Сликата нема да биде комплетна ако покрај населението во земјава не се избрише и она што се чувствува како македонско во соседните земји. Дефиницијата е едноставна, ако нема македонски народ во Македонија, не може да има ниту малцинства во соседните држави. Затоа Бугарија веќе повеќе години работи на терен во Албанија, успеа да издејствува посебна графа за Бугарите во пописот, дели бугарски учебници кај децата во Пустец, а Софија донирала и противпожарно возило и финансирала изградба на локален пат. Викендов во Скопје намина и бугарската потпретседателка Илијана Јотова, која била во посета на Гора во Косово, за да се сретне со „бугарското“ малцинство таму. Таа побарала од косовските власти признавање на Бугарите, посебна графа на пописот и учество во институциите на косовските Бугари, кои одеднаш одникаде се појавија и на Косово
Во последниот период е забележлив ангажманот на бугарскиот политички врв во насока на зголемен притисок да се внесат Бугарите во македонскиот устав, истовремено заканувајќи се дека ако не се случи тоа, нема да има ниту педа напредок во преговорите за членство на Македонија во Европската Унија.
Овој наратив почна да се користи од моментот кога официјална Софија сфати дека во Европа не поминува приказната за некакви историски прашања од пред еден век, туку дека ќе им треба нешто посуштинско на што би реагирал официјален Брисел, па некој во таа добропозната бугарска „кујна“ се сети дека заштитата на човековите права секогаш пали и дека оваа алатка може да се примени токму врз Македонија.
Тоа стана јасно во оној момент кога бугарскиот претседател Румен Радев внесувањето на Бугарите во македонскиот устав го извади буквално од ракав и го постави како услов за тргање на бугарското вето за почеток на пристапните преговори на земјава со ЕУ. Бугарија одеднаш од позицијата на неразбрана членка на Унијата околу причините за ветото за Македонија, прекуноќ почна да игра на картата на човекови права и да се жали дека нејзините граѓани се жртви на омраза и цел на дискриминација токму во Македонија.
За македонското општество, кое отсекогаш било демократско и толерантно, дури ни впишувањето на Бугарите во Уставот само по себе не претставува никаков проблем ако тоа биде единствениот услов за конечно евроинтеграциите да започнат да течат по нормален пат, во согласност со европските критериуми, а не според нечии други налози и желби.
Но очигледно Бугарија не очекуваше таков развој на настаните, па мораше од тој момент да создава тензичен амбиент во земјава, во кој многу тешко би поминале уставните измени. Тоа го направи така што најпрво ја обремени самата преговарачка рамка, во која се постави како еден вид тутор над македонските евроинтеграции, односно без нејзино одобрување Македонија да не може да направи ниту еден чекор во преговорите, потоа вметна навредлива изјава за македонскиот јазик, иницира формирање таканаречени бугарски културни клубови во земјава со внимателно одбрани имиња, за кои добро знаеше дека ќе предизвикаат револт кај македонските граѓани. Бугарија на разни лукративни начини мотивираше поединци прекуноќ од патриотски настроени Македонци да се претворат во новоосвестени Бугари, кои веќе работат на терен за ширење на бугарската пропаганда. Ги искористија и најсветите датуми од македонската историја за провокации, така што веќе не дозволуваат ниту македонските граѓани во сопствената држава да можат мирно и достоинствено да ги чествуваат своите револуционери и идеолози.
Кога сите овие потези од изминатите неколку месеци ќе се соберат на купче и малку подобро ќе се анализираат, станува јасно дека единствена страна што не сака да ги намали тензиите меѓу двете земји е Бугарија. Без оглед што официјална Софија на сите страни труби дека Македонија ќе го продолжи пристапниот процес кога ќе ги внесе Бугарите во Уставот, во суштина таа не сака да се случи тоа, барем не во следниве 10-15 години.
Зошто е така? Причината е многу едноставна. На Бугарија целосно ѝ одговара оваа лимбо-ситуација во која се наоѓа Македонија, за да може многу полесно да ги оствари целите на кои работи подолго од еден век, односно целосно да го асимилира македонскиот народ.
Најпрво, овој процес го започна така што изминатите години, особено откако стана членка на ЕУ, масовно им издава бугарски пасоши на Македонците, кои во најголем дел ги земаа од економски причини, но истовремено при стекнувањето со бугарско државјанство мораа да изјават дека имаат бугарски корени. Ова за Софија е аргумент да покаже пред Европа дека има над 100 илјади Бугари во Македонија, без оглед што на пописот во земјава така се изјаснија околу 3.000 граѓани. Операцијата со издавање пасоши ќе продолжи и натаму, така што Бугарија ќе опстои на планот за блокирање на Македонија и на тој начин тенденциозно ќе ја зголемува апатијата во македонското општество, кое тонејќи сè подлабоко во безизлез и сиромаштија, спасот ќе го бара во иселувањето во странство. Тоа за Софија е одлична можност уште повеќе да ја засили асимилацијата, така што ќе им го подари најдобриот билет во еден правец – бугарскиот пасош, а за возврат ќе добие уште Бугари на своето конто.
Но сликата нема да биде комплетна ако покрај македонското население во земјава не се избрише и македонското малцинство во соседните земји. Дефиницијата е едноставна, ако нема македонски народ во Македонија, не може да има ниту малцинства во соседните држави. Затоа Бугарија повеќе години работи на терен во Албанија, при што успеа да издејствува посебна графа за Бугарите во пописот, на големо дели бугарски пасоши и учебници меѓу населението, а Софија во Пустец донирала противпожарно возило и финансирала изградба на локален пат.
Тешко му е на она македонско население што живее во Пустец и Голо Брдо да се одбрани од бугарските емисари, кои нудат сè и сешто само да се пишат Бугари.
Викендов во Скопје инкогнито намина и бугарската потпретседателка Илијана Јотова, која претходно била во посета на Гора во Косово, за да се сретне со „бугарското“ малцинство таму. Таа од косовските власти побарала признавање на Бугарите, посебна графа на пописот и учество во институциите на косовските Бугари. Тука, во Скопје, од македонските Бугари побарала да не се откажуваат во намерата да ги бранат својата бугарска самосвест, традиции, јазик, историја. Тие можат да ја бранат својата бугарска самосвест, додека Македонците ниту во својата земја немаат право на самосвест, јазик, историја и традиции. Уште помалку таква можност има македонското малцинство во Пиринска Македонија, оти, нели, таков им бил Уставот на Бугарите. Впрочем, ова е нормално да се случува кога Македонија свесно се откажа од грижата за сопственото малцинство во соседните земји и го препушти на асимилација.
Затоа на Бугарија не ѝ оди во прилог Македонија да ги направи уставните измени, бидејќи ѝ е потребен подолг временски период да ги реализира асимилаторските планови во Македонија, како и во околните земји, за што има премолчено одобрување од самата ЕУ. Софија е свесна дека асимилацијата не се прави прекуноќ, па затоа и одолжува, оти ако уставните измени се случат брзо, тогаш Европа ќе смета дека проблемот е решен, без Бугарија целосно да ја доврши својата мисија. Кога ќе го постигнат максимумот, тогаш и да влезат Бугарите во Уставот ќе им дојде уште подобро.
Сега ќе се создава впечаток дека бугарската страна не бара ништо друго освен внесување на Бугарите во Уставот, но истовремено ако се создаде макар и мал прозорец тие уставни измени некако да се случат, официјална Софија експресно ќе спречи секаква можност со некој нов инцидент, провокација, тепачка или слично, повторно ќе слетува претседателскиот авион само да се билда отпорот во македонското општество кон Бугарија.
Ваквата лицемерна бугарска политика е целосно прозрена и веќе и врапчињата на гранка знаат каква е нејзината цел, така што изјавите од типот дека Бугарија работела на смирување на тензиите со Македонија и дека во земјава биле загрозени нечии малцински права се наменети само за оние што од дрвото не ја гледаат целата шума.
Како и да е, македонскиот народ опстојал многупати кога се соочувал со истата асимилаторска политика. Не успеале Османлиите за пет века, нема да успеат ниту Бугарите, затоа што во македонскиот ген има нешто што го одржало во минатото, а ќе го одржи и во иднина, има пркос.