Макрон го искористи настапот пред Конгресот за да упати критики и да предупреди на опасноста од трговската војна, која ја почна токму Трамп, воведувајќи царини и тарифи за кинески производи, и заканувајќи се со исти мерки и за извозот од ЕУ. На светот му треба слободна и фер трговија. Комерцијалната војна ќе ги уништи работните места, а средната класа ќе мора да плати за тоа, предупредува Макрон
Францускиот претседател Емануел Макрон ја заврши посетата на САД, која, слободно, може да се оцени како историска. Макрон разговараше „долго и широко“ со американскиот домаќин Доналд Трамп. Покрај позирањето пред љубопитните медиуми, меѓусебните пофалби и чистењето првут од рамената, двајцата лидери покрија повеќе глобални теми, од чиј исход зависи иднината на планетата. Па, така, во фокусот на брејнстормингот на Макрон и на Трамп беа иранскиот нуклеарен договор, американскиот ангажман во Сирија по триумфот над тамошните џихадисти, климатските промени и последно, но не и најмаргинално, заканите на Вашингтон за царини на увозот од ЕУ…
Еден куп теми и главоболки за двајцата лидери, гласници на Западот од двете страни на Атлантикот. Но, за разлика од домаќинот, чиј „инает“ на меѓународно ниво не е ништо ново, на прв поглед може да се каже дека Макрон со главоболки замина назад за Париз. Многумина очекуваа, а можеби и наивно се надеваа, дека мисијата на Макрон во Вашингтон е да го разубеди Трамп, да го омекне неговиот став за некое од овие горливи прашања. Заедничката прес-конференција, како и коментарите на Трамп, покажаа дека францускиот лидер не успеа во мисијата. Американскиот претседател не беше разубеден. А рака на срце, и немаше лесна задача. Па, така, гледано низ оваа призма, посетата на Макрон може да се оцени како неуспешна…
Но (раз)убедувањето на Трамп очигледно беше само една рунда од посетата на шефот на француската држава. Во втората рунда, со својот маестрален говор пред американскиот (републикански) Конгрес, Макрон едноставно триумфира. Тој силно распали по политиката и тактиката на Трамп, кои ексцентричниот милијардер го донесоа на власт во Вашингтон. Макрон упати жесток, исполнет со француска страст, повик за одбрана на демократијата, слободата, толеранцијата, човековите права и меѓународната соработка. Европеецот жестоко ги критикуваше национализмот и изолационизмот. Теми што исто така се омилени на претходниот станар на Белата куќа, Барак Обама.
Макрон упати жесток, исполнет со француска страст, повик за одбрана на демократијата, слободата, толеранцијата, човековите права и меѓународната соработка. Францускиот претседател во Вашингтон вешто прикажа визија за светот, која слободно може да се опише како противотров, еден европски серум
за ставовите и претставите за светот на Трамп
Масовната дерегулација и екстремниот национализам нема да ги решат проблемите со нееднаквоста создадени од глобализмот. Не ја споделувам фасцинацијата за новите моќни сили, напуштањето на слободата и илузијата на национализмот. Ние можеме да избереме изолационизам, повлекување и национализам – и тоа е опција. Може да нѐ искушува како привремен лек за нашите стравови. Но затворањето на вратата за светот, нема да ја спречи еволуцијата на светот, ќе порача Макрон во моќниот говор пред Конгресот, доминиран од републиканците, кои, освен мали исклучоци, му даваат поддршка на претседателот Трамп, кој, пак, често ги игнорира и негира овие вредности.
Макрон го искористи настапот пред Конгресот за да упати критики и да предупреди на опасноста од трговската војна, која ја почна токму Трамп, воведувајќи царини и тарифи за кинески производи, и заканувајќи се со исти мерки и за извозот од ЕУ.
На светот му треба слободна и фер трговија. Комерцијалната војна ќе ги уништи работните места, а средната класа ќе мора да плати за тоа, предупредува Макрон.
Говорот на Макрон, одржан точно 58 години по настапот на тогашниот француски лидер Шарл де Гол пред американскиот Конгрес, е една моќна одбрана на нападнатите вредност на Западот. Тој успешно ја искористи својата посета на Вашингтон, центарот на американската политика, за да укаже на ургентноста за заштита на западните вредности и европското единство. Макрон вешто прикажа визија за светот, која слободно може да се опише како противотров, еден европски серум за ставовите и претставите за светот на Трамп. Ваквите пораки ја турнаа во сенка неуспешната мисија за разубедувањето на шефот на Белата куќа. Затоа, претседателот Макрон заслужува чиста петка.