Граѓанските организации велат „не“ за нуклеарна енергија

Неодамнешната изјава на вицепремиерот за економски прашања, г. Кочо Анѓушев, дека нашата држава покажала интерес во инвестиција во бугарската нуклеарна централа „Белене“ предизвика реакции од македонските граѓански организации. Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ остро реагира на ваквата намера, бидејќи смета дека од ваквата инвестиција државата и граѓаните нема да имаат никаква полза.

Процесот на градба од одобрување таков проект во најдобар случај трае околу пет години. Кога на тоа ќе се додаде периодот за добивање на сите потребни дозволи, времето што треба да помине додека македонските граѓани ги добијат првите киловат-часови електрична енергија од оваа електроцентрала значително се зголемува и може да достигне и десет години. Истовремено, не се зголемува нашата енергетската сигурност, бидејќи овој капацитет ќе биде изграден во друга држава.

Во меѓувреме, Македонија има приоритетен процес на гасификација на кој, независно од несогласувањето на граѓанските организации што работат на полето на животната средина, постојано се инсистира како мерка за намалување на загадувањето на воздухот и како на еколошки проект (иако тој процес во ниеден случај не може да се нарече еколошки поради повеќе аспекти – влијание врз климата, локални влијанија врз животната средина, влијанија врз животната средина во местата на екстракција на гасот).

Ако се приоретизира користењето на гасот, многу подобра варијанта е негово комбинирано користење за производство на електрична и топлинска енергија, со што граѓаните би имале двојна корист – нешто што не е случај со инвестиција во нуклеарна централа во друга држава. Инвестирање во нуклеарна централа не е споменато во верзијата на енергетската стратегија што беше консултирана со граѓанскиот сектор и која се очекува есенва да биде усвоена од страна на Владата. „Еко-свест“, која беше дел од консултативниот панел за стратегијата, е категорично против ваквиот проект и учеството на државата или на ЕСМ во ваква заробена инвестиција.

Дополнително, во 2012 година Владата има донесено мораториум за изградба на нуклеарна централа, што би значело дека јавните пари од македонските граѓани не треба да се користат за изградба на нуклеарни капацитети. Со вложување средства во ваков голем проект, чија градба ќе трае многу долго и ќе испорача струја дури по период од десетина години, ние ги заробуваме средствата, кои инаку можеме да ги вложиме во одржливи системи за производство на електрична енергија и во енергетска ефикасност. Наедно, со вложување во нашата држава, овозможуваме вработувања и енергетска сигурност и независност, што нема да е случај со вложувањето во „Белене“.
Она што никој нема да го објави јавно е дали нашата држава доколку влезе во финансиската конструкција на новата нуклеарна централа наедно ќе треба да преземе одговорност и за генерираниот нуклеарен отпад?

Владата пројавува интерес преку „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), која е во државна сопственост. Токму поради фактот што ЕСМ е државна компанија, треба своите инвестиции да ги прави во согласност со Стратегијата за развој на енергетиката и притоа мора да го има предвид интересот на граѓаните на државата. Со либерализацијата на енергетскиот пазар, ЕСМ е во можност да инвестира во проекти што ги смета за профитабилни. Сепак, не станува збор за приватна компанија и, оттука, интересите на нашите граѓани од аспект на безбедност, независност на снабдувањето со електрична енергија и одржливоста на системот треба да се приоритетни во донесувањето на одлуките за идни инвестиции.

„Еко-свест“