Г-ѓо Мила Царовска,
Најсоодветно би било, наместо да ловите вештерки, пречекорувајќи ги своите овластувања, и да пријавувате во МВР книжарници и копирници за продавање учебници, да се тргнете веднаш од функцијата, за која очигледно не сте способна. Не само тоа туку правите штета со непоправливи последици по младите генерации.
Како долгогодишен професор во областа на софтверското инженерство, но и искусен педагог токму во областа на употребата на дигиталните содржини во наставата на најмалите, како главен координатор на голем европски проект на оваа тема (со партнери од Велика Британија, Холандија и Белгија), си земам за право да Ве поучам дека:
1. Точно е дека постојат високоразвиени средини, особено во САД, каде што студентите се упатуваат на дигитални учебници. Но разликата со вашиот концепт е како небо и земја. Прво, не се работи за мали деца, второ никој не им забранува употреба на печатени учебници и книги, најмалку им се заканува и пријавува во полиција, најчесто се учи од повеќе содржини, а за техничките услови што му се обезбедени на секој студент, воопшто да не зборуваме. Секој кампус има огромна библиотека. Половината од времето секој студент, професор го поминува во прекрасните библиотеки. Ранците на секој ученик во Европа и во САД се полни со книги. Според Вас, тие би требало да се запалат.
2. Направени се многу студии, една од поголемите на Универзитетот во Мериленд, каде што психолози, социолози, педагози предност им даваат на печатените учебници. А замислете колку е погубно за мали деца, кои и сега без потреба седат пред екрани и не се физички активни, дополнително да се ќорават. Родителите се посвесни од Вас за тој проблем. Затоа масовно ги печатат учебниците, кои Вие требаше да им ги обезбедите, 100%, а не 20%.
3. Да, ние на универзитетите сме упатени, како ПОМОШНИ, да употребуваме странски книги, кои, за среќа, ги има во електронска форма. Но исклучиво бидејќи немаме библиотеки, а и електронските книги задолжително ги печатиме. Многу е штетно да читате на компјутер или на таблет книги и учебници. (Патем, има специјални е-ридери што помалку заморуваат.)
4. Најсоодветна употреба на компјутери во наставата се таканаречените интерактивни ПОМОШНИ содржини (на пример, анимации на разни процеси што учениците не можат да ги видат поинаку), за кои немате абер да ги подготвите. За тоа треба многу знаење и работа. Токму тие се потребни за помалите ученици и за нивната дигитална писменост.
Најстрашно од сѐ е, што за првпат во животот, за првпат во светот, слушам од устата на еден министер за образование и наука дека ќе гони, казнува, пријавува употреба на, замислете, УЧЕБНИЦИ. Ги демонизирате книгите, наместо да создавате култура на нивна употреба. Немојте да давате примери со Финска, Ве молам. Многу сте далеку од тоа да го разберете нивниот концепт. Само накратко ќе кажам дека шест години им траеше подготовката за дигитализација и започна со менување на наставата на педагошките факултети. Кај нас со некакви пет пари обуки за наставниците. Ќе си дозволам да кажам дека во овој случај, вицот со жабата што кренала нога и неа да ја потковаат, не е претеран.
И обидот за блендирана настава, која не е спорна како тренд во развиените земји, вие ја употребувате само во политички цели. Да го избришете тоа што им пречи на соседите. И тука Вие лично, со „групата експерти“, покажавте тотално незнаење, па не знаете што е наука, а која дисциплина тоа не е.
Вие дефинитивно немате основни знаења за тоа што е модерно образование, како се воведува, се служите со насилство да протуркате еден недоквакан проект. Тажно е кога видов мои колеги (некои ми биле чираци) како си газат на струките и знаењето, да Ви угодат и да се вклопат во Вашето, па не би рекла полузнаење. Вие ништо не знаете за образованието, а уште помалку за науката, која ја сведовте на гола вода. За тоа другпат и се надевам со друг министер.
Вие, која нѐ внесувате во тоталитарната држава на Орвел и ни будите асоцијации на познатото палење книги во нацистичка Германија, која давате штетни изјави од типот дека родителите со печатен учебник му правеле штета на ученикот, која ги делите учениците на богати и посиромашни, која впрочем го прекршувате Уставот, Вие треба да бидете пријавена во МВР и веднаш одјавена од позицијата на која им правите штета на генерации!