој понекогаш има оспорувана светска популарност и кој случајно или не, токму денеска се наоѓа во официјална посета на една балканска земја, соседна Србија.