Со Владимир Ралев се знаевме уште од студентски денови. Меѓутоа, бидејќи оттогаш поминаа многу години, сега веќе не се сеќавам кога точно и како се запознавме. Можно е да сме се запознале на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што јас студирав историја, а истовремено хонорарно работев како демонстратор и библиотекар во Семинарот за историја на стар век и археологија. Можеби се запознавме на некој собир на студентите во Белград, каде што тој студираше археологија. Можно е да сме се запознале и на археолошките ископувања во Стоби како студенти.
Меѓутоа, добро се сеќавам на нашите средби што, по завршувањето на студиите, ги имавме во Скопје, во Учителско-домаќинската школа што се наоѓаше во реонот на Мичурин, каде што јас од 25.9.1958 до 30.8.1961 година работев како професор по историја. Школата беше наменета само за ученички, дури и во наставниот кадар беа главно професорки. Само двајца постари професори беа вклучени во наставата и јас, тогаш како најмлад, штотуку вратен од отслужување на воениот рок. Со Владо се среќававме кога тој доаѓаше во школата, го сочекуваше крајот на часовите и заедно со група ученички заминуваше кон градот.
Бидејќи во почетокот многу често доаѓаше во школата во која имаше многу убави девојки, особено во погорните класови, јас го задевав дека има врска со некоја од нив. Му префрлав дека најверојатно ќе ни биде „зет на нашата школа“. На тоа, тој ми рече дека целта на неговото доаѓање во школата не е тоа што јас сум мислел, туку тој бил припадник на УДБ-а и во школата доаѓал поради тоа што пред извесно време, пред да бидам јас вработен, имало мошне жесток судир меѓу ученичките и професорот што предавал Историја. Судирот бил толку жесток што го парализирал нормалното работење на школата. Поради тоа морала да интервенира не само полицијата туку дури и ЦК-СКМ. За да се нормализира работата на школата бил отпуштен од работа професорот по Историја, а директорката била принудена да даде оставка.
Во почетокот, во временскиот период колку што траеше мојата работа во школата, Владо доаѓаше почесто, а со текот на времето проретчија неговите доаѓања. Меѓутоа, на 1.9.1961 година ја напуштив работата во школата и бев примен на работа во Политичката школа на ЦК-СКМ. Поради тоа престанаа нашите среќавања со Владо и никогаш повеќе во животот не се видовме.
Сето тоа што го знаев за Владо му го раскажав на мојот долгогодишен другар и пријател Стојан Андов кога тој ја пишуваше својатa најнова книга „До атентатот и по него“, а која ја прочитав во ракопис, во која тој, покрај другото, подетално кажува и за својата мошне интересна и доста индикативна средба што ја имал со Владимир Ралев во 1994 година во Швајцарија. А на братот на Владо, Ристо, како и на сите други роднини на Владо, им изразувам сочувство за неговата смрт, со што нашата држава го загуби својот почесен конзул во Швајцарија и голем хуманист и донатор.
Д-р Никола Чингоски, професор на Факултетот за безбедност во пензија