Правото на самоопределување е јасно дефинирано во меѓународното право и етаблирано од страна на Обединетите нации. Таму јасно стои дека секоја земја има право на самоопределување и тоа право е над сите други и не може да биде загрозено по која било основа. Дури и некогашните колонијални земји имале право самите да го изберат името на својата држава
Сите реферирања со цитати и полуцитати на наслови од светски афирмираната литература, како и на мисли од докажани интелектуалци во текстови поврзани со политичкиот процес што ѝ се случува на Република Македонија по потпишувањето на спогодбата од Мала Преспа, може да се оправда како обид да се пронајде некаква логичка врска со нечие претходно животно и општествено искуство, од кое може да се претпостави некаква законитост во случувањата што треба да доведат до посакуваниот излез од ситуацијата. Веројатно и овој текст, кој алудира на насловот на романот „Неподнослива леснотија на постоењето“ од Милан Кундера (еден од светските интелектуалци, потписник на отвореното писмо со аргументи против спогодбата од Мала Преспа), може да се стави во „кошот“ на оние што бараат излез во бавната логика на основните принципи на постоењето, додека како искушение секојдневно и прегласно се наметнува брзата одлука за фаќање чекор со иднината, по цена на откажување од сопствениот идентитет и правото на самоопределување. Како ироничен демант на сето мудрување и барање на филозофско решение за еден апсурден и наметнат политички проблем во кој влогот е постоењето на нацијата, се наметнува логиката на еден собраниски пратеник од владејачкото мнозинство, кој во ТВ-дебата, сосема искрено изјавува: „Чуму ми е идентитетот, ако немам пари?“. Поедноставено до вулгарност, но се чини дека сите ветувања и убедувања на потписниците на спогодбата од Мала Преспа за националните придобивки од овој акт се сведуваат токму на таквото разложување на дилемите на прости чинители! И крајниот резултат на толкувањата на суштината и стапиците на сите членови и обврски од спогодбата потпишана во Нивици, на 17 јуни, годинава, може да се сведе на таа реплика – чуму ми е идентитетот, ако немам пари. Водени од таквата логика, за која нејзините следбеници се убедени дека е единствено и неизбежно логична, „неудобноста“ на идентитетот и правото на самоопределување со неподнослива леснотија го нудат како трампа за „пари“, односно поубаво кажано како „влог за иднината во ЕУ и во НАТО“. Каков ли апсурд на идентитетот да се гледа како на трговска стока со која некој може да тргува?
Досега ниту светската историја ниту практикувањето на меѓународното право не се соочиле со таков каприц на меѓународно ниво – барање за преименување една држава, ревидирање на историјата на таа држава, дури и контрола на изразување на себеидентификацијата
Обидот за посегнување по мудроста од искуствата и знаењето на другите и „попаметните“ во разумно надминување на неразумниот спор што Република Македонија го има со Република Грција веќе 27 години, уште од нејзиното осамостојување, резултира сепак со преседан во форма на спогодбата од Мала Преспа, зашто досега ниту светската историја ниту практикувањето на меѓународното право не се соочиле со таков каприц на меѓународно ниво – барање за преименување една држава, ревидирање на историјата на таа држава, дури и контрола на изразување на себеидентификацијата. Правото на самоопределување е јасно дефинирано во меѓународното право и етаблирано од страна на Обединетите нации. Таму јасно стои дека секоја земја има право на самоопределување и тоа право е над сите други и не може да биде загрозено по која било основа. Дури и некогашните колонијални земји имале право самите да го изберат името на својата држава. Потоа тоа било проширено на народите што се во ситуација на окупација. Меѓутоа, во спорот за името меѓу Македонија и Грција не станува збор ниту пак за колонијален или параколонијален контекст.
Македонија е суверена, независна и демократска држава, етаблирана во семејството на држави и признаена под уставното име од повеќе од 140 држави.
Оттаму новонастанатата ситуација со спогодбата со Грција е збунувачка дури и за истакнати експерти, кои се прашуваат дали ако некогаш спорот за името стигне пред релевантни судски инстанци, може да се замисли Грција да се повика на некакво културно право врз тоа име. Дали навистина може да го бара името Македонија како дел од нејзината национална култура, дали тоа би можело да биде оправдано?
Таквата збунетост на странските експерти, предизвикана од самиот преседан во односите меѓу Македонија и Грција, може веднаш да биде отстранета со повнимателно читање на спогодбата од Мала Преспа. Имено, според одредба од таа спогодба, Грција има целосно право да ја тужи Македонија пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг (тело на Обединетите нации), дури и ако само се посомнева дека во земјата се прекршува некој од членовите на договорот од Нивици. Дури и за банален случај, кој на Грција може да ѝ „замириса“ на иредентизам, како на пример користење на македонската верзија на топоними, кои сега припаѓаат на територијата на Грција. За парадоксот да биде уште поизразен, Македонија веќе има една пресуда во своја корист, токму од истиот суд во Хаг, чија одлука беше игнорирана од меѓународните организации, а со спроведување на спогодбата од Мала Преспа, би станала ништовна.
Упорноста на пловење врз бранот на неподносливата леснотија на спроведување на спогодбата од Мала Преспа, продолжува и по референдумот на кој граѓаните не излегоа да се изјаснат во законски предвидениот услов за нејзино прифаќање. Од друга страна, речиси 37 отсто од оние што се одзваа да одговорат на прашањето „дали сте за влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција,“ со мнозинство од 91 отсто се изјаснија со „за“. Иако тоа создаде контрадикторно толкување на постреферендумскиот исход во општеството, сепак Владата се одлучи да поднесе предлог до Собранието за пристапување кон уставни промени… Процесот е стигнат до расправа на пленарна седница во Собранието и сѐ уште е неизвесно двотретинското мнозинство за усвојување на измените во Уставот… Ако нема мнозинство, ќе се оди на вонредни избори… Политичките пазарења во духот на „идентитет за пари“, „амнестија за мнозинство“… се искажуваат и од собраниската говорница… Природно и со неподнослива леснотија од говорницата се тркалаат националниот идентитет и достоинството!