Наместо да го сопрат и изолираат коронавирусот, повеќе држави во светот, вклучувајќи ја и Македонија, одлучија да ги сопрат и изолираат единствено луѓето. А луѓето, не се баш послушни. Епилогот од тоа засега се повеќе жртви и повеќе новозаразени. Нели е крајно време за промена на тактиката? Некој да го означи почетокот на ловот на вирусот и досегашната дефанзивна тактика да се преиначи во крајно офанзивна. Ама квалитетни „разузнавачки информации“ (читај тестирање) заради обезбедување сигурна победа мора да има: колку се инфицирани, а колку се здрави?
Коронавирусот го промени светот. Го сврте наопаку глобалниот светски поредок заедно со сите негови придружни елементи (економија, здравство, безбедност). Вирусот го промени и системот на вредности и приоритети во животот. Соочени со опасноста од невидливиот противник, прекуноќ сфаќаме колку сите сме кревки и беспомошни. Колку се залудни надежите и верувањата во некакви моќни алијанси, унии, сојузи.
Ковид-19 си поигра со сите нив како мачка со глушец. И со НАТО, ЕУ, СЗО, ООН, ММФ, ФАО, САД, Русија, Кина… Со еден збор, со сѐ што до пред некое време претставуваше своевиден синоним за авторитет, моќ, сила, во која било смисла на зборот. Вирусите не признаваат авторитети, ниту пак моќ, титули, општествен или социјален статус.
Имаше една анегдота од времето на СФРЈ, според која вирусите беа класифицирани како комунисти, по убедување. Демек како комунистите кон сите се однесуваат (заразуваат) еднакво, иако, се разбира, тезата е дискутабилна и е производ на едно поранешно минато време. Еве, и денес ќе сретнете разни теории на заговор, според кои ковид-19 е создаден во лабораторија, дека повторно во игра се пари и нечии интереси итн. Кои и да се вистината и заднината, факт е дека короната е тука меѓу нас и клучното и најважно прашање сега за човештвото е како да ѝ се застане на патот. Во претходната колумна посочив дека вирусите не можат да се победат со каква било сила. Може единствено да се сопрат и изолираат.
Но наместо да го сопрат и изолираат коронавирусот, повеќе држави во светот, вклучувајќи ја и Македонија, одлучија да ги сопрат и изолираат луѓето. Секако дека во услови на глобална пандемија е неопходна одредена изолација на луѓето, но таа не вреди ништо доколку истовремено не се сопре и изолира вирусот. Тоа е како да гасите пожар, а не знаете ниту колкав е огнот ниту од каде доаѓа.
Потврда за тоа е и фактот што во повеќето земји каде што се спроведува изолација на населението, преку различни форми на полициски час, сепак бројот на жртви и новозаразени не се намалува. Можеби треба повеќе време за синџирот на зарази да се прекине, но токму недостигот од време во моментов е нашиот најголем проблем. Човештвото е во трка со времето, која не само што го нема туку немилосрдно се троши на дефанзивни и непродуктивни потези. Дефанзивната тактика, која се сведува на секојдневно броење на новозаразени пред короната, која е во налет, е однапред осудена на пропаст. Колку побрзо го увидиме тоа толку подобро ќе биде за државата и за здравјето на граѓаните. Што, всушност, треба да направиме? Сега и веднаш. Искуствата на другите земји што успеале да ја сопрат заразата, како и препораките на епидемиолозите го трасираат патот по кој треба да се движи и Македонија. Според согледувањата на кинески експерти, за да се сопре ковид-19, неопходно е да запреме да се движиме 4 недели. Секакво меѓусебно мешање и циркулација на луѓето да запрат за четири недели и вирусот ќе се стопира и ќе исчезне.
Се претпоставува дека 4 недели е потребниот временски период за целосно да се прекине синџирот на ширење и размножување на вирусот, се разбира, доколку не му се даде никаква можност за тоа.
Што се четири недели за спас на човештвото? Или четири недели за спас на Македонија? Ништо. Ситница во однос на прогнозите дека пандемијата може да трае и до две години. Сепак, досегашните примери на непочитување на полицискиот час и големиот број прекршувања на ограничувањето на движењето покажуваат дека една ваква мерка тешко ќе ги даде посакуваните ефекти, сама и единствена. Особено не кај нас. Од друга страна, движењето и циркулацијата не може да се сопрат.
Според законите на физиката, сѐ се движи во универзумот, па, така, и луѓето неминовно мора да се движат. Ограничено, но сепак секогаш ќе има проток и циркулација на луѓе, а со тоа и можности за ширење на вирусот. Затоа е неопходно да се тргне во лов на короната. Министерот Филипче да го означи почетокот на ловот на вирусот и досегашната дефанзивна тактика да се преиначи во крајно офанзивна. Тоа е единствениот, најбрз и најисплатлив начин за стопирање на ширењето на вирусот. Сега некој со право ќе забележи, како да се тргне во лов кога станува збор за невидлив противник. Се разбира, сигурно нема да тргнеме во лов со загари, карабини и сачмарки туку со епрувети, игли, стапчиња со памучен завршеток и друг медицински материјал. Масовно тестирање на населението е клуч на успехот во борбата со вирусот.
Само прецизно и точно пребројување и раздвојување на заразените и потенцијалните преносители од здравите луѓе може да го ограничи и спречи понатамошното ширење на вирусот. Тоа се покажа успешно во Кина, Јужна Кореја и сега сѐ повеќе земји го прифаќаат ваквиот концепт.
Преку организирано и масовно тестирање на населението многукратно ќе се намалат и трошоците врз здравствениот систем, но истовремено ќе се спречи и некој да профитира на сметка на стравот на граѓаните. На пример, најсовремен брз тест за откривање ковид-19 во странство чини околу 100 денари, додека кај нас за ваков вид тестирање во некои приватни ординации се наплатува и 15-кратно повеќе. Што е ова ако не незаконско профитерство во услови на вонредна состојба? И наместо ова да се спречи и санкционира, тоа дури и се поттикнува. Понатаму. Во однос на откривањето на коронавирусот, во моментов се применува една чудна ало-ало стратегија.
Би рекле стратегија на глуви телефони. Замислете пациентот сам се јавува на телефон и лекарот му врши телефонска анкета со поставување 15 прашања, во стилот те боли ли нешто, на која возраст си, имаш ли температура, си патувал ли некаде и сл. Како да станува збор за анкета за некаква наградна игра или лични познанства, а не за потенцијален носител на опасен вирус.
Во суштина, ваквиот приод на самоиницијативно јавување се темели само и исклучиво на добра волја на граѓаните, а не на поширокиот јавен интерес, неопходноста да се спречи заразата и да се заштити јавното здравје. Како може да се сопре вирус на доброволна основа. Со јавувања преку телефон?
Не треба да се занемари и фактот што некои од граѓаните се чувствуваат стигматизирани, се плашат од осуда од средината, па логично и не се јавуваат за вакво телефонско тестирање дури и да чувствуваат некакви симптоми.
Од друга страна, тоа само ја отежнува и оневозможува ефикасната борба со вирусот. Чекањето да се подобрат временските услови и тоа да го сопре вирусот, исто така, не го решава проблемот бидејќи е равенка со многу непознати. Пронаоѓањето вакцина е некоја далечна и непредвидлива иднина, така што во суштина и немаме некој голем избор.
Или ќе се фатиме во костец со вирусот, бескомпромисно и енергично преку масовно тестирање на населението уште веднаш, или ќе губиме и понатаму скапоцено време во исчекување на пикот и броење на новозаразените. Одлуката е на надлежните органи. Одговорноста, исто така.