Првиот македонски весник „Нова Македонија“ повторно беше тема на дискусија во Бугарија. Овој пат станува збор за гостувањето на бугарскиот историчар Светлозар Елдаров, во бугарската емисија „Операција историја“. Неговото искажување потоа беше пренесено во другите бугарски медиуми и портали. Водителот на емисијата со иронија го цитираше пишувањето во „Нова Македонија“ дека Македонија ѝ дала на Бугарија: 8 министри, 20 дипломати, 70 депутати, 10 митрополити, 15 универзитетски професори, околу 100 учени писатели и публицисти и др., а случајно или не беше заборавено да се посочи дека тоа е цитат и извадок од текст на Пјер Парини, објавен во миланскиот весник „Ил пополо д’Италија“.
На големо изненадување на водителот, Светлозар Елдаров потврди дека информациите за местото и улогата на Македонците во Бугарија се точни и дека всушност „Нова Македонија“ цитира дел од брошурата „Македонците во културно-политичкиот живот на Бугарија“, објавена од македонските братства – организација на македонската емиграција во Бугарија, во 1918 година.
Но и покрај сѐ, Елдаров, осврнувајќи се на споменатата книга, не заборави да истакне дека во брошурата најупотребувани зборови се Бугари и Бугарија, и дека таа е пишувана како доказ дека „Македонците се неразделив дел од бугарската нација“. Ваквиот став на Елдаров не е новина, а е поддржан од повеќето бугарски историчари.
Но и во минатото на ваквите ставови и тези имало кој да одговори аргументирано. Имено, Михаил Сматракалев (Ангел Жаров) им одговарал на ирационалните мегаамбиции на бугарштината на следниов начин: „Претставете си една картонска кутија на која пишува ’Бугарин‘, а што има во кутијата не ве интересира. Ние, за разлика од вас, го фрламе картонот и се интересираме за суштината што е во него. Не гледаме што пишува на капакот од сандакот, туку го отвораме и внимаваме што има внатре“, во контекст на тоа дека Бугарите имаат една гладна потреба на сите што живеат во рамките на бугарската сфера на интерес, без разлика како се чувствуваат, зборуваат или се себеидентификуваат, да им лепат налепница „Бугарин“ и не дозволуваат да бидат ништо друго.
Светлозар Елдаров, говорејќи за пишувањата во „Нова Македонија“, истакна дека станува збор за „инфантилизам на неомакедонизмот, кој е својствен за малите деца, кои го присвојуваат она што им се допаѓа“. Во врска со ваквите неразумни ставови од страна на одредени бугарски историчари, ќе го цитирам и бугарскиот историчар Цочо Билјарски, кој во 2013 година, наместо научнофундирани експликации за историските прашања, тој многу политикантски, отровно и клеветнички пишуваше дека „пропагандната наукообразна скопска машина годишно создава огромна литература со книги за да докаже преку лага, која стана официјална доктрина на ’Околувардарската република‘, дека Македонија и нејзиното население немаат ништо општо со Бугарија и со бугарските корени. Ова прашање лесно може да се реши, но тоа може да се случи само ако еден ден на власт дојдат ’чесни и објективни политичари и државници‘. Но, поминаа две децении откако Македонија стана независна и тоа сѐ уште не се случи. Но ако се случи, тие чесни и објективни политичари и државници треба веднаш да наредат овие лажни книги да бидат исфрлени од библиотеките и книжарниците и да бидат ’запалени‘ на плоштадот на Скопје. На таа клада треба да бидат запалени и ’сите учебници со кои се трујат умовите на нашите млади сонародници од таа страна на Рила и Пирин‘“… Ова не треба да бидат ставови искажани од страна на оние што се нарекуваат научници, туку од најдолни политикантски профитери и манипулатори…
Македонците во Бугарија, играле, играат и ќе играат важна улога. Поранешниот бугарски претседател Жељу Желев изјавуваше дека Бугарија ќе ја признае Македонија, но отворено рече дека Бугарија не е подготвена да ги признае Македонците како нација. Според Жељу Желев, ако се собере сѐ заедно, има околу два милиона луѓе во Бугарија што дошле од Македонија, по потекло од Македонија. Повеќето од нив, барем така велат, се чувствуваат како Бугари. Тие луѓе и „тој дел на нашето население се многу влијателни во Бугарија“. Тие апсолутно не би биле согласни да се признае Македонија, доколку тоа беше предмет на некоја расправа во парламентот. Желев исто така истакнал дека Бугарија прва ја признала Македонија, меѓутоа „ова со нацијата, со јазикот – тоа нема шанса“.
Ќе споменеме и еден актуелен пример. Еве и многумина сегашни бугарски политичари и општествени личности имаат македонски корени. Меѓу нив е поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев, чии предци потекнуваат од драмското селото Плевна. Константин Пандев, еден од најдобрите бугарски историчари и познавачи на македонското револуционерно движење, роден во градот Неврокоп (денес градот се вика Гоце Делчев), има македонско потекло. Споменатиот Цочо Билјарски е поранешен директор на Централниот државен архив на Бугарија и еден од возобновувачите на Македонскиот научен институт во Софија, исто така има македонски корени. Билјарски е меѓу најголемите критичари на секое искажување за посебноста на македонскиот народ, јазик, култура и историја. Наум Кајчев, еден од претставниците на бугарската страна во македонско-бугарската комисија, има потекло од костурското село Кономлади.
И да заклучам со тезата дека влијанието на т.н. македонската елита во бугарското општество отсекогаш беше очигледно и длабоко, и за Бугарија и за Македонија. Поради македонските првенци во Бугарија, таа во минатото доживеа три национални катастрофи (но за тоа во друга пригода), а денес се нарушуваат пријателските односи помеѓу Македонија и Бугарија, игнорирајќи го или негирајќи го македонскиот народ како посебен во договорот за добрососедство, а се доведува во прашање и интегрирањето на Македонија во Европската Унија?! Д.С.