Заборавеното село

284

За селото и за земјоделството во нашата држава се зборува само кога лозарите, млекарите, овоштарите, оризарите, сточарите, незадоволни од состојбите, почнуваат со протести или со блокади на патиштата. Државата нема ни платформа ни политика за развој на селото, кое, за жал, забрзано пропаѓа

Во времето на социјализмот, кој беше систем на пролетерите, односно на работничката класа, „земјоделците“, односно луѓето од селата беа третирани како класни непријатели на пролетерите! Во времето на социјализмот беше создаден фетиш кон индустријата, додека селото, кое е синоним на земјоделството не само што беше потценето туку беше третирано како регресивен фактор во развојот. Индустријализацијата придонесе селаните да ги напуштаат селата за да работат во индустријата. Механизацијата на земјоделството придонесе бројот на луѓето што се занимаваат со земјоделски дејности во високоразвиените земји да се сведе на 2-3 отсто од нивното население! Сепак, треба да се напомени дека на форумите на комунистичката партија, покрај за преостанатите дејности, се дискутираше и за селото, односно за земјоделството. Во „демократска“ Македонија, селото, за жал, е целосно запоставено и заборавено. Во почетокот на транзицијата беше регистрирана Земјоделска партија, која по неколку години згасна, а досега нема најава за формирање селска или аграрна партија!? Во Република Македонија постои Министерство за земјоделство, но државата нема ни стратегија ни политика за оваа дејност, ниту за селото! Македонската политика, но и науката, се однесуваат дилетантски и не разбираат дека земјоделството е синоним за храната, која по прометот е на прво место, а на второ место е фармацијата! Парадоксално е тоа што маркетите на странските компании во Македонија се полни со прехранбени производи од Германија и други индустриски развиени земји, а Македонија во аграрниот сектор, наместо суфицит, има голем дефицит, кој, за жал, се зголемува секоја година! Младите од селата се иселуваат во развиените земји и претежен дел од нив работи во аграрниот сектор и нема намера да се враќа. Огромни површини во државата со години стојат неизорани и непосеани, а македонските политичари не разбираат дека земјата е најважен и највреден производствен фактор во државата! Значењето на земјата го разбираат само политичарите од пренаселените земји, како што се Јапонија, Тајван, Холандија, Израел и др.

Во соседна Србија постои тесна соработка меѓу државата и Српската академија на науките и уметностите (САНУ), која има цел да се направи историска пресвртница кон селото. При САНУ постои Академски одбор за селото, а во 2020 година е основано Министерство за грижа за селото, кое има за задача да работи на подобрување на условите за животот на село, односно за изградба и модернизација на инфраструктура, изградба на регионални и локални патишта, амбуланти, детски градинки, школи и сл. Во Србија се подготвува национална програма за преродба на селото, а се работи и на развој на задругарството!
Селото во Македонија е, за жал, табу-тема и никој не води грижа за животот на село! За селото и за земјоделството во нашата држава се зборува само кога лозарите, млекарите, овоштарите, оризарите, сточарите, незадоволни од состојбите, почнуваат со протести или со блокади на патиштата. Државата нема ни платформа ни политика за развој на селото, кое, за жал, забрзано пропаѓа. Пласманот на аграрни производи е најголем проблем на македонското земјоделство! Повеќе од две децении се залагам за формирање агроберза, со која би се решил проблемот околу пласманот на аграрните производи, која би можела да прерасне во регионална агроберза, но македонските власти, за жал, не се свесни за значењето на ваквата берза!? Во Полска постои агроберза, која е оддалечена од Варшава дваесетина километри и во која во време на сезоната дневно влегуваат и излегуваат по десет илјади камиони не само од Полска туку и од соседните земји!
Во времето на социјализмот, индустријализацијата во Македонија беше фетишизирана, додека земјоделството, односно „кулаците“ беа третирани како класни непријатели на работничката класа, односно на пролетерите. Луѓето ги напуштаа селата за да работат во индустријата, што доведе до опустошување на цели региони, меѓу кои Мариово и региони од источна и североисточна Македонија! За разлика од Македонија, Словенија имаше мошне паметна програма за регионален развој, која беше насочена на изградба на мали и средни индустриски капацитети, инфраструктурни објекти, патишта, канализација, школи, амбуланти, јавен превоз и слично, што придонесе за спречување на напуштањето на селата и доселувањето во градовите.

Скопје и Љубљана по Втората светска војна имаа приближно ист број жители! Бројот на жители на Љубљана сега е речиси ист како што беше по Втората светска војна, додека бројот на жители на Скопје е зголемен за околу четири пати!
Значителен број иселеници од Македонија, особено од Струмица и околината, работат во аграрниот сектор во Италија, Швајцарија и други развиени европски земји. Поднебјето во Македонија е мошне погодно за производство на квалитетен зеленчук, овошје и слични земјоделски производи, но државата треба да создава услови за нивниот пласман на странски пазари и за подобрување на нивниот квалитет.

Коста Стоименовски