Протестирам и обвинувам! Ги обвинувам бескрупулозните и забегани политичари на власт. Ги обвинувам политичарите-мафијаши за нивниот организиран државен криминал. Протестирам против замолкот на интелектуалците. Протестирам! Против колапсот на автохтониот македонски дух. Ги обвинувам виновниците.
Се прашувам што се случи со македонските политичари? Особено оние на власт. Ајде ним ќе им помине рокот на траење, па ќе ги замениме. Ама што се случува со интелектуалците? Каде се? Што прават? Поточно зошто ништо не прават? Протестирам поради нивниот молк.
Не постои одговорност на изговорената реч. Судот на јавната сцена повеќе не заседава. Поротата е бледа и неубедителна. Чувството за одговорност е спржено, а смислата за праведност закржлавена. Непомирливоста со состојбите е исчезната состојба. Научна фантастика во космосот.
Протестирам против лицемерните политички елити на Македонија. Ги обвинувам за нивната забеганост и поврзаност со мафијата и организираниот криминал. Тие газат и мелат сѐ што ќе дојде во допир со нивниот олигархиско-мафијашки систем.
Устата на политичарите на власт им е полна со демократија, а на дело ја суспендираат. Тоа го прават со кронизам, непотизам и партиско покровителство. Примери колку сакаш: „Рекет 1, 2, 3…“, Рашковски иновира, Рашковски зема провизии, 300.000 евра мито за Заев од/за ШИК „Јелак“, Ден Дончев прибира евриња во актовка, наркобосови добиваат пасоши и лажни идентитети од МВР за 20.000 евриња од парче (пасош, идентитет), мито за возачки дозволи, недостигаат 98.000 изводи од матичните книги – отишле јабана, антикорупционерот Николовски измачкан со путер од шверц… и сѐ така во недоглед… се тресеше „Планина“ (неуспешна полициска акција), се изродија многу глувчиња.
Македонските Авгиеви штали баздат од материјални, финансиски, политички, криминални и морални фекалии, се чека и бара јунак (македонскиот Херкул) да ги исчисти, дезинфицира, дератизира…
За сево ова приговарам. Протестирам за неспособноста на надлежните политичари, полицајци, обвинители, судии да дадат креативни одговори на предизвиците на времето. Тие едноставно не го чувствуваат духот на денешното време.
Обвинувам што нѐ воведоа во криза – економска, политичка, социјална, здравствена, морална. Обвинувам за отворањето на Пандорината кутија и разорното ширење на финансискиот и техничкиот инженеринг. Наместо остварени сништа на некаков рај – општество за сите, држава за сите, мир и правда за сите, Македонија е во пеколот на бесмислата – опскурно секојдневие и хедонистички беспризорен „сјај“. Обвинувам за погубните принципи што ни ги сервираат: Се прашувам дали Македонија, поточно власта во неа, ќе најде решение за сопствениот манихејски суицид. Ме плаши пробивањето на свеста дека ѓаволот ја однел шегата. Во една ваква тмурна интелектуална состојба многу се прашуваат дали Македонија дојде до самото дно? Денешниот тип интелектуалец како да ја изгуби токму оваа одлика: чувствителност на јавните работи. Во едни минати времиња го бранеа достоинството на животот и гинеа за дигнитетот на човекот. Мораме да признаеме дека времето во и околу Македонија се промени.
Го доживеавме падот на Берлинскиот ѕид, а комунизмот отиде во историјата. Денес на дело имаме измешаност, недефинираност и замагленост на идеологиите. Нѐ опфаќа тажно чувство дека типот ангажиран интелектуалец како да ја исцрпил својата историска улога. Истовремено, сведоци сме дека новиот тип интелектуалци не се профилирани, а нивната улога недоволно дефинирана. Чиниш крајот на вториот и почетокот на третиот милениум (во првите 20 години) означија смрт на поединецот. На неговата индивидуалност, независност и слобода на дејствување. Тоа како да повлече и слабеење на индивидуалниот револт за сметка на институционализираниот и контролиран активизам.
Денес на сцена се невладините организации, банкарските конзорциуми, осигурителните системи и инвестициските фондови. Првите ги користат власта и самиот Зоран Заев, па по искористувањето ги фрлаат како крпа. Најверојатно поради тоа што се „шути и рогати“. Вторите ги прибраа парите и со камати и камати на каматите, на доделените кредити, уништуваат поединци и цели семејства. А третите и четвртите се манипулатори и измамници. Сите тие ги потиснаа слободните и независни интелектуалци. Така ги добивме професионалните општествени активисти. Без сомнение за оваа криза на индивидуален револт придонесоа случувањата на глобалната политичка сцена, кои се случуваа како на филмска лента.
Жално е што „протестирам“ на Ками нема повеќе кој да го повтори.
Затоа, обвинувам! Ги обвинувам македонските интелектуалци што дозволуваат да владеат елитите (политички, финансиски, криминални, полициски, медиумски, бирократски), а не законите и правото засновано на нив. Сообразноста помеѓу зборовите и делата е нивната најслаба точка. Моето обвинување е против нивниот замолк. Нека се присетат, барем на миг на Емил Зола.
Дали денес Македонија повеќе не може да биде парадигма на планетарна иднина. Ја загубивме аналогната смисла на животот, па така нашите животи попримаа дигитален вкус. Крајно време е интелектуалецот во Македонија да се погледне самиот себе и да се запраша: „Кој сум и каде ме водат?“
Мораме самите да бидеме творци на својата судбина, својата историја и својата иднина. Време е интелектуалецот во Македонија врз себе да ја преземе одговорноста за сопствениот живот и општеството во целост.
А што со забеганите, неморални и несовесни политичари? Тие веќе самите се дават во политичките фекалии што ги продуцираат – корупција и организиран криминал.
Сотир Костов