Иако со секоја детонација блеснува заслепувачка светлина, таа е само моментална. Темната страна на употребата на пиротехниката е преовладувачка! Тоа е онаа страна на употребување на пиротехниката и петардите што е долгорочна, штетна и опскурна. Употребата на пиротехниката, освен што ќе ги малтретира нашите уши цел еден месец, може да придонесе за сериозни физички повреди кај оние што одлучиле својата новогодишна еуфорија да ја споделат со сите нас, плус да ни го загадат воздухот…
Полека, но сигурно почнува да се чувствува празничната еуфорија во земјава. Новогодишни елки веќе се поставени во некои од поголемите трговски центри, голем број продавници веќе ја изложиле својата новогодишна декорација, а на социјалните мрежи на големо се споделуваат фотографии од декорираните елки и домови.
И кога сѐ е така да кажеме романтично, со новогодишни и божиќни мотиви, луѓето симболично веќе и ги носат своите „новогодишни џемперчиња“, како воопшто да не ја чувствуваат или подобро речено ја игнорираат онаа темната страна на новогодишните прослави. Иако со секоја детонација блеснува заслепувачка светлина, таа е само моментална, а темната страна на употребата на пиротехниката е преовладувачка. Тоа е онаа страна на употребување на пиротехниката и петардите што е долгорочна, штетна и опскурна. Употребата на пиротехниката, освен што ќе ги малтретира нашите уши цел еден месец, може да придонесе за сериозни физички повреди кај оние што одлучиле својата новогодишна еуфорија да ја споделат со сите нас, плус да ни го загадат воздухот и да ѝ даваат придонес на сивата економија.
Министерството за внатрешни работи којзнае која година по ред започнува со кампања што го опфаќа црниот бизнис со пиротехника и петарди, но и оние што ги користат истите тие. Па како и секоја година така и оваа, неодамна ја започнаа кампањата што треба кај корисниците на пиротехника да го намали доживувањето и да ги освести да ги контролираат своите нагони и да не го малтретираат другиот дел од граѓаните.
Казни и предупредувања ќе има, но колку и дали воопшто ќе дадат плод останува да видиме во периодот што следува. И тука би рекла важи онаа народната „секое чудо за три дена“, можеби ќе има ефект некој ден, па повторно ќе се вратиме на старо…
Воопшто не се мали казните, но не е мал ниту бројот на оние што на црно ги препродаваат петардите на пазарите и крстосниците низ земјава. Уште посериозна е бројката на оние што ги купуваат овие средства, бидејќи речиси во секоја населба има неколку групи деца на кои им е дозволено да си играат со петардите на сметка на нивното здравје.
Најстрашни се вечерните часови, и тоа не само во Скопје туку насекаде во земјава. Понекогаш се добива впечаток дека ни се случува војна, а не дека се приближува уште една нова година во низата.
Она што е најтрагично е фактот што на некои деца, на возраст од едвај два-тринаесет години, сосема им е нормално, а што е уште потрагично и дозволено им е да играат со петарди. Такво изживувачко однесување кај наследниците на нашата иднина се раѓа само во овој период од годината. Ним, а очигледно и на родителите, сосема им е нормално нивните деца да ставаат петарди во шишиња и со истите тие да си играат и да ги фрлаат едни кон други.
Уште пострашно е кога не знае човек од која страна да внимава кога оди во продавница, бидејќи децата буквално го демнат секој агол од населбата и со петарди и запалка во рацете ја чекаат својата нова жртва на која ќе ѝ фрлат петарда меѓу нозете.
За повредите, кои знаат да бидат доста сериозни, никој не се оптоварува, барем додека не се случат. Залудни се и напорите на наставниците, кога истите тие деца носат петарди и на училиште со кои се занимаваат за време на големите одмори.
Сѐ уште не е излезена официјалната статистика на МВР за тоа колку запленети пиротехнички средства има годинава, бидејќи шпицот воопшто не е ниту дојден. Допрва како што ќе доаѓа 31 декември атмосферата ќе се вжешти. Минатата година беа запленети околу 150 илјади пиротехнички средства, во услови кога владееја карантини и рестрикции на движења…, можам да замислам што ќе биде оваа година со оглед на олабавените мерки.
Можеме само да очекуваме дека ќе се организираат голем број полициски акции по пазарите, најчесто во Скопје, каде што ќе се запленуваат пиротехничките средства и ќе се апсат нивните продавачи и, секако, купувачи доколку бидат фатени на дело дека купуваат пиротехнички средства.
Секако, сега ќе почне и масовното барање на домашните миленици, кои, избезумени поради пукотниците ќе бегаат за да спасат жива глава, бидејќи тие воопшто не знаат што е тоа огномет ниту петарди. Секоја година и на оваа тема сликата е иста. Потрага по миленици ќе има насекаде, исто како што ќе има садисти што на кучињата ќе им фрлаат петарди само поради својата нездрава смисла за забава. И сето тоа може да ги чини живот, бидејќи нивните срциња тој огромен стрес, за жал, не можат да го преживеат.
Да не го занемариме ниту прашањето за загадувањето на воздухот, кое е болна тема за сите нас. Како што смрди на ПМ-честичките, на запалени гуми и разни отпади, во таа група мириси се издвојува и барутот, кој со своето учество дополнително го замаглува и онака магливиот воздух во Скопје.
На моменти до толку е густа концентрацијата на чад од барут, што човек ќе помисли дека маглата всушност е од петардите и огнометите, а не од онаа нашата традиционална загаденост од смог.
А сите се први да кукаат на социјалните мрежи за загадувањето на воздухот, па да, сите се силни на хартија, односно во случајов пред телефон. Но што реално преземаат е вистинското прашање. Сите бараат спектакуларен огномет за новогодишната ноќ, но дали сте се запрашале колку петминутното задоволство ќе ни го загади воздухот? По спектакуларниот огномет, концентрацијата на ПМ 10 честичките во воздухот драстично се зголемува. Зад тие прекрасни бои што го осветлуваат небото стојат голем број хемиски мешавини, соли и реакции, кои само дополнително го дозагадуваат воздухот.
При нивното експлодирање во воздухот се активираат тешки метали, кои, за жал, не согоруваат со експлозијата туку во контакт со воздухот, тие создаваат гасови и чад како јаглероден диоксид, јаглероден моноксид и нитроген. А доколку сте запознаени со загадувањето, ќе можете да препознаете дека овие хемиски супстанции всушност се едни од главните одговорни гасови за климатските промени. При експлозија, овие метали остануваат и ги загадуваат воздухот и водата. Кога се вдишуваат, може да предизвикаат сериозни краткорочни и долгорочни последици по човековото здравје, како што се повраќање и дијареја, астма, бубрежни болести и различни видови канцер.
И секако, како шлаг на тортата, не смее да изостане ниту фактот што купувањето петарди од разни препродавачи, директно е придонес кон којзнае какви криминални организации што својот бизнис го финансираат преку продажбата на нелегални производи меѓу кои се и петардите. Со секоја купена петарда, вие давате свој придонес во растењето на сивата економија..
Па откако ги набројавме сите негативни ефекти од пиротехниката, дали и годинава ќе се осмелите да ги користите?