Во почетокот на писмово испраќам срдечен поздрав до Кате Антевска и Ѓоко Здравевски, најдобрите студенти од своите генерации. Тие се убав пример на извонредни студенти (со среден успех чиста десетка), кои потоа се обиделе и да се вработат во Македонија. Но по редица „необични и судбински настани“ – сега работат во странски земји. Според она што прочитавме, сега тие се успешни примери, но и живи и здрави млади луѓе со кои сите се гордееме. А што требаше да се очекува од вакви млади таленти, освен успех секаде во светов, каде и да се најдат.
Не знам зошто токму овие два топли раскази, претставени преку перото на новинарката Биљана Стојановска, толку многу мене ми значат. Дури, отворено може да кажам, јас со нетрпение го очекувам третиот расказ од оваа серија за нашите најдобри студенти.
Ова беше поттик и за мене, по долго размислување, и јас да кажам нешто на оваа тема. Сепак, јас како универзитетски професор, за најдобрите студенти може да зборувам само за периодот кога тие студирале на нашите факултети. Нека ми простат и другите драги студенти, со кои секојдневно се сретнувавме на мојот Технолошко-металуршки факултет (за сите нив би напишал цели книги), но сепак овде ќе зборувам токму за најдобрите. Знам дека на секој факултет точно се знаеше кои се најдобрите студенти. Тие се сретнуваа на факултет „од 8 часот наутро до 8 часот навечер“ – а за нив и „бункерите“ личеа на најубави училници. Јас дури не се осмелував да им напишам оценка 9 на страниците од индексот на кои пишуваше само оценка 10. Ги советував да подучат уште малку и заслужено да добијат десетка. Вакви поединци, со сите десетки, ретко се сретнуваат на техничките факултети. За нас, секој студент што имаше средна оценка меѓу 9 и 10 влегуваше во највисоката класа – најдобри студенти. Нив, уште како студенти ги вклучувавме во нашите научни проекти, а на крајот на секоја учебна година, кога се делат дипломите, најдобрите студенти беа наградувани и кон нив се однесуваа со посебен почит и другарите и професорите.
И од тој момент како да почнува новиот живот на младите дипломирани студенти. Речиси по правило, тој живот е сосема поинаков од оној што го замислувале додека студирале. Чудно е што во тој нов живот токму најдобрите студенти доживуваат многу непријатни моменти, или речено поточно – оттука почнуваат нивните маки.
Првите проблеми се јавуваат при нивното вработување. Иако имаат најдобар успех за време на студиите, тие обично тешко се вработуваат. Бидејќи „тешко се снаоѓаат во обичниот живот“ – токму тие со години чекаат да се вработат.
Во последно време сѐ поголем дел од нив си заминуваат во странство. А како може да биде поинаку, кога за вработување на најдобрите студенти одлучуваат несоодветни личности или медиокритети (уште полошо ако меѓу последниве одлучуваат послушници на која било влада). И каква објективност треба да очекуваме од нив! Всушност, ним им пречат токму најдобрите студенти. Замислете само како ќе се „снајдат“ најдобрите кога ќе треба да поминат низ многу чудни „клучеви“ – партиски, национални, приватни врски итн.
Затоа, не само јас туку и многу поискусни од мене се прашуваат – до кога ќе молчиме за судбините на нашите најдобри студенти? Кај нас со години чекаат вработување, а истите тие и во странство се најдобри.
Да бидам попрактичен, овде ќе набројам само неколку случаи на оваа тема поврзани со мене или со некои од најдобрите студенти, кои јас лично ги познавам. Притоа сакам да се извинам што во оваа пригода немам можност да го опишам животниот пат и на редица други мои најдобри студенти. Верувам дека некои од нив и самите ќе се јават и ќе посведочат за сѐ што се случувало во нивните млади животи.
Еве еден случај, кој сведочи дека и порано не им била розова судбината на најдобрите студенти, особено кога за нив одлучуваат други недостојни „селектори“. Уште како млади асистенти запрашавме еден постар и мудар професор која е причината на т.н. „негативна селекција“ на младите кадри кај нас?
– Па вие, како млади асистенти на овој факултет знаете како се врши селекција на кадарот. Прво, ќе земеш едно крупно сито и ќе го просееш сиот жив материјал. Потоа, ќе земеш второ, поситно сито и така ќе сееш сѐ додека речиси ништо не ти останало. Тогаш ќе си речеш, ај да го вратам сиот материјал и ќе го просеам со покрупно сито. Така ќе се собере повеќе материјал, според желбата на оној што го селектирал материјалот – одговори тој.
Се разбира ние, младите асистенти, ова го прифативме како шега и упорно го прашувавме професорот – како е можно од 150 најдобри студенти на техничките факултети, кои добиле дури и Инженерски прстен, да нема речиси ниеден вработен на трите наши најблиски технички факултети? Или, гледано уште пошироко, како е можно од десетици илјади дипломирани на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ да немаме избрано стотици најдобри студенти, кои најдобро ќе ги раководат државни институции во Македонија?
Одговорот на мудриот професор беше сличен: „Сѐ е до ситото и оној што сее!“
За мене, којшто студирав во странство, ова беше и остана несфатливо. Таму одвај чекаа да вработат успешни студенти, а потоа убаво да ги наградат за нивната совесна работа. Мене до денес не ми е јасно зошто не се потпираме на успешните? А упорно тврдиме – во младите е иднината! Зарем толку е тешко да се распишат конкурси на кои еден од главните критериуми е токму успехот на младите студенти?
– Па тоа не му одговара на „демократското мнозинство на вработените“ – на шега ми одговараа колегите.
А сега уште еден пример како се унапредуваат успешните во Америка. Се работи за еден мој млад колега, кој отиде на усовршување во еден познат универзитет во Америка. Тој таму се вработи како млад истражувач. Во меѓувреме, тој побара од мене препорака за да премине од млад во постар истражувач. Јас ја напишав таа препорака, ја преведовме на англиски, судски ја заверивме и со печат на мојот факултет ја испратив по пошта во Америка. По неколку месеци добив одговор од мојот колега. Во писмото колегата ми се заблагодари за препораката. Истовремено ми јави дека сега тој работи како постар истражувач, а неговата плата двојно се зголемила.
Слични вакви препораки за вработување напишав и испратив за неколку мои дипломци и соработници во Македонија. И може да си претставите што се случуваше, секогаш беа избрани други лица, според некои чудни критериуми.
На крајот ќе опишам еден необичен случај поврзан со еден мој добар студент по име Стојне. Тој, некаде во почетокот на овој век (2000 година), отпатувал во Чикаго, а не стигнал да ги положи последните пет-шест испити на нашиот факултет. По седум години поминати во Америка, еве ги Стојне и неговата мајка на вратата од мојот кабинет. Онака висок и насмеан, тој ми ја претстави својата мајка и нејзината желба синот да го заврши факултетот овде во Македонија. Мајка му ми ја раскажа целата негова историја и ме замоли да го наговорам синот да дипломира на нашиот факултет:
– Тој Вас ќе Ве послуша и ќе ги полага последните испити за време на летниот одмор во Македонија.
– Добро, ветувам дека ќе ги замолам моите колеги да ги полага заостанатите испити. Ама за тоа ќе треба барем од пет до шест месеци. Дали газдите во Чикаго ќе му дозволат таков одмор – прашав јас.
– За тоа нема проблем. Моите газди во Чикаго се добри и ќе ми дозволат да ги положам испитите овде – потврди Стојне.
И така Стојне двапати доаѓаше од Америка и по неколку месеци остануваше да ги положи последните испити. Откако дипломира, тој се ожени за една Македонка од Чикаго. На големата свадба, која се одржа во скопскиот хотел „Александар Палас“, бев поканет и јас, но и сите професори што му овозможија да ги положи последните испити за време на летниот одмор. Се радувавме сите, а мајка му и татко му најмногу. И до ден-денес ние си телефонираме и си ги честитаме сите убави моменти – од раѓање на деца до честитки за празници.
Овие убави моменти мене ме охрабрија, па верувам дека со добра волја може да решиме многу мали и поголеми проблеми, дури и оние поврзани со т.н. „одлив на мозоци“. А овие години тоа е еден од нашите најголеми проблеми. Засега изгледа како утопија да ги задржиме во нашата земја најдобрите студенти, најмногу поради наталожените материјални проблеми, вработувањето, условите за напредување во струката итн. Меѓутоа, мене пријатно ме изненади колку некои наши си ја сакаат својата татковина, доаѓаат кај своите роднини и им помагаат на најблиските роднини, а некои, како Кате, Ѓоко и Стојне се вљубени во нашите природни убавини.
На крајот на ова писмо, јас сепак сум оптимист – нашите, каде и да се, во душа си ги носат својата татковина и своите најблиски. Верувам дека токму преку најдобрите студенти и преку решавање на нивните проблеми ќе почнеме да ги подобруваме условите за живот во нашата земја. Затоа и ја поддржувам Вашата идеја – да дознаеме кај се и што прават најдобрите студенти во земјава и во странство. Сепак, тие се дел од најдоброто што се родило на ова парче земја – нели го докажале тоа студирајќи на нашите факултети.
Автор: Проф. д-р Владимир Јаќовски