Тамам помислив дека е време да ја пофалам УБК што направи чекор да си ја „врати надлежноста“ (сѐ уште не ми е јасно зошто сама или некој друг ѝ ја одзема), во јавноста се појавија низа текстови, кои заедно со уште еден текст, а имено за можен претседателски кандидат, се сигурен знак за почетокот на дворските игри.
За волја на вистината изразот „дворски игри“ не одговара на држава со 18 отсто инфраструктура за фекална канализација. Но тоа е друга тема, нели…
Реков „си ја врати надлежноста“ бидејќи се создава впечаток дека беше „во аут“, најмногу поради бегството на НГ, на кое за волја на вистината му претходеа Христо и Неџби и она познато фемкање со „Ибица“.
Нормално, ни јас не можам да избегам од впечатокот за конекциите помеѓу делови на судската и извршната власт. Засега само на ниво на впечаток, бидејќи за да „распали човек“ треба да има и некаков доказ, а јас го немам.
Сепак резултатите даваат сосема доволен и сериозен легитимитет за човек да си прави „бајрам на паметот“ и вака преку социјалните мрежи да си го каже својот став.
Затоа, текстовите за кадровските комбинаторики во и за УБК, повеќе ми личат на евтина провокација, отколку на сериозен обид да се претстават кандидатите. Тој впечаток ми се наметнува заради тезите што се извлечени и тоа особено оние што зборуваат за тоа зошто секој од нив „не би требало да биде избран“!?
Ми се чини дека изборот на директор на „УБК-реформирана“ е најмалку мајтапење од типот „бел или црн бумбар“.
Ацо Калановски, Шведска