За жал, деновиве во Битола и околината ни се случи она од кое многумина стравуваа. И во неврзани разговори често се споменуваше т.н. хрватското сценарио од 2020-та, кога покрај стресот од пандемијата на коронавирусот, Хрватска се соочи со уште една криза – катастрофален земјотрес, со големи материјални штети, па и човечки жртви.
Деновиве, и Битола и југозападниот регион од Македонија се погодени од слична криза. Иако, за наша среќа, земјотресот што се случи на 9 јануари 2022 година, трет ден Божиќ, во соседна Грција, во близината на Лерин, не е со таква магнитуда како хрватскиот, сепак, стресот што го предизвика кај сите нас е многу голем и интензивен и воопшто не е за потценување и за занемарување.
И како да не беше доволно стресот што голем дел од населението го доживува веќе цели две години, се случи и силен земјотрес, кој ги вознемири сите граѓани, но особено ги погоди најмладите – децата. Ова е најсилниот земјотрес што го почувствувале граѓаните на Битола и околината, дури, според магнитудата, посилен и од тој во 1994 година, кој остави големи трауми кај луѓето. Па, така, неделниот земјотрес од 9 јануари 2022 ги освежи сеќавањата, но и траумите кај сите нас.
Потресите веќе непрекинато траат неколку дена, а според експертите и познавачите на проблематиката, веројатно ќе траат најмалку во текот на целата година, со промени во интензитетот и зачестеноста. Иако се очекува да се проретчуваат и намалуваат и нема место за паника, сепак, како психолог сметам дека мора да реагираме веднаш и да им ги дадеме неопходната психолошка поддршка и помош на населението, особено на најмладите – децата, во овој период на уште една, би рекла, трауматична криза со која се соочуваме.
Веќе голем дел од населението манифестира знаци на стрес, несоници, страв, анксиозност, депресивност, чувство на немоќ, исцрпеност, раздразливост и голем број други психосоматски проблеми. Овие симптоми не треба воопшто да ги занемаруваме, особено што веќе долго време голем некои од граѓаните се соочуваат со стресот поради пандемијата на ковид-19. Одбранбените механизми и стратегиите за справување со стресот, кај голем дел од населението веќе се исцрпени. Значителен дел од луѓето веќе манифестира сериозни психолошки проблеми. Менталното здравје страда и крајно време е и државата сериозно да почне да се занимава и со менталното здравје на својот народ и да овозможи давањето психолошка помош да биде на товар на државата. Голем дел психолози во изминатиот период од две години веќе даваат бесплатна психолошка помош за да им излезат во пресрет на граѓаните во овие тешки времиња.
Не смееме да ги игнорираме психичките проблеми кај луѓето и да очекуваме дека сѐ ќе помине само од себе. Особено се ранливи најмладите – децата. Треба да ѝ се посветиме максимално на грижата за менталното здравје на децата, не смееме да ги занемаруваме симптомите што ги манифестираат, како страв, несигурност, несакање да се одвојат од родителите, возрасните, вознемиреност, испади, плачење, несоници. Треба сериозно да им посветиме внимание на сето она што ни го говорат и ни даваат сигнали и знаци што им се случува во нивните кревки детски срца и души. Не смееме да ги занемаруваме, ниту да ги минимизираме нивните емоционални доживувања, туку внимателно да ги сослушаме и да се обидеме на најсоодветен начин да им ја објасниме ситуацијата, а доколку тоа не помага или не знаеме како, да се побара навремено стручна помош. Сѐ што се обидуваат децата да ни укажат или навестат е начин на кој тие се обидуваат да ги процесираат и изразат сопствените емоционални доживувања и да бараат помош од возрасните. Некои деца може да се повлечат во себе, некои можеби стресот ќе го манифестираат со интензивни емоционални изливи, како плачење, бес, гнев, агресија, страв, сепарациска анксиозност, нема да сакаат да се одвојат од родителите, несоници, енуреза, панични напади, регресија во одредени однесувања и голем број други манифестации.
Слични симптоми доживуваат и возрасните, но акцентот го ставам на децата, затоа што се тие најкревки и најранливи. Многу е важно да ги сослушаме, да не им ги омаловажуваме доживувањата, да не ги минимизираме симптомите, да не ги исмеваме. Некои деца, во зависност и од возраста, отворено ќе споделат со возрасните и блиските што им се случува, но некои од децата нема да го направат тоа, или ќе се обидат индиректно да им соопштат на возрасните што им се случува. Некои ќе реагираат бурно, агресивно, бесно, обидувајќи се на тој начин да се справат со стресот што го доживуваат и со емоционалните доживувања, што многупати од страна на возрасните се толкува како потреба за внимание, разгаленост или невоспитаност, што воопшто не е точно.
Една од грешките што најчесто ги прават возрасните е кога им забрануваат на децата да ги изразат отворено своите емоционални доживувања, тоа се однесува особено на машките деца, на кои им се упатуваат пораки од типот: „Не смееш да плачеш!“, „Не смееш да се плашиш, па ти си машко!“, „Каков маж си ти ако се плашиш од земјотрес!“, „Отсекогаш имало земјотреси и ќе има!“ и голем број други негирања и исмевања на емоционалните доживувања и стресот што го доживуваат.
Она што можеме да го направиме како возрасни е да ги сослушаме што имаат да ни кажат децата за сопствените емоционални доживувања, отворено да ги споделат, а возрасните да ги споделат со нив сопствените емоционални доживувања, дека и возрасните слично се чувствуваат, да ги охрабруваат да ги изразат своите емоции, да им дадат поддршка и да се одржи позитивниот дух, дека ова е еден предизвик со кој заеднички ќе се соочат и дека ќе го надминат, да се има трпение и позитивен однос на доверба и разбирање. Многу е важно да се охрабрат децата да зборуваат за трауматските искуства што ги доживуваат, да ги изразат емоциите без воздржување, или доколку не сакаат да зборуваат за тоа, да ги изразат преку цртеж или игра, во зависност од возраста на детето, да најдат поддршка во родителите или другите возрасни што се во нивна близина.
Особено е важно да се побара навремена психолошка помош во состојба на криза, каква што е оваа со која се соочуваме, зашто кризата е интензивна психичка состојба, која се јавува поради одредена кризна ситуација или настан што е ненадеен или редок, но многу стресен и вознемирувачки, некогаш трауматски, и претставува закана за губиток на животот, губиток на блиски или некоја вредност или материјални добра за индивидуата. Тие кризни настани може да предизвикаат т.н. шок-криза, или може да предизвикаат т.н. кризи на исцрпување, особено ако се повторуваат или траат подолго. Тие кризи на исцрпување ги предизвикуваат низа стресни настани што се повторуваат или траат подолг временски период и имаат кумулативен ефект на личноста. Токму актуелнава криза со земјотресот може да има т.н. кумулативен ефект или да прерасне во криза на исцрпување, затоа што подолг период ќе траат афтершоковите по земјотресот, а дополнително на тоа веќе цели две години трае и стресот предизвикан и кумулиран од кризата поради ковид-19.
Токму затоа за очекување е веќе дополнително зголемено манифестирање на исцрпеноста на луѓето и на дополнителни психички и физички тешкотии. Зголемена е ранливоста на луѓето, веќе огромен дел од популацијата манифестира симптоми на исцрпеност, дека веќе е на крајот на издржливоста, дека веќе не може да се справи со сето ова, па затоа и расте анксиозноста, депресивноста, паничните напади земаат сѐ поголем замав, има огромна злоупотреба на бензодиазепини, алкохол, кај некои лица се јавуваат и потполна дезорганизација на однесувањето и психички растројства, суицидни мисли, обиди за самоубиства, а во пораст е и бројот на самоубиства. Голем дел од популацијата манифестира веќе емоционални тешкотии, интензивен страв, немоќ, безизлезност, беспомошност, губење на контролата врз својот живот, несоници, когнитивни тешкотии во концентрацијата и вниманието, когнитивни дисторзии, промени во однесувањето, проблеми со извршувањето на секојдневните обврски и задачи.
Затоа, многу е важно да се препознаат овие симптоми на реакција на криза и навремено да се побара интервенција од стручни лица, кои ќе дадат т.н. прва психолошка помош во криза, поддршка, охрабрување, надеж, утеха, делотворно и адекватно да се справат со кризната состојба. Тука, секако, е важна и социјалната поддршка што индивидуата може да ја добие од непосредното опкружување. Особено е важно првата психолошка помош луѓето да ја добијат најбрзо по трауматскиот настан, зашто тогаш е најделотворна. Токму затоа се нарекува интервенција во криза или кризна интервенција. Таа ќе ѝ овозможи на личноста полесно справување со ситуацијата, фокусирање на „овде и сега“, асимилирање и прифаќање на реалноста, добивање поддршка, емпатија за тоа што ѝ се случува и низ што поминува, развивање на чувство кај личноста за сигурност, дека не е сама и незаштитена, и наоѓање најадекватен и најделотворен начин за надминување на кризната состојба. Многу е важно во тие интервенции да им се овозможи на луѓето да зборуваат за своите трауматични доживувања, да ги преживеат повторно, да се исплачат, да им се даде чувство на прифатеност, разбирање, сочувство, поддршка и да им се врати самодовербата, да се поттикнуваат дека повторно ќе имаат контрола врз својот живот. Најголем дел од луѓето успешно закрепнува по кризна состојба, само кај еден дел ќе бидат потребни подолготрајна психолошка помош и психотерапија.
Марија Младеновска Димитровска, психолог, магистерка на клиничка и советодавна психологија