Во хемијата и хемиската технологија принцип е секогаш инвентарот да го измие, тој што го користел или во погонот инженерот и работниците што работеле. Тие најдобро ги знаат нечистотиите на апаратурата, и без последици најдобро можат да ги исчистат. Затоа што ја знаат природата на загадувањето и од каков вид е тоа загадување. Опасно е! Гревота е! Да се задолжуваат нестручни работници, работници што не работеле во такви погони, да вршат чистење на хемиски загадени лаборатории, погони, напуштени хемиски постројки, загадени канали со хемикалии (отпадоци, жива и сл.). Ние во државата имаме повеќе депонии на хемиски отпади, кои не се заштитени (заградени) од пристап на луѓе, животни и сл. и тие депонии треба да се заградат што побрзо.
Министерство за екологија во владите во овие дваесетина години беше министерство за поткусурување на министерските места во политичките коалиции. Притоа не се водеше сметка за професионалноста на кадарот, туку да се задоволат желбите на коалициските партнери за министерскo местo. На која влада било што била на власт Министерството за екологија не ѝ било проблем да го екипира со нестручни кадри. Затоа одговорноста за ваквата состојба во ова министерство ја сносат сите партии што досега биле на власт, без исклучок. Не можам да заборавам кога министерот за екологија беше г. Шапурич, затоа што тогаш имав потреба од соработка со Министерството за екологија, а проектот беше финансиран од УНИДО, не успеав да се сретнам за некои проблеми, а тој главно беше на пат.
Многупати е кажано дека екологијата е мултидисциплинарна наука и кадрите мораат да бидат високостручни во професијата. И оти таа наука не трпи нестручност и е една од најтешките науки затоа што е мултидисциплинарна. И покрај тоа, за да биде пародијата поголема, имавме најмногу технолози и хемичари невработени, додека на тие места се вработуваа други несоодветни професии. Тоа кај нас е сѐ уште така и затоа ќе ни се случуваат такви хаварии, заради кои ќе страдаат недолжните граѓани и младите поколенија. Денес кај нас во Македонија имаме потреба од вработување на стотина солидни кадри од: хемија, хемиска технологија, металургија, биоинженерство, земјоделство и сл., заради решавање на жешките еколошки точки низ државата. Денес поради невработување ваков кадар, на соодветните факултети, одвај се исполнува државната квота на запишување студенти.
Барем во фабриките од хемиската технологија не смеат толку лeсно да се отпуштат стручни вработени кадри, пред да биде решен еколошкиот проблем, и мора да бидат ангажирани заради осознавање на правата ситуација со настанатото загадување. Не може да се става на страна ни кадарот што е во пензија, а бил учесник или работел на таа технологија. И покрај тоа што многу од тие инженери не се повеќе меѓу нас. Сепак треба да се потрудиме да ги ангажираме тие што ги имаме, тоа е поевтиниот начин на решавање на хемиското загадување. Како постар професор знам оти во нашето општество технолог инженер беше најпонижената професија и, на некој начин, неискористена или користена на несоодветни места и сл. Ете, поради тој однос на раководните кадри кон таа професија, денес ни се случуваат хаварии.
Постојат доста направени студии, извештаи, за одделни погони и хемиски фабрики, тие не се читаат или нестручно се интерпретираат и затоа многу од студиите не се спроведуваат (не се реализираат). Така, на пример, е позната студијата од 1990-тите години, која гласеше: „Од која страна, од постојната индустријата на Скопје му прети опасност“, завршена во Институтот за сеизмичко инженерство. Во неа категорично стои дека една од опасностите за градот е цистерната од винилхлорид мономер во ОХИС (тогаш проф. Брајовиќ инсистираше да стои како најопасна точка).
Од 2000 година постои студија завршена од УНЕП, Швајцарија, што е од „Програмата за животна средина на Обединетите нации“, а проектот за Македонија е: „Посткофликтната оценка за ЖС – Македонска состојба“. Дали некоја од посочените жешки точки е решена, неутрализирана, за дваесет години влади со министерства за екологија? Тоа се многу кратки студии, но ги означуваат опасните точки и требаше најсериозно да се третираат преку инвестирање за нивно неутрализирање (уништување).
Во нашата држава веќе две години се зборува за бомби „бомбите на Зоран Заев“. Но во ОХИС и во други фабрики имаме бомби, покрај бомбата со венилхлоридот мономерот. Дали некој се прашува што ќе биде со жителите на Скопје ако таа бомба се активираше за овие години? И сега по настаната хаварија во ОХИС, се прашувам дали депонијата од ДДТ има предност пред: мономерот, живата, хлорот, ако има и сл., што се чуваат (под висок притисок) и чекаат на уништување.
Таквите бомби беа предочени во студијата од 2000-та, и министерствата за екологија и сите влади на власт, ако ги разбираат проблемите, не би можеле да се однесуваат неодговорно за можноста да страдаат гаѓаните. Ни една бомба од досегашните бомби на партиите што се расправаат не е толку опасна колку некои од еколошките бомби што се посочени во студиите. За жал, можам да констатирам оти ризично си играме. А сето тоа е поради нестручноста или отстранувањето на стручниот кадар (или лесното отпуштање), а си играме политика во општеството и се однесуваме неодговорно мислејќи дека тоа се учи и без учење.
д-р Стефан Поцев, проф. во пензија