Носот на камилата

Лошите навики или компромиси во секојдневниот живот може да се споредат со почетното покажување на „носот на камилата“ во шаторот, кои ако не се спречат навремено и одлучно, може да станат непоправливи или погубни

Приказната за Арапот, шаторот и неговата камила, односно метафората „носот на камилата“, според сцените и актерите во неа, најверојатно потекнува од арапскиот фолклорен ареал, но поради својата повеќеслојна метафоричност станала доста популарна и во т.н. западен свет. Таа се „изучува“ како забавно четиво помеѓу младите, но и како сериозна тема кај возрасните. Некоја ноќ, еден патник Арап се затекнал со својата камила среде пустина. Ноќите во пустините знаат да бидат многу ладни, па тој го поставил својот шатор, запалил малку оган во него за да се затопли и си легнал да преноќи. Камилата, која останала надвор, најпрво го надушкала шаторот од надвор и откако се уверила дека нејзиниот господар СПИЕ, сосема малку го расцепила шаторот со забите и го пикнала својот нос во отворот што го направила. Човекот го слушнал шушкањето на шаторот и го забележал НОСОТ на камилата. Таа го ЗАМОЛИЛА да ѝ дозволи барем малку да го стопли својот нос, бидејќи надвор било многу, многу студено. Тој се согласил со нејзиното скромно барање. Му изгледало и многу логично, нели надвор навистина било студено? Се завртел на другата страна од постелата и продолжил да си СПИЕ. Но не за долго. Повторно слушнал како платното на шаторот се расцепува и ја видел муцката на камилата со целата глава проврена во шаторот. ПОБАРАЛА од него да ги затопли барем ушите, та нели надвор е многу студено, а внатре е пријатно и топло? Наивниот, добродушен и простодушен господар, најпрво негирал и одбивал, но сепак се согласил и со тоа БАРАЊЕ на камилата, со уверување дека ќе може да продолжи мирно да спие во преостанатиот дел од ноќта. Дури направил и малку место покрај својата постела за нејзината глава, за да не му досадува повеќе. Си легнал и повторно заспал. По извесно време, среде сонот го разбудиле силен шум и грубо цепење на платното од шаторот.

Ја видел камилата влезена низ дупката и со предните нозе во шаторот и ја слушнал како му вели дека надвор станува сѐ постудено и постудено, дека во шаторот имало сѐ уште простор, па САКАЛА да ги стопли барем предните нозе. Овој пат, сопственикот на камилата навистина се налутил. Ѝ рекол дека не може повеќе така, дека не може добро да се наспие и дека дозволува да влезе само толку и ништо повеќе. Се вратил во својата постела и се обидел пак да заспие. И заспал. Ќе спиел до утрината да не го разбуделе силен тресок и нишање. Само што не се распаднал целиот шатор. Камилата веќе била влезена целата во шаторот низ отворот што го направила, за да ужива во неговата удобност и топлина. По некое време, дури му рекла дека во шаторот нема место за нив двајца, па му предложила дека можеби би било подобро тој да излезе надвор. Утрината, несреќниот патник навистина се нашол надвор од шаторот, ИСТУРКАН од камилата. Таму сфатил дека камилата веќе претходно имала цврста НАМЕРА да го истера од шаторот и дека требало навремено да ја СПРЕЧИ уште при првиот обид кога го покажала својот нос во шаторот. Но веќе било доцна.
Во некои варијанти на приказната се вели дека во близината на шаторот имало и други две-три камили. Кога виделе дека камилата влегла во шаторот, ја искористиле укажаната можност, го избркале камиларот и…, и тие влегле во шаторот.
Метафората за „носот на камилата“ нашла голем број варијанти во поговорките и изреките на многу јазици во светот. Такви се, на пример, познатите македонски народни поговорки „ако му дадеш прст, ќе ти ја грабне и раката“, „ако му дадеш педа, ќе ти побара цел аршин“, „му дале прасе, а тој ја бара и мајка му на прасето“, „галени деца и на трпеза се качуваат“, а со извесни модификации, може да се сретне и на други јазици.

На пример, на кинески „стекни една педа и побарај двор“, на англиски „дај им една педа, тие ќе ти земат една милја“, на бугарски „ако ја пуштиш свињата под креветот, утре ќе бара да биде на креветот“, или „ако го пуштиш петелот под креветот, ќе се качи на креветот; ако го пуштиш на креветот, ќе ти се качи на главата“, на фински „ако му понудиш на ѓаволот и макар само еден прст, тој ќе ти ја земе целата рака“.
Идејата во приказната за носот на камилата е да укаже на постепеното прифаќање на некој навидум мал и на прв поглед безопасен чин за некое непожелно дејство, без да се биде свесен, или да се нема желба за давење отпор, за последиците што може да ги предизвикаат понатамошните отстапки. Лошите навики или компромиси во секојдневниот живот може да се споредат со почетното покажување на „носот на камилата“ во шаторот, кои ако не се спречат навремено и одлучно, може да станат непоправливи или погубни. Такви ситуации се јавуваат во духовните и личните ставови на поединецот (штетни навики или пороци), во социјалните релации (родители – деца, сомнителни пријателства), во економските односи (неконзистентни економски политики, конкуренции), во политичките односи во државите (донесување лоши закони или одлуки со несакани последици), па дури и во односите помеѓу самите држави. Со други зборови, потребно е мудро да се спротивставиме на почетоците на злото. Или, како што е дадено со преводот на македонски јазик во Библијата, „и не давајте му место на ѓаволот“ (Ефес. 4:27).
Убавината на приказните лежи во тоа што основната тема во нив останува непроменета, додека самата раскажана содржина (сижето и фабулата) се видоизменувала и приспособувала од страна на усните раскажувачи во текот на раскажувањето. На тој начин се пренесувани приказните од поколение на поколение, за потоа да бидат запишувани. Така е направен обид и со оваа приказна. Зошто да не?

Димитри Јанкоски, Вевчани