Патот низ заплетканите бирократски ходници и, по сѐ изгледа, смислено усложнетите процедури, обично завршува не кога ќе се исполнат сите законски предвидени услови, туку кога ќе се пронајде одговор на прашањата кому и колку треба да му се даде. Корупцијата не само што не исчезнува туку и не се намалува до некои подносливи граници. Напротив, таа преживува со невидена отпорност, станува начин на живеење, општествено прифатлива појава, па дури и како да постои тенденција за нејзино официјализирање
Кому и колку се прашањата што најчесто се поставуваат при потрага по работно место во престижниот јавен сектор, при обидите за решавање на здравствените проблеми, за пензионирање, за посвојување дете, за добивање разни дипломи, сертификати, дозволи, стипендии, субвенции, тендери… Патот низ заплетканите бирократски ходници и, по сѐ изгледа, смислено усложнетите процедури, обично завршува не кога ќе се исполнат сите законски предвидени услови, туку кога ќе се пронајде одговор на прашањата кому и колку треба да му се даде. Тоа го покажуваат извештаите на сите релевантни домашни и меѓународни фактори, а во секојдневниот живот се чувствува на секој чекор.
Навистина е тешко да се негува некаква надеж оти справувањето со корупцијата воопшто е можно, во услови кога оние што се најповикани да ги активираат ’рѓосаните механизми за лоцирање и за санкционирање на генераторите на појавата што ја пустоши државата, си дозволуваат изјави што упатуваат на очигледно селективниот пристап, незаинтересираноста и немањето волја сериозно да се пристапи кон борбата против корупцијата
Иако, за волјата на вистината, корупцијата не е автентичен македонски производ, таа со својата застапеност во овдешниот систем одамна ги надминува дури и земјите што се сметаат за нејзините татковини. И откога во соседните држави во кои се зборуваат јазиците со падежен систем почнаа да тераат мајтап со таканаречениот коруптив, како „најнов падеж“ во тамошните јазици, дежурните шегобијци во Македонија, овој пат, веројатно го почувствуваа хендикепот од немањето падежи во македонскиот јазик. Сепак, вреди да се потсети дека во македонскиот јазик има мал број остатоци од поранешните старословенски падежи, односно падежни остатоци од вокативот и од акузативот, за кои упатените ќе речат дека поради постоењето на други форми, веќе исчезнуваат, за разлика од корупцијата, која не само што не исчезнува туку и не се намалува до некои подносливи граници. Напротив, таа преживува со невидена отпорност, станува начин на живеење, општествено прифатлива појава, па дури и како да постои тенденција за нејзино официјализирање.
Особено по неодамнешната изјава на министерката за правда Рената Дескоска дека „прочистувањето на корупцијата е најзначајниот процес во државата“. Дали да се надеваме оти тоа е само уште една во бесконечната низа несреќни и, што би рекол еден мој поискусен колега, „без грам мозок“ склепани изјави во владиниот кабинет и дека министерката не мисли сериозно да ја „прочистува“ корупцијата? Се прочистува нешто, за што постои убедување дека сепак има некакви здрави основи, каде што може лошото да се отстрани од доброто, непосакуваното од посакуваното, неприфатливото од прифатливото. Или министерката сака да ни каже оти постои нешто здраво, добро, прифатливо и посакувано во корупцијата за таа да се „прочистува“? Можеби „нашата“ и „нивната“ корупција? И едната е прифатлива, а другата не? А можеби токму тука лежи и одговорот на сите обиди за минимизирање на одговорноста за коруптивни афери во кои се инволвирани претставниците на актуелната власт и на настојувањата на секоја од нив да се одговори со контраафери, така што корумпираноста на сегашните структури невешто се правда со корумпираноста на претходните?
По сите овие, и голем број други дилеми, навистина е тешко да се негува некаква надеж оти справувањето со корупцијата воопшто е можно, во услови кога оние што се најповикани да ги активираат ’рѓосаните механизми за лоцирање и за санкционирање на генераторите на појавата што ја пустоши државата, си дозволуваат изјави што упатуваат на очигледно селективниот пристап, незаинтересираноста и немањето волја сериозно да се пристапи кон борбата против корупцијата. Останува само да се запрашаме дали и овој проблем треба да го решаваат странци? Не да ја „прочистуваат“ туку да ја исчистат корупцијата, како што ни го чистат ѓубрето. Или како што ни ги решаваат меѓуетничките односи во земјава и односите со соседните земји.