Сега слушаме оти во соседните држави користат огромни количества перхлорати, хипохлории, уништувачи на бактерии, вируси и сл., а ние купуваме, препакуваме и продаваме. Тоа не нѐ води кон напредок
Во состојба на развој на бактерии и вируси, санитарната хемија е таа што најмногу сега ни е потребна, а поради загадувањата што хемиската индустрија ги продуцираше ги затвориме погоните, така што веќе немаме хипохлори, перхлорати, хлор, солна киселина, сода, сапун, детергенти и сл. Притоа не обвинувајќи се себе и општеството за нашето нееколошко однесување. Заборавивме оти тие технологии бараа и инвестиции, нивно обновување во посовремени технологии, иновации и сл. применивме нивно директно уништување, затварање. Со тоа си ја намаливме можноста самостојно да опстојуваме во такви борби. Хемиските технологии се како модата, секогаш бараат обновување, промена, ако се зафатиш мора постојано да ја обновуваш и заради заштита токму на животната средина, но и заради намалувањето на хемиски отпади од таа технологија.
Сега кога дојде корона-вирусот гледаме оти ни требаат сапуни, детергенти, санитарен хлор, солна киселина и сл. И сега веројатно ќе сфатиме оти таа индустрија ни е потребна, за нашиот живот да биде побезбеден, ценет, и не толку евтин. Во поранешното наше живеење беше неминовен развојот на таа индустрија. Сега имаме чуство за негрижа и сѐ е сведено на импровизација. Дали некој од младите генерации знае зошто имаме депонија во ОХИС од изомерите (алфа и бета)? Тоа беше поради потребата од санитарната хемија (заради ди-ди-ти), а ние децата од тие генерации знаевме колку ни беше важен во периодот од 40-тите до 60-тите години на минатиот век за да се одбраниме од разните бубачки (болви, вошки и сл.).
Од една Македонија, државичка целосно испланирана и изградена во југословенски рамки, со сите потребни гранки, станавме зависни. Многу лесно се откажавме од искуствата на поранешната држава, сега градиме целосно зависна држава. Не ја ценевме тогашната поставеност на индустријата на Македонија во заедница на Југославија. И благодарение на Југославија беа поставени такви темели на македонската самостојна хемиска индустрија.
Поставеното производство во ОХИС-Билјана со тогашните актуелни технологии го оправдаа и го заштитија населението со заштитните санитарни средства, и морам да кажам оти тој дел најмалку го вреднувавме. Носејќи одлуки само поради штетите што настанаа во животната средина, притоа не обвинувајќи се себе, оти ние сме криви за настанатото загадување, а за користа што ја имаме од неа не ни помисливме. Поради стекнатото искуство сѐ повеќе се потврдува оти тогашната поставеност на таа индустрија е потребна за градење за самостојноста.
Потребни беа многу малку пари, живиниот електролизер да го замениме со мембрански, и тоа производство да продолжеше следните десетици години. Поради старите технологии, секогаш имаме некои апарати што правеа големи загуби, големи загадувања и сл. Затоа требаше навремено и паралелно да ги решаваме сите проблем, а не целосно да се откажеме.
Сега слушаме оти во соседните држави користат огромни количества перхлорати, хипохлории, уништувачи на бактерии, вируси и сл., а ние купуваме, препакуваме и продаваме. Тоа не нѐ води кон напредок. Потребни се огромни количества за општа дезинфекција на нашите градови, во една ваква состојба на епидемија. А да не заборавиме за пролет и лето кога многу е актуелна битката со инсектите (комарци, муви и сл.).
Не може да се гради држава со власт само од млада генерација, мора да бидат вклучени постари, поискусни кадри, онолку колку што ги има, заради учеството во одлуките. Потребно е навраќање на искуството од постарите генерации, заради донесување издржани одлуки. Затоа ја имаме оваа еуфорија на уништување и самооткажување од сѐ што е створено и поставено за функционирање на општеството.
Искусниот кадар што го имавме, што произлезе од хемиската индустрија, хемичари и технолози, поминаа во трговци (препакувачи) за сѐ што е потребно од таа област. Голем број вработувања таа индустрија ангажираше и многу фамилии го решаваа својот егзистенцијален проблем. Сега, големи парични средства од државата се одлеваат за снабдувањето на тие средства. Дали ќе можеме и понатаму така да се развиваме? Веројатно многу тешко, а можеби и затоа постои една летаргичност кај народот за опстојување на нашето македонско општество.
Д-р инж. Стефан Поцев