По наредба на Михајлов беа убиени Чудомир Кантарџиев, Стоју Хаџиев и Георги Скрижовски. Не постојат никакви докази дека тие биле вмешани или на каков било начин го поттикнувале убиството на Тодор Александров. Всушност, Кантарџиев, Хаџиев и Георги Скрижовски беа убиени затоа што беа поранешни соборци и пријатели на Сандански и во текот на својот живот се залагаа за независна македонска држава
Во историските сведоштва може да се вбројат и стотиците автентични фотографии на знајни и незнајни личности од историјата. Вакво автентично сведоштво е и една фотографија што е направена во 1908 година и во себе крие една застрашувачка нарација. На споменатата фотографија (која ја испративме како прилог до весникот „Нова Македонија“ и би можела да послужи како илустрација) можеме да ги видиме дејците на т.н. серска група, составен дел од т.н. левица во македонското револуционерно движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. На фотографијата можеме да ги забележиме Чудомир Кантарџиев, Стоју Хаџиев, Георги Скрижовски и легендарниот македонски водач Јане Сандански. Фотографијата најверојатно е направена непосредно по државниот удар, со кој младотурците ја преземаат власта во Османлиската Империја.
Да се навратиме на застрашувачката нарација. Не случајно се вели една фотографија, илјада зборови. Кантарџиев, Стоју Хаџиев, Георги Скрижовски беа едни од најблиските соработници на Сандански и како такви беа приврзаници на идејата за самостојна Македонија и жестоки борци против врховизмот и анексијата на Македонија кон Бугарија. Всушност, Кантарџиев, Стоју Хаџиев и Георги Скрижовски се дел од т.н. санданисти во националното и револуционерното движење на Македонците. Колку и да звучи чудно, Чудомир Кантарџиев беше Бугарин, но и покрај тоа, иднината на Македонија ја гледаше како независна држава.
Споменатите, вклучувајќи го и Јане Сандански, во текот на една деценија беа ликвидирани поради своите идеолошки погледи. Прв беше убиен Сандански во 1915 година. Неговата ликвидација беше извршена од страна на приврзаниците на Тодор Александров, затоа што Сандански се противеше на сојузот помеѓу Германија и Бугарија во Првата светска војна.
Другите, по балканските војни и Првата светска војна, се повлекуваат од македонското револуционерно движење, меѓутоа одржуваат контакти со левицата, а некои од нив и со Димо Хаџи Димов. По обидите на Александров за возобновување на ВМРО по Првата светска војна, тие се меѓу неговите противници, но дејствуваат во заднина.
Во 1924 година, Тодор Александров, бидејќи беше политички изолиран, го прифати Мајскиот манифест, со што дојде до обединување на македонските групации и јасно беше изразена идејата за независна македонска држава. Меѓутоа бугарските конзервативни политички кругови беа незадоволни од случувањата во македонското револуционерно движење. Набргу по потпишувањето на Мајскиот манифест, Александров беше убиен, а многумина веруваат дека неговата ликвидација била наредена од страна на бугарската влада предводена од Александров Цанков.
По убиството на Тодор Александров, како водач во ВМРО се наметнува злогласниот Иван Михајлов, кој го користи убиството на Александров за уништување на левицата во македонското национално и револуционерно движење. Михајлов подготвува и спроведува серија атентати со кои беше обезглавено македонското национално движење. По наредба на Михајлов беа убиени Чудомир Кантарџиев, Стоју Хаџиев и Георги Скрижовски. Не постојат никакви докази дека тие биле вмешани или на каков било начин го поттикнувале убиството на Тодор Александров. Всушност Кантарџиев, Хаџиев и Георги Скрижовски беа убиени затоа што беа поранешни соборци и пријатели на Сандански и во текот на својот живот се залагаа за независна македонска држава.
Убиствата што беа наредени од Михајлов, како и убиствата извршени по наредба на Тодор Александров (како што беа ликвидациите на Сандански и Ѓорче Петров), го осакатија македонското национално движење. Меѓу двете светски војни не постоеше организација што го обединуваше македонскиот народ. Во минатото имаше обиди за рехабилитација на Тодор Александров, но тој и понатаму си останува контроверзна личност во македонската историја, а што се однесува до Иван Михајлов, тој сѐ до својата смрт велеше дека Македонците се Бугари.
Многумина велат дека убиствата всушност се борба за превласт во македонското револуционерно движење, но убиствата беа идеолошки, затоа што Јане Сандански, Ѓорче Петров, Димов Хаџи Димов и многумина други се залагаа за независна македонска држава. Недозволиво е да се релативизираат нештата во историјата, како што се обидуваат некои, затоа што на таков начин ја уништуваме идеолошката суштина на македонската национална платформа. Да се навратиме на фотографијата, ниеден од нив не го дочека денот кога беше создадена македонската држава и беше кодифицирана (формалноправно) македонската нација. За тоа се виновни Тодор Александров и Иван Михајлов.
Костадин Поповски