Не е во ред да ги обвинуваме нашите повозрасни колеги, директори и професори, кои можеби и не се меѓу нас, наши учители, за нивните напори за развој на хемиската индустрија во земјата и нивниот однос, респект спрема заштита на животната средина (ЖС). Мора да ги знаеме светските и европските сознанија за таквите индустрии во тоа време кога се одлучуваше. Но познато е и дека при тие одлуки постоеле нестручни политички одлуки заради локалпатриотски амбиции и сл., што не може да се скрие за локациите на хемиските фабрики, кои беа изградени и оставија големи количества хемиски отпад, а како загадувачи на ЖС.
Познато е дека по однос на загадувањето на ЖС и развојот на хемиската индустрија во Европа постоеле стратегии за третирање на отпадот (гасен, течен или цврст) и неговиот третман. Кои се последиците од посебни отпади и на кој начин треба да се третираат откога ќе се депонираат во ЖС. Гледано наназад, од првите зачетоци на изградбата на хемиската индустрија во светот, Европа и кај нас, можеме да ги наброиме следните стратегии и методи што се применувале за заштита на ЖС од хемискиот отпад:
До 1960-тите години стратегија на разредување, преку дисперзија на отпадот во ЖС. Во 1970-тите контрола на онечистувањето преку депонирање на депонија и контрола на излезот (end of pipe) од технолошкиот процес. Во 1980-тите рециклирање, развивање безотпадочни технологии, преку рециклирање на отпадот за добивање производ. Во 90-тите спречување на создавањето отпад на почетокот на процесот, превенција пред да се создаде (преку примена на чисти суровини и ефикасни апарати што произведуваат малку отпад).
Со историскиот развој на хемиско-технолошките процеси, дошло и до прогресивно создавање отпад и се мислело оти апсорпциската моќ на природата е огромна, така што проблемот со отпад не се ни разгледувал. Почнало да се размислува на поголема дисперзија во природата. Се граделе високи оџаци, течните отпади да се испуштат во длабоките води (морски, океански и сл.), се сметало на асимилација и апсорпциските капацитети на природниот реципиент. Се мислело оти создадениот отпадот депониран во природата ќе се разгради до безопасен или ќе се разреди до многу ниски безопасни концентрации.
За жал, тоа не давало резултати и во 1970-тите години веќе се развиваат технологии end of pipe, што значи формирање депонии од отпад, филтрирање на гасовите од цврстите честички, десулфатизација, пречистителни станици, спалување на отпадот и сл. Со депонирање на отпадот се намалило загадувањето на ЖС. Но и овој начин на собирање предизвикува трошоци (транспортни трошоци). Во 1980-тите се применувало рециклирање (се депонирало, па често требало да се сели поради рециклирање), а тоа било поврзано со дополнителни трошоци. Рециклирањето било поврзано со квалитетот на производот (често лош квалитет) и ако отпадот се намалувал во ЖС.
Најновата стратегија во 1990-тите е спречување на добивањето отпад уште во почетокот на технолошкиот процес, преку употреба на квалитетни чисти суровини, ефикасни апарати, ефикасни технологии (кои прават мали загуби, ефикасни во искористувањето на суровината, енергијата, водата и сл.). Оваа стратегија довела до големи заштеди и мали количества отпад, а некои компании остварувале и големи профити.
Во овој период, 1990 година ние ја формиравме државата и немавме министерство за екологија. А нашата хемиска индустрија само го депонираше отпадот, а поради застареноста на процесите, лошата економска состојба, превработеноста и сл. најмалку се размислуваше за негова редукција, со помош на гореспоменатите стратегии. Ние сѐ уште размислувавме дека природата ќе го апсорбираа, разнесе, и на тој начин ќе се намали загадувањето на ЖС. Сѐ уште верувавме во онаа народната „протреси и истури“. Како заштита од честичките во гасовите се применуваа некои филтрирања, но не и најефикасните, се изградија некои пречистителни станици, но неефикасни или делумно, а цврстиот отпад на депониите не беше изолиран од природните врнежи, од расфрлање и сл. Тоа доведе до цедење од депониите, нивно расфрлање, загадување на земјиштето и двократно или повеќекратно проширување на загадувањето на ЖС.
Како општество, многу малку средства за заштита на ЖС одвојувавме поради слабата економска основа, но и не ја сфаќавме сериозноста на проблемот. Во 2000-та УНЕП изработи брза стратегиска еколошка процена насочена кон најургентните еколошки интервенции во Македонија по косовската криза. Во студијата „Постконфликтната оцена на ЖС – македонска состојба“ УНЕП ги посочи неколкуте еколошки „жаришта“, но досега ниедно од нив не е решено.
Целата состојба, и покрај постоењето на Министерството за екологија, се влечкаше и поради неговиот третман од страна на владите во претходниот период. Министерството за екологија беше за поткусурување на министерските места во коалицијата, многу малку стручен кадар, а одвоените средства беа минимални. Голем беше интересот на меѓународната заедница да помогне, а многу мал на тогашното министерство. Нашите министри во поранешниот период во Министерството за екологија бегаа од директни средби со меѓународните претставници, но одеа на меѓународни конференции за екологија, заради дебели дневници. Хемиската индустрија во нашата држава беше поставена на добри основи, но таа како млада индустриска гранка бараше интензивно следење и инвестирање од повеќе аспекти (технологија, екологија и кадровска стручна екипираност).
Тоа се причините за третманот на хемиската индустрија кај нас во нашата Македонија. И зашто хемиската индустрија, како важна гранка, во развојот на стопанството добива лош третман-поддршка за нејзиниот понатамошен развој.
Д-р инж. Стефан Поцев, проф. во пензија